Дали 2001 година беше крај на оружената борба на УЧК или моментот кога пушката се замени со свилената вратоврска? ОВК не исчезна со нејзината „демобилизација“ по бомбардирањето туку се преобрази во политички блок и „горска служба“ преку КЗК на Косово, во незаобиколен политички чинител во Македонија и во еден од клучните соговорници во политичкиот дијалог со српските власти во Прешевската Долина. Но прекуноќ не исчезна ни големата национална кауза, замислена уште во „енверистичките“ почетоци на организацијата и отсонувана преку веселата политичка географија типична за балканските националистички радикали. Клучната 2001 година го означи крајниот дострел на говорот на оружјето и ги одложи „чизмите на таванот“. Дојде време за „долгиот марш низ институциите“ на УЧК и замена на воената тактика со политичките кампањи, односно да се прејде од калашников кон пенкало, од герила кон партија, а шумската заседа да се замени со административната синекура. Преоблекувањето на герилците на УЧК од маскирни униформи во скроени костуми беше само појавната слика на приказната. Суштинскиот дел се сосредоточи на освојувањето на стожерното место во политиката на етничките албански заедници во поранешна Југославија, вградувањето на митологијата за херојската борба на УЧК во заедничкото сеќавање на албанскиот народ, како и создавањето политичко опкружување за одржување во живот на националната идеја за етничко обединување. Но претходно УЧК мораше ја научи лекцијата дека калашниковот уште може да убива и да служи како закана, но дека веќе не може да создава нови политички факти на теренот, а ни да го одбрани веќе освоеното. Не е претерано да се заклучи дека без инерцијалниот момент од 1999 година, влезот на НАТО на Косово и овозможувањето простор за раскрилување на мрежите на УЧК, немаше да дојде до прелевање на кризата во јужна Србија и северозападна Македонија. Најголемата заблуда во македонската историографија е уверувањето дека конфликтот од 2001 година може да се објасни исклучиво преку односите меѓу Македонците и Албанците во самата држава. Всушност, Македонија беше само последното поглавје на еден регионален процес што започна во Косово во 1999 година и преку Прешевската Долина стигна до Тетово, Куманово и Скопје. Оттука, историскиот тек на настаните во оружениот дел на борбата на УЧК не може да се разбере без клучната алка од синџирот, а тоа е судирот помеѓу српските власти и Ослободителната војска на Прешево, Медвеѓа и Бујановац.
Дали Србија победи во Прешево затоа што конечно почна да ги голта најголемите жаби токму според досетката на тогашниот премиер Зоран Ѓинѓик? Што ако најголемата српска победа во 2001 година не беше враќањето на полниот суверенитет во Копнената зона на безбедност, туку прифаќањето на една политички неподнослива вистина: дека албанското прашање не може да се реши ниту со воена победа ниту со полициска контрола, туку само со политичка интеграција на најтврдокорните радикали од УЧПМБ што до вчера бараа распарчување на државата и со употреба на воени средства?
Една од клучните точки на Кумановскиот договор беше создавањето на Копнената зона за безбедност, зацртана како појас во длабина од пет километри од административната граница помеѓу Косово и остатокот од СР Југославија. На југословенските вооружени сили не им беше дозволено присуство во овој дел од земјата без експлицитна дозвола од командата на КФОР, што во суштина се сведуваше на НАТО. Дозволено беше само ограничено присуство на полицијата. Ослабувањето на српската контрола врз овој дел од територијата ги осоколи радикалите да ја повторат косовската епизода и таму. Според сѐ уште актуелна митологија на УЧК, нивното востание доведе до брутална реакција на српската држава на Косово што ја предизвика интервенцијата на НАТО и доведе до де факто губење на српскиот суверенитет врз тогашната покраина. Зошто тогаш да не се примени веќе испробаниот рецепт и во општините Прешево, Медвеѓа и Бујановац каде што живее дел од албанскиот народ, а подоцна и во Македонија? Така дојде до појава на нова герила под името Ослободителна армија на Прешево, Медвеѓа и Бујановац, со зацртана цел за обединување на овие три општини со Косово (подоцна ќе биде исфрлен и називот Источно Косово, кој не заживеа). Притоа, униформите, командниот кадар, модусот на дејствување, логистичките мрежи и преостанатите форми на поддршка беа целосно преземени од „демобилизираната“ УЧК. Поточно, УЧПМБ беше првиот обид за извоз на „моделот на УЧК“ надвор од Косово. ОВПМБ од 1999 година водеше судир со низок интензитет против српската држава, па во балканската политичка географија влегоа селата Добросин и Велики Трновац, како своевидни бастиони на новата герила. Останува дилемата дали УЧПМБ беа толерирани од КФОР (поточно од НАТО), како дел од политиката на западната алијанса за зголемување на притисокот врз режимот на Слободан Милошевиќ. Геополитичкиот момент беше уште поизразен затоа што загрозувањето на Прешевската Долина ќе значи прекин на клучниот европски коридор X, кој ја поврзува Грција со Западна Европа, а и Централна Европа со критичното солунско пристаниште.
Иако дејствува парадоксално, токму падот на Слободан Милошевиќ на 5 октомври 2000 година доведе до засилување на борбата на УЧПМБ. Ако целта на герилата била борба за политички права на Албанците загрозени од авторитарниот режим на Милошевиќ, тогаш неговото рушење требаше да отвори пат кон мирољубив и демократски договор за мир и замолкнување на оружјето. Но, всушност, токму спротивното се одигра на историската сцена. Во моментите кога Србија ја започна својата демократска преобразба, конфликтот во Прешевската Долина влезе во својата најопасна и најкрвава фаза. Главното толкување во историографијата и публицистиката е дека герилците сакаа „да го фатат последниот воз“ пред да дојде до целосна реинтеграција на српската држава во меѓународната заедница. Меѓутоа, постојат и гледишта дека справувањето со ОВПМБ било своевиден тест од Западот, односно од САД, НАТО и ЕУ, како новите српски власти ќе се справат со ситуацијата. Должно е да се напомене дека Србија се наоѓа во исклучително тешки политички премрежиња по 5 октомври 2000 година. Демократската опозиција на Србија нема никакво политичко искуство на управување со државата и не се снаоѓа баш најдобро со одговорностите на владеењето. Дополнителен проблем е и одржувањето во живот на претерано разнородната коалиција предводена од нималку усогласените водачи Воислав Коштуница и Зоран Ѓинѓиќ, со цела придружна дружина од мали „наполеони“ или барем „пашиќи“, самопрогласени „кисинџери“ и други национални стратези убедени дека српската историја токму нив ги избрала за спас на државата. Во такви услови тие треба да најдат излез од економскиот и социјалниот колапс, повторен влез на Србија во сите регионални европски и глобални институции, интеграции и иницијативи, модернизација на институциите и утврдување на демократскиот поредок. Згора на сето тоа, наследуваат и војна со етничка герила на југот од земјата, која дополнително го начнува територијалниот интегритет на Србија, сериозно разнишан со повлекувањето на државата од Косово. Милошевиќ го нема, но „албанското прашање“ сѐ уште е клучен предизвик за Србија.
Во такви услови новите српски власти избираат интересен политичар како најистурен играч за прашањето на југот на Србија, но и за косовскиот јазол. Небојша Човиќ дотогаш веќе го уживаше ореолот на еден од најуспешните градоначалници на Белград, и тоа во најненормални околности на војна, хиперинфлација и санкции. Тој се вбројува во ретките претставници на способните техноменаџери во редовите на некогашниот Сојуз на комунисти на Србија, а подоцна на Социјалистичката партија на Србија, а зад себе имаше и успешна кариера на стопанственик. Во очите на опозиционерите тој ги освои симпатиите по локалните избори од 1996 година, кога храбро се појави како редок глас на разумот на режимот. Човиќ повикува на признавање на резултатите од гласањето и уважување на барањата на тогашните студентски протести, кои сериозно го потресуваа режимот.
Овие негови јавни активности доведоа до мал раскол во монолитниот СПС и до негово заминување од партијата. Потоа тој ја формираше малата Демократска алтернатива, замислена како социјалдемократска партија, и му се придружи на демократскиот блок на партии. Но токму на таа точка се продлабочија контроверзиите на неговата кариера. Тој беше премногу „загаден“ со минатиот труд во СПС на Милошевиќ за да биде целосно прифатен во новото друштво, истовремено е способен и практичен политичар, па не може толку лесно да биде оттурнат, а истовремено е доволно независен и своеглав, па не може да биде целосно под контрола. Можеби токму недовербата, но и нескриената љубомора, а и скриената почит кон него, доведува до неговото именување за шеф на Координативното тело за јужна Србија. Новинарите веќе му пишуваат политички епитафи и му предвидуваат конечен крај на политичката кариера.
За разлика од неговите противници од редовите на УЧПМБ, па и од неговите сојузници од Демократската опозицијата на Србија, Небојша Човиќ добро ги познава инструментите на власта, ги познава капацитетите на српските институции, вклучително на војската, полицијата, разузнавањето и дипломатијата, веќе има добро развиена мрежа на контакти во врвовите на сите овие структури, но тој е еден од ретките политичари што рамноправно можат да се носат со претставниците на меѓународната заедница, без разлика дали станува збор за генералите од КФОР или за дипломатските „тешкаши“ како новоименуваниот американски амбасадор Вилијам Монтгомери.
На 1 февруари 2001 година Небојша Човиќ го претстави планот што ќе стане основа за мирното решавање на кризата во Прешевската Долина. По усвојувањето од властите на Србија и СР Југославија, тој тргна како своевиден поклисар да го брани пред институциите на меѓународната заедница, најнапред во рамките на ОБСЕ во Виена, а потоа и пред дипломатите најдиректно вклучени во кризата. Планот почиваше врз неколку едноставни, но политички иновативни начела, сосема спротивни на дотогашниот српски политички образец од епохата на Милошевиќ, но и на војните во Босна и Хрватска. Немаше да има откажување од територијалниот интегритет на државата. Српските безбедносни сили постепено ќе се враќаа во Копнената зона на безбедност во координација со КФОР и НАТО. УЧПМБ требаше да биде разоружена, но не и уништена, понижена и омаловажена. Нејзините припадници требаше да бидат амнестирани и вклучени во политичкиот живот. Потоа требаше да следува постепена политичка, економска, културна, социјална и институционална интеграција на Албанците во државниот систем.
Во суштина, планот се темелеше врз една идеја што за најголемиот дел од српската јавност во тоа време звучеше како голтање жива жаба, и тоа не каква било, туку голема, грда и крастава жаба.
Државата требаше ем да ја добие војната ем да направи место за вклучување на поранешните бунтовници во политичкиот поредок. Токму за оние ликови што до вчера пукаа врз Србија во Прешевската Долина, а завчера и на Косово. За таа цел беа предвидени мултиетнички полициски патроли, поголемо учество на Албанците во институциите и значителен степен на децентрализација. Со други зборови, Човиќ предложи план што за многумина во Белград звучеше како политичка ерес: Србија да се обиде да ја добие војната така што ќе ги интегрира, наместо да ги елиминира, луѓето што вчера сакаа да ја распарчат. На тој начин со Небојша Човиќ заврши ерата кога Слободан Милошевиќ бараше „чесни Албанци“ („поштени Албанци“) и започна ерата на кога Србија се трудеше да дојде до „интегрирани Албанци“ како полноправни граѓани на државата независно од личните политички убедувања, често и најнепријатни за „голтање“ во белградската чаршија.
Уште поконтроверзна е и нагласената соработка на југословенските вооружени сили со КФОР, и тоа само две години по директниот воен судир за време на бомбардирањето од 1999 година. Се разбира, дел од непријатните компромиси за српската страна се и одговорите на барањата на САД, НАТО и ЕУ за вклучување на Србите во институциите на УНМИК, што треба да биде тема за посебен осврт. Но Србија тогаш правилно заклучи дека за справување со УЧПМБ е потребна цврста соработка со Вашингтон, без разлика што и натаму продолжуваше српско-американското надмудрување околу крајниот статус на Косово. Во меѓувреме јадрото на УЧК се соочуваше со отворањето на политичките процеси на Косово и нивната преобразба во политичка партија. Хашим Тачи и Рамуш Харадинај ја откриваа сета тежина на политиката во демократски услови, особено кога се соочија со поразот од ДСК на Ибрахим Ругова на локалните избори во 2000 година, а потоа и на првите собраниски избори во 2001 година што се случија надвор од оваа историска отсечка. УЧК немаше капацитет истовремено да се занимава и со изборна политика на Косово, но и да ѝ дава политичка, логистичка и секаква друга поддршка на УЧПМБ во Прешевската Долина.
Дел од причините поради кои Човиќ инсистираше на вклучување на поранешните припадници на УЧПМБ во институционалниот живот на Србија произлегуваа од процената дека оружената борба може да биде поразена само со политички средства. Неговата логика беше едноставна: ако еден дел од некогашните герилци станат градоначалници, советници, полицајци, пратеници и државни службеници, а другиот дел сопственици на бензински пумпи, градежни компании и агенции за обезбедување, тогаш причините за бунт спласнуваат, а мрежите на УЧК во Прешевската Долина добиваат сосема поинакви интереси. Наместо да произведува нови пламени борци, како во времето на Милошевиќ, системот требаше да произведува политички менаџери и со нив поврзани бизниси што ќе бидат најзаинтересирани чинители за негова легитимација. Нормално, ќе помогне и мавтањето со етничките знамиња и другите изблици на балканскиот етнички националистички фолклор. Човиќ всушност се обложи дека институциите ќе се покажат посилни од митологијата. Здодевната административна работа го нема адреналинот на герилското војување, но патриотизмот може да си најде оддушка и во кафеана кога ќе грмнат песните за славната УЧПМБ. Поривот да се биде славен воин за националната кауза многу брзо се раствора во првата скромна административна плата, особено кога во првиот случај најголемата опасност е да се добие залутан куршум во главата, а во вториот случај вистинската катастрофа е кога ќе снема хартија во печатачот.
Својот институционален израз планот на Човиќ си го пронајде во Договорот од Кончуљ, кој стави точка на воениот конфликт во Прешевската Долина и го отвори политичкиот процес со разоружувањето, расформирањето и амнестијата за УЧПМБ. „Косовскиот модел на УЧК“ не можеше да биде извозен производ. Србија го врати суверенитетот врз Прешевската Долина, а борците од УЧПМБ влегоа во политиката, каде што веќе ги чекаа политичките партии што беа дел од Консултативен совет на албанските политички партии од 1990 година, тогаш предводен од Ибрахим Ругова.
За жал, неуспехот на извозот на „косовскиот модел на УЧК“ во Прешевската Долина не значеше и откажување од последната епизода на оружената борба на мрежите на УЧК. Додека Прешевската Долина се движеше кон политичкиот процес, војната во Македонија допрва ескалираше, засилена, меѓу другите, и со ветераните од борбата на УЧПМБ, кои се префрлаа во редовите на ОНА. Србија го прекина просторот на дејствување на мрежите на УЧК на својата територија, но Македонија допрва започнуваше да се справува со последиците од подемот на оваа организација во „албанскиот свет“ во земјите од поранешна Југославија.
Во Прешево не беше поразена УЧПМБ. Во Прешево беше поразена илузијата дека Косово може бесконечно да се повторува. Србија не победи затоа што ги скрши бунтовниците. Победи туку затоа што ги натера да избираат меѓу пушката и политиката. Најголемиот дел ја избраа политиката.
Другите заминаа за Македонија.
































