Фото: Пиксабеј

Русија започна со клиничка употреба на пептидната вакцина „Онкопепт“, наменета за лекување на рак на дебелото црево, соопшти заменик-директорот на Федералната медицинско-биолошка агенција, Игор Борисевич.

Како што пренесува РИА Новости, Борисевич информирал дека вакцината, која се базира на неоантигени специфични за туморските клетки на секој пациент, е развиена, регистрирана и веќе влезена во клиничка употреба.

Тој посочил дека во моментов е во тек процесот на регрутирање пациенти кои ќе ја примаат терапијата.

Првите пациенти ја примиле вакцината „Онкопепт“ во март. Таа е наменета за возрасни пациенти со рак на дебелото црево кои биле подложени на операција и претходно примиле најмалку две линии системска хемотерапија.

Според директорката на Федералната медицинско-биолошка агенција, Вероника Скворцова, досегашното следење на вакцинираните пациенти не покажало сериозни несакани ефекти, а терапијата предизвикала очекуван имунолошки одговор.

Вакцината е персонализирана, што значи дека се развива врз основа на специфичните карактеристики на туморот кај секој пациент, со цел имунолошкиот систем да ги препознае и нападне клетките на ракот.