Фото: МИА

Протестот пред Универзитетот во Виена, организиран во рамки на меѓународниот младински штрајк против војните, милитаризацијата и капитализмот, заврши со обид на демонстрантите да блокираат улици, што полицијата набргу го спречи.

Како што пренесе специјалниот известувач на МИА од Виена, уште од претпладнето пред Универзитетот се слушале пароли како „Една опција – револуција!“, „Младинска иднина, социјализам“ и „Палестина ќе биде слободна“.

Дел од демонстрантите се обиделе да влезат во универзитетската зграда, но биле запрени од полицискиот кордон. Неколку лица биле приведени, а полицијата употребила и бибер-спреј за да ја растера толпата.

На протестот, покрај знамињата со пораки за младинска борба, бил поставен и штанд на Револуционерната комунистичка партија. Меѓу паролите што ги извикувале учесниците биле и „Одземете им на богатите, вооружете ги сиромашните“ и „Социјалната правда значи граѓанска војна“.

Младинскиот штрајк е дел од европскиот ден на акција, кој денеска се одржува во повеќе од 25 европски земји. Средношколците и студентите се повикани да ја прекинат наставата и да излезат на улиците под мотото „За нашата иднина, против нивните војни“.

За попладнево е најавен и протест на плоштадот Кристијан-Брода, под мотото „Стоп за повторното вооружување на Европа“.

Организаторите и учесниците се против плановите на Европската Унија за повторно вооружување, вредни 800 милијарди евра. Тие предупредуваат дека зголемувањето на воените буџети ќе доведе до пренасочување на јавните средства од потребите на граѓаните.

Наместо вложување во оружје и одбранбени капацитети, младите бараат милијардите од државните буџети да се насочат кон образованието, климатската заштита, социјалната сигурност и достапното домување. Дополнително, бараат почитување на уставно загарантираната неутралност на Австрија и предност на мирната дипломатија пред воената ескалација.

Протестот е организиран од коалиција на студентски сојузи, климатски активисти и организации на граѓанското општество. Меѓу нив се „Стоп за повторното вооружување на Европа – Австрија“, „Атак Австрија“, „Петоци за иднината на Австрија“, Австрискиот студентски сојуз и младинското движење „Генерација Зет“.

Ова е трет младински протест во Виена од мај годинава, а организаторите очекуваа поголема посетеност во споредба со претходните два собира.

Во мај, речиси 40.000 луѓе протестираа по најавата на австриската влада за намалување на финансирањето на јавните универзитети во периодот од 2028 до 2030 година. Собирот беше организиран под слоганот „Спасете ги универзитетите“.

На 22 октомври, пак, илјадници луѓе излегоа на улиците на Виена барајќи поголемо финансирање на универзитетите и противејќи се на планираното намалување од 10 проценти на средствата за високото образование и истражувањето. Според организаторите, на тој протест учествувале околу 20.000 луѓе.