Франција ги преиспитува причините за радикализацијата на протестите
- Француските социјални движења генерално беа помирни во текот на изминатиот век, додека во последната деценија судирите повторно се
повторуваат и се интензивираат. Овој тренд поттикнува прашања за методите на протест и за одговорот на властите
Од протестите против Законот за труд во 2016 година до движењето „Жолти елеци“ во 2018 и грабежите и вандализмот видени на 17 октомври годинава, судирите станаа повторлива карактеристика на демонстрациите во Франција. Овој феномен е дел од подлабок тренд, при што во текот на еден век, историјата на француските социјални движења открива постепена „пацификација“ на протестите и нивната репресија.
– Треба да ја разбереме еволуцијата на насилството на долг рок. На крајот на 19 век и почетокот на 20 век, конфронтациите меѓу работниците и органите за спроведување на законот можеа да резултираат со смртни случаи – предупредува Ерик Агриколиански, предавач и истражувач по политичка социологија на Универзитетот „Париз-Дофин“.
Оваа еволуција беше особено заснована на структурирањето на работничкото движење и подемот на колективните организации „кои помогнаа да се насочи насилството“, објаснува Жулиен Талпин, политиколог во Францускиот национален центар за научни истражувања. Според него, повторното појавување на судирите во рамките на општествените движења во текот на изминатата деценија е неразделно поврзано со слабеењето на посредничките тела. Ова слабеење трае веќе некое време, но се забрза за време на двата претседателски мандата на Емануел Макрон.
Растечко незадоволство од политичката немоќ
На ова се додава растечкото чувство на политичка немоќ. Референдумот од 2005 година за Европскиот уставен договор, Граѓанската конвенција за климата, Големата национална дебата, пензиската реформа, петицијата против Законот Дупломб (за користењето на пестициди во земјоделството)… Толку многу епизоди без политички исходи што го поттикнаа впечатокот дека традиционалните форми на учество на демонстрациите повеќе не дозволуваат влијание врз јавните одлуки.
– Можеме да размислиме и за изборните форми на учество. Кога сите патишта за изразување се затворени, голем број граѓани заклучуваат дека единствениот начин да се создаде рамнотежа на моќ и да се биде слушнат е да се биде насилен – анализира Жулиен Талпин во француските медиуми.
Ваквата перцепција е засилена од движењето „Жолти елеци“. По насилството и грабежите на Шанзелизе во декември 2018 година, претседателот Емануел Макрон објави мерки во вкупен износ од 10 милијарди евра, зајакнувајќи ја идејата дека конфронтацијата може да постигне повеќе од традиционалните демонстрации.
– Со децении во нашата земја не беше потребно да се биде насилен за да се биде слушнат и да се отворат простори за преговори. Ова значително се промени во последните години – забележува Талпин, иако корелацијата помеѓу насилството и владините отстапки не е систематска.
Ниту немирите од 2023 година, по смртта на Нахел Мерзук, убиен од полицаец во Нантер (Горна Сена), не доведоа до значајни финансиски мерки за работничките средини.
– Одговорот на владата во суштина беше фокусиран на безбедноста – истакнува Жилиен Талпин.
Додека сликите од судири и вандализам се сè поизразени во известувањето за протестите, Ерик Агриколиански повикува да се направи разлика помеѓу видливоста на насилството и неговото вистинско интензивирање.
– Не сум видел пораст на поопасни тактики на протест. Логиката на конфронтацијата е мошне ритуализирана. Ги знаат полициските сигнали, знаат кога ќе нападнат и кога да се повлечат за сопствена безбедност. Тоа е поконтролирана игра на вознемирување отколку толпа средношколци што никогаш не се сретнале со полицијата и не разбираат што се случува кога полицијата за немири ги издава стандардните предупредувања пред да нападне – вели тој, опишувајќи ги судирите.
Сепак, Жилиен Талпин забележува значително поместување на целите на народниот гнев, со повеќе напади врз јавни згради, како што е градското собрание во Лимож минатата сабота.
– Ова кажува нешто за степенот на радикализам и мотивација на демонстрантите. Јасно е како, во последниве години, цел на чувствата на неправда беше државата, многу повеќе отколку економските актери – анализира тој.
Жан-Кристоф Куви, национален секретар на полицискиот синдикат УН1ТЕ, повикува на преиспитување на методите за контрола на толпата.
– Не можеме да кажеме дека рацете нема да ни треперат од едната страна, а од другата да покажеме емпатија и тактичност. Тие доаѓаат да се борат; тие се подобро опремени од нас. Не можеме само да стоиме на едно место и да чекаме да бидеме гаѓани со камења како што видовме, тоа не е можно. Мораме да преминеме во офанзива – се жали тој, осврнувајќи се на упатствата дадени на полицајците и жандармите.
Овој повик за цврст став илустрира друга димензија на кризата, на растечките тешкотии со кои се соочуваат органите за спроведување на законот во одржувањето на контролата, без да предизвикаат понатамошни конфронтации. Сепак, социолозите и членовите на полицискиот синдикат се согласуваат дека централното прашање останува капацитетот на институциите да одговорат на гневот изразен на улицата.
Чувство на авторитарно поместување на властa
Францускиот претседател Емануел Макрон по состанокот на Советот за безбедност на 22 октомври изјави дека барањата за демонстрации поднесени од „луѓе што немаат легитимитет“ ќе бидат забранети. Два дена подоцна, разновидното општествено движење што ја тресе Франција веќе еден месец организираше нов чин на мобилизација, собирајќи средношколци, студенти, работници, синдикати и жолти елеци на улиците на Париз и неколку други француски градови.
Една недела по шокот од демонстрациите на 17 октомври, кои резултираа со насилни судири со органите за спроведување на законот, грабежи и други акти на вандализам, министерот за внатрешни работи Лоран Нуњез вети дека ќе биде „бескомпромисен“, благодарение на „исклучително значајното“ распоредување на безбедносни сили.
Вкупно 70 илјади полицајци и жандармери беа распоредени низ целата земја за да управуваат со различните демонстрации, покрај оклопните возила, водните топови, хеликоптерите и специјализираните единици (РАИД, ГИГН, БРИ). Масовно распоредување, многубројните полициски контролни пунктови и промената на локацијата на протестот во последен момент оставија впечаток дека „народниот бунт“ е невидлив. Разговарајќи со учесниците на демонстрациите, повеќемина изразија загриженост за „авторитарна промена“, исто така поради зголемениот број забрани за демонстрации. Медиумите известија за присуство на 800 илјади демонстранти низ целата земја на 24 октомври, ист број како и претходната недела, и покрај тоа што неколку забрани за демонстрации беа во сила, особено во Бордо, Лион и во Нант. Сепак, Министерството за внатрешни работи, пак, евидентира 410 илјади демонстранти.
Тони Гламчевски, наш постојан дописник од Франција
































