Предлогот на бугарскиот премиер Радев за единствен учебник како повод

  • Отпорот на бугарската академска јавност кон предлогот на бугарскиот премиер Румен Радев за единствен учебник ја отвори дилемата дали принципите на академската слобода и плурализмот важат еднакво и во односот на Бугарија кон македонската историја и идентитет

Предлогот на бугарскиот премиер Румен Радев за воведување единствен учебник по историја, заедно со бугарски јазик, како и заедно со литература и други хуманистички предмети отвори жестока дебата во Бугарија, со што дел од најугледните бугарски историчари и научници предупредуваат дека со ваквиот концепт, како што велат, „државата се обидува да воспостави монопол врз историското толкување“. Дел од научниците и некои историчари велат дека овој предлог на Радев претставува „ризик за академската слобода, плурализмот и критичкото размислување“…

Една (не)вистина, еден учебник и „прв чекор кон диктатура“

Реакцијата на некои од бугарските академици е интересна не само поради внатрешнополитичките последици во Бугарија туку и поради „контрастот што се појавува во односот кон македонското прашање“.
– Додека тамошната академска јавност денес предупредува дека еден учебник може да стане инструмент за политичка контрола врз историјата, многумина од истите научни кругови со години учествуваат или премолчено поддржуваат наративи што ја негираат самобитноста на македонската историја, јазик и национален развој – оценуваат наши соговорници, професори, кои будно ги следат настаните во врска со ова прашање, како и внатрешните реперкусии во бугарската, но и во регионалната јавност, особено во однос на македонското прашање, за кое актуелните негаторски и денационалистички политики на Софија имаат подолг временски континуум.
Според критичарите на иницијативата на Радев, односно тоа се повеќе интелектуалци од Бугарија, „создавање единствен учебник значи и единствено дозволено толкување на минатото“. Во еден таков контекст, академикот Иван Илчев предупреди дека задолжителниот учебник би бил „прв чекор кон диктатура“, додека историчарите од Софискиот универзитет и Бугарската академија на науките посочуваат дека „вакви модели се карактеристични за авторитарни и тоталитарни режими, кои наметнуваат официјална државна вистина“.

Дволичност на бугарската академска јавност кон историјата

Но токму тука се отвора едно суштинско прашање. Ако единствената дозволена интерпретација на историјата е опасна за бугарското општество, зошто не е опасна кога станува збор за Македонија? Зошто „едни единствени историски креации за Македонија искреирани од страна на Софија да важат како единствен историски, културен и јазичен наратив, онака како што си ги интерпретира Бугарија?!“
– Тоа е лицемерство. Тоа е двоен стандард. А тоа е и невистина, лага и ревизија на историјата – вели наш соговорник, универзитетски професор.
Тој додава дека во изминатите години, официјална Софија инсистираше на однапред дефинирани историски заклучоци како предуслов за македонските евроинтеграции.
– Наместо научна дебата и слободна историска интерпретација, беше наметнат политички процес во кој наметнуваше еден наратив во кој одредени историски личности, настани и процеси добија однапред пропишана национална етикета!? Во таква атмосфера, историјата престанува да биде научна дисциплина и се претвора во алатка за политички притисок врз соседите – вели професорот, со голема доза интелектуален револт кон необјективниот пристап на „божем врвни интелектуалци од Бугарија“.
Професорот го нагласува и парадоксот поврзан со предупредувањата на бугарските интелектуалци.
– Парадоксално е што денес бугарските интелектуалци предупредуваат дека државата не смее да ја пропишува вистината преку единствен учебник, а истовремено дел од нив со години ја бранат тезата дека за Македонија постои САМО ЕДНО дозволено толкување на минатото!? Со други зборови, она што го сметаат за недозволиво во Бугарија, честопати го прифаќаат како легитимно кога се работи за македонскиот историски наратив – издвојува професорот и наш соговорник, кој се обидува во јавноста поедноставно да ги формулира и да ги објасни недоследностите што потекнуваат од Бугарија.
Предлогот на Румен Радев затоа не е само образовна реформа. Тој е симптом на поширок процес во кој политиката настојува сè повеќе да навлегува во сфери што би требало да останат домен на науката и академската автономија. Кога државата одлучува што е „единствената“ вистина за историјата, следниот чекор е таа да почне да одлучува и што е единствената вистина за идентитетот, јазикот и колективната меморија.

Дебата што се протега и надвор од границите на Бугарија

Токму затоа дебатата што денес се води во Бугарија има значење и надвор од нејзините граници. Таа покажува дека дури и во самото бугарско општество расте стравот од обидите политиката да стане врховен арбитер на минатото.
– Како професор, и историчар, би сакал да истакнам дека историјата учи дека секојпат кога власта се обидува да создаде една вистина за сите, првата жртва е науката, а веднаш потоа и слободата! Во еден таков контекст, отпорот на бугарските академици кон проектот за единствен учебник е добредојден и оправдан. Но нивната борба за научна објективност ќе биде навистина убедлива само тогаш кога истите принципи ќе ги применуваат и кон Македонија, признавајќи дека историјата не е политичка сопственост на ниту една држава и дека идентитетот, јазикот и историското паметење не можат да се пишуваат по нарачка на дневната политика – поентира нашиот соговорник, универзитетски професор по историја. Д.Ст.