Американскиот претседател Доналд Трамп, во последниот предизборен говор пред денешното гласање за Конгресот на САД, ги оцени среднорочните избори како најважни „во нашите животи“. Изборите ќе ја одредат контролата врз Конгресот до крајот на неговиот мандат во Белата куќа, јави ДПА.
Трамп предупреди дека актуелните претседатели вообичаено не победуваат на среднорочните избори, во обид да ги ублажи очекувањата, иако истакна дека неговата администрација вложила значителни напори.
Американскиот претседател повторно упати критики кон своите демократски противници, нарекувајќи ги екстремисти. Тој тврдеше дека Демократската партија ја номинирала „најекстремната и најопасната листа на кандидати во историјата на САД“.
Значителен дел од говорот Трамп посвети на градежните проекти во Вашингтон. Тој ги повтори и плановите за изградба на триумфална капија, која, според него, би била „поубава“ од Триумфалната капија во Париз. Проектот веќе предизвика правни спорови.
Милиони американски гласачи денеска ќе излезат на гласачките места на среднорочните избори за Конгресот, кои се сметаат за оценка на досегашното работење на Трамп. Значителен број граѓани веќе го искористиле правото на предвремено гласање.
Среднорочните избори се оценуваат како најскапи во историјата на САД. Контролата врз Претставничкиот дом и Сенатот е во фокусот на изборната трка, а исходот ќе влијае врз политичката позиција на администрацијата во преостанатиот дел од мандатот.
































