За неколку интересни реакции во бугарската академска јавност во врска со бугарско-грчката размена со историски артефакти

  • Додека бугарски интелектуалци, научници и јавни личности го оспоруваат договорот со кој Софија ѝ предаде на Атина 53 културни предмети во замена за остатоци од базиликата „Св. Ахил“, поранешниот ректор на Софискиот универзитет, Иван Илчев, предупредува дека „Софија со овој потег ѝ дава одврзани раце на Македонија да ги бара илјадниците документи што денес се чуваат во бугарските историски архиви“ во врска со историјата на Македонија и Македонците. Зошто поранешниот ректор на Софискиот универзитет, Иван Илчев, стравува историските документи од бугарските архиви да ја видат светлоста на денот?

Дел од бугарската академска и интелектуална јавност остро реагира на договорот меѓу Бугарија и Грција, со кој Софија ѝ предаде на Атина 53 културни предмети, а за возврат доби остатоци поврзани со базиликата „Св. Ахил“ на Преспанско Езеро. Критичарите на договорот сметаат дека станува збор за правно спорен, научно неоснован и политички штетен потег, кој може да произведе далекосежни последици за бугарските национални интереси. Зошто?
– Меѓу најгласните критичари е бугарскиот историчар и поранешен ректор на Софискиот универзитет, Иван Илчев, еден од најпознатите бугарски експерти за балканската историја и член на Бугарската академија на науките. Во јавна реакција, Иван Илчев предупредува дека ваквиот договор не е само прашање на културно наследство туку носи и сериозни политички импликации – анализира наш соговорник, историчар.
Тој додава дека поранешниот ректор на Софискиот универзитет, Иван Илчев, жестоко реагира поради тоа што „бугарските власти со оваа размена ја отвораат Пандорината кутија и создаваат преседан што може да доведе до нови барања за враќање историски материјали“.
– Овој човек не сфаќа дека ја отвора Пандорината кутија и ѝ дава одврзани раце на С. Македонија да ги бара илјадниците документи во БИА и во други архиви, донесени во Бугарија од бегалци – наведува професорот Илчев во својата изјава.

Реакции и од група научници, историчари и јавни личности од Бугарија

Јавно изразениот став на поранешниот ректор на Софискиот универзитет, Иван Илчев, доаѓа во време кога во Бугарија се засилуваат критиките кон процесот со кој беше реализирана размената на артефакти со Грција. Група бугарски научници, историчари, општествени дејци и јавни личности во протестно писмо изразија сомнежи во врска со „законитоста и транспарентноста на целиот процес“. Според нив, јавноста не била доволно информирана за карактерот и содржината на размената, а дел од предадените предмети немале директна врска со манастирите за кои грчката страна побарала реституција. Во писмото се посочува и дека постојат сериозни сомнежи дали со ваквата постапка биле испочитувани меѓународните обврски што произлегуваат од договорот Моллов-Кафандарис од 1927 година, кој ги регулирал прашањата поврзани со имотите и последиците од размената на население меѓу Бугарија и Грција.
– Исклучително е интересно што оваа група научници од Бугарија предупредува дека „со прифаќањето на принципот на размена на културни и историски артефакти Софија ризикува да се соочи со дополнителни барања и од други држави и од други институции“, се разбира првенствено алудирајќи на Македонија, затоа што ја става Македонија да испорача барање, по истиот принцип, како и Грција, на документи со извонредна и суштинска важност за историографијата поврзана со Македонија, при што би се откриле многу фалсификати што бугарската политика и режимски историчари ги направиле, креирајќи национален бугарски наратив, кој е многу далеку од реалната, вистинска историска граѓа и архиви. И сето тоа на штета на македонизмот, македонскиот засебен супстрат и на Македонците – вели нашиот соговорник, историчар.
Токму затоа изјавата на Иван Илчев привлече особено внимание, бидејќи за првпат од висок академски круг јавно беше посочено дека договорот може да отвори простор и за македонски барања поврзани со архивската граѓа, документите и историските материјали што денес се чуваат во бугарски институции.
– Да се разбереме. Поранешниот ректор на Софискиот универзитет, Иван Илчев, жестоко реагираше не затоа што не се согласува со актуелните бугарски официјални нихилистички политики кон македонскиот народ, јазик и историја, туку напротив, за да ги заштити истите тие политики на негаторство, спречувајќи оригинални документи од бугарските архиви да излезат на виделина во врска со македонизмот, настани од историјата и личности за кои се примениле методите на ретуширање, ревизија и фалсификати – истакнува соговорникот.
Додека бугарската влада го претставува договорот како чин на историска правда и културна соработка со Грција, дел од бугарската интелигенција предупредува дека цената на таквиот потег може да биде значително повисока од очекуваното. Според нив, наместо да затвори едно историско прашање, договорот ризикува да отвори цела низа нови спорови околу идентитетот, сопственоста, реституцијата и правото на историско наследство на Балканот. Д.Ст.