Дали Фон дер Лајен ги призна грешките на Унијата?

На прв поглед, посетата на претседателката на Европската комисија, Урсула фон дел Лајен, беше рутинска и не донесе ништо ново. Сепак, не мора да биде баш така Ако се чита меѓу редови, може да се каже дека таа ги призна грешките на Унијата кон Македонија и најави подготвеност да се бара решение. Потврда за тоа е нејзината иницијатива министерот за надворешни работи Муцунски да се сретне со бугарската колешка додека е во Софија. Дали Брисел бара излез од ќор-сокакот во кој нѐ фрли, бидејќи последиците се и негови, ќе треба да видиме. Блокадата, во која е Македонија со години, зборува и за нивната неефикасност и нефункционалност. Начинот, меѓутоа, како го бараат излезот е – сосема погрешен. Не може Македонија да бара милост во Софија, откако Брисел ни ги вклопи во рамката сите бугарски фантазмагории. Решение во Софија е апсолутно невозможно, губење е само на време, а на тој начин продолжува и нашето понижување.
На секој што и малку се разбира во дипломатијата мора да му биде јасно дека сега наш главен проблем е преговарачката рамка, а не Софија. Со оваа рамка, Македонија нема никогаш да влезе во Унијата, а Бугарија не може да ја менува. Рамката е резултат на пошироки интереси, не само бугарски, и воопшто не е случајна. Со ваквата рамка, впрочем, и ЕУ потврдува дека нема намера да ја прими Македонија?! А целта што треба да се постигне е да се докаже дека нема Македонци, а постојните треба да се побугарат.
Откако на неприфатливите бриселски политики се спротивстави новата власт и им стави до знаење дека нема да ги исполни уцените и ултиматумите пред кои капитулираа претходниците, Брисел и Софија се во небрано. Совеста не им е чиста, бидејќи долго ја третираат Македонија како некаква аморфна маса. Брисел нема одговор на нашите нови политики и затоа нѐ тера да бараме милост од Софија, што е чиста бесмислица, и тоа од повеќе аспекти. Прво и основно, Бугарија нема никогаш да се откаже од своите политики на негирање на сѐ македонско, стари 200 години. Второ, сега има широка поддршка, не само во ЕУ, и постигна триумфални успеси. Трето, и да сака, таа не може да дава никакви гаранции бидејќи сѐ е веќе во рамката, а таа е во надлежност на Брисел и зависи од сите членки. Четврто, и клучно, единствен начин Софија да излезе од 19 век, е да ја натераме – ние. Тоа е наш неизбежен императив!
Во Софија, Антонио Кошта прв јавно спомна некакви гаранции за Македонија. Дали сега Фон дер Лајен го претвори тоа во нивна акција? Како и да е, поради пробугарската рамка, проблемот со Софија мора да го решава Брисел. А за да се постигне тоа, неизбежна е наша максимална помош, која најлесно може да се даде со бришење на вториот протокол!
Првиот чекор во таа насока е на Брисел да му се предочи дека средбата во Софија, иницирана од нив, јасно покажа дека таму нема решение. Софија постави дури и ново барања – некаков роковник! Второ, Брисел мора да се потсети дека клучот на рамката за Македонија е вториот протокол со Бугарија, од кој произлегува и блокадата на нашите преговори, заради Уставот. Тоа е нелегален документ, што значи дека и рамката и блокадата се исто така нелегални. Користењето, пак, нелегални документи е – криминал, недостоен за ЕУ!
Трето, вториот протокол е резултат на жесток притисок од Брисел, Берлин, Париз…, што директно потврдува дека и нивна цел биле попречување на членството и побугарување?!

Четврто, вториот протокол е обичен записник, потпишан врз основа на членот 12 од Договорот за (не)пријателство со Бугарија. Неговиот единствен мандат е да го сумира спроведувањето на самиот договор и ништо повеќе. Овој записник, меѓутоа, е целосно нов и наметнат договор меѓу двете земји, со петнаесетина нови еднострани обврски за Македонија, вклучувајќи ја и промената на Уставот. Со членот 13, од истиот договор, став 1 и 2, прецизирано е дека секое негово проширување мора да биде ратификувано во двата парламента! Такво нешто нема, што значи дека вториот протокол е нелегален документ. А користењето нелегални документи е – незаконско! Промена на устав, пак, е далеку најтешката обврска што може да ѝ се наметне на некоја држава со каков било договор. А во конкретниов случај, за Македонија, се прави со обичен, ама и нелегален – записник!
Петто, вториот протокол е нелегален и од аспект што, под жесток притисок, Македонија прифати уставни промени на начин со кој флагрантно го прекршува сопствениот устав. Со право, Унијата заговара целосно почитување на законите, ама овде толерира во Македонија да се крши Уставот!? Зошто?
Шесто, надвор од сите норми на меѓународно дејствување е што Унијата, во преговарачка рамка, бара извршување обврски што произлегуваат од обични записници, каков што е случајот со вториот протокол, ама и со другите записници што треба да следуваат. Тоа е неприфатливо.
Седмо, во ред е Брисел да бара спроведување на меѓународните договори, ама не и на поединечни членови од истите тие. Во рамката за Македонија, на пример, се инсистира на исполнување на членот 12 од Договорот со Бугарија. Унијата нема таков мандат и тоа е грубо мешање во нашите внатрешни работи. Со тоа, рамката сама се дисквалификува.
Осмо, апсолутно надвор од сите меѓународни норми е во преговарачка рамка да се ставаат обврски кон трети земји. Нема никаква легална основа, а ниту логика, во рамката за Македонија да се бара исполнување на многубројни обврски кон Бугарија! Според рамката, Македонија повеќе ќе треба да преговара со Софија отколку со Брисел! Тоа е целосно неприфатливо. Во ниту една друга преговарачка рамка на Унијата немало обврски кон трети земји. Зошто во рамката на Албанија нема обврска да го реши прашањето за границата со Грција? Веќе потпишаниот договор, Тирана го откажа по десетина години! Или, зошто не се бара од Црна Гора решение за Превлака со Хрватска? Очигледно е дека Брисел ја третира Македонија на крајно непринципиелен и понижувачки начин.
Деветто, меѓународните договори, секако, треба да се спроведуваат во добра волја. Брисел нагласено го бара тоа и од Македонија. Меѓутоа, целосно го игнорира фактот дека Атина и Софија не исполнуваат ништо од спомнатите билатерални договори. Тоа се неприфатливи двојни стандарди, кои го девалвираат угледот на Унијата.
Десетто, ама веројатно и најважно, Македонија мора да ѝ објасни на Унијата дека во никој случај, и под никаков ултиматум, не смее да внесува измислени Бугари во Уставот! Причината е што Софија не прифаќа дека постои македонски народ и смета дека Македонците се „Бугари по род“!? А ако за нив нема Македонци, како може во Уставот да се внесуваат – Бугари?! Која би била целта на Софија, освен побугарување на Македонците? Крајно предавнички, тоа го прифати претходната власт, ама не доаѓа предвид и не постои начин да се спроведе. Според последниот попис, во Македонија има точно 3.504 Бугари, од кои најголемиот дел се мажени и женети дојденци од Бугарија, а не автохтоно малцинство. Во Бугарија, пак, има стотици илјади автохтони Македонци, кои не се признаени како малцинство и не уживаат никакви гарантирани универзални права. Софија игнорира најмалку 14 пресуди на ЕЧПС за правата на Македонците во Бугарија, а ЕУ молчи! Ако Унијата ултимативно бара Бугари во нашиот устав, не може да го игнорира постоењето на обесправени Македонци во Бугарија. Реципроцитет во односите е основен и клучен дипломатски принцип.

Единаесетто, Брисел не смее да толерира политики што се остатоци од 19 век. Тоа целосно важи и за ставот дека македонскиот јазик е дијалект на бугарскиот, а историјата е заедничка, што за Софија значи – бугарска. Тоа се тешки бугарски историски синдроми што Унијата мора едногласно да ги осуди, а не да ги поддржува и да ни ги наметнува.
Дванаесетто, поради сите овие факти, рамката е целосно надвор од стандардите и суштинските вредности на Унијата и, како нелегална, треба и мора да се поништи. Најлесен начин да се постигне тоа е Македонија да го откаже вториот протокол, кој е обичен и нелегален – записник. Со таков потег, рамката автоматски се брише бидејќи вториот протокол, ама и следните протоколи/записници – се нејзин клучен дел.
Тринаесетто, Македонија мора да ги преточи овие неоспорни факти и аргументи во професионално обработен меморандум, кој би требало да се презентира во Брисел и пред сите 27 членки. Паралелно, мора да следува и добро осмислена дипломатска офанзива, која ќе го отвори патот за откажување на вториот протокол. Тоа е единствениот излез од маѓепсаниот круг во кој се наоѓа Македонија. Кога точно ќе се преземе тој чекор, ќе треба дополнително да се одреди. Најдобро би било и едното и другото да се направат со помош на врвни странски дипломати.
Иницијативата на Фон дер Лајен, иако апсолутно неприфатлива, беше невозможно да се одбие. Позитивно е што Брисел покажа дека нешто мора да се менува и сега е наша врвна должност, како најзаинтересирани, да им помогнеме да се оди во вистинска насока, а не како сега. Преку неоспорните аргументи, Брисел мора да се согласи со бришење на вториот протокол, со што отпаѓаат и рамката и ултиматумот за промена на Уставот! Со или без разбирање на ЕУ, Македонија мора да го направи тоа. Друг избор – нема.
Во својата историја, македонскиот народ веројатно немал поголем предизвик. Станува збор за тоа да се биде или не. Со оглед на нашите ограничени дипломатски капацитети, а ова се врвни и уникатни дипломатски задачи, неоспорно е дека мора да се ангажираат искусни странски експерти.
Македонија мора да најде сили ако сака да успее.