Постои една необична појава во современиот црковен живот за која, можеби, премалку зборуваме. Тоа е привлекувањето на луѓето кон црквата без вистинска евангелизација.
На прв поглед, тоа звучи како противречност. Зарем не е добро човек да дојде во црква? Зарем не е подобро да влезе во храм, да запали свеќа, да пости, да се исповеда, да присуствува на богослужба, отколку да нема никаков допир со верата?
Секако дека е подобро да биде во близина на црквата. Но тука се појавува едно важно прашање: што му се случува на човекот откако ќе влезе во неа?
Зашто можно е човек да стане црковен без да стане христијанин. Можно е да стане приврзаник на одредена средина, духовник, манастир, традиција, стил на богослужба или дури на одреден начин на размислување, а сепак никогаш суштински да не го запознае Христос. Тогаш добиваме нешто што повеќе личи на навивачка група отколку на заедница на верници.
Замислете човек што никогаш претходно немал сериозен допир со христијанството. Можеби е разочаран од животот, можеби бара смисла, можеби се случило нешто тешко во неговиот живот, можеби едноставно чувствува дека му недостига нешто. Доаѓа во црква. И наместо најнапред да слушне кој е Христос, што е Евангелието, зошто христијанството зборува за воплотување, крст, воскресение и преобразување на човекот, што значи да се биде христијанин, тој може веднаш да се сретне со цел систем на правила: како се стои, како се крсти, кога се пости, што се јаде, кога се оди на исповед, како се подготвува човек за причест, што смее, а што не смее, колку пати треба да се поклони, што треба да чита, кај кого треба да оди…. И така човекот, пред воопшто да разбере зошто нешто прави, добива долг список на нешта што „треба“ да ги прави.
Секако, црквата не е без правила. Христијанскиот живот има своја дисциплина, свој поредок, свој аскетски подвиг. Постот, молитвата, исповедта, богослужението и духовното раководство имаат свое длабоко место во православната традиција.
Проблемот настанува кога средствата ќе ја заменат целта. Кога постот ќе стане поважен од преобразувањето за кое постиме. Кога исповедта ќе стане ритуална обврска наместо средба со вистината за сопствениот живот. Кога духовникот ќе стане поважен од Христос. Кога црковната припадност ќе стане поважна од верата. И кога човекот ќе научи како да се однесува како „црковен човек“, пред да разбере што значи да биде христијанин.
Да земеме за пример нешто што е исклучително важно во православниот духовен живот – исповедта. Човекот штотуку почнал да доаѓа во црквата. Не знае речиси ништо за христијанската вера. Не го прочитал Евангелието. Не ги знае основите на христијанското учење. Не знае што значи покајание во библиска и светоотечка смисла.
И некој му кажува: „Добриот христијанин треба редовно да се исповеда“. Веднаш потоа му се дава и „прирачник“: што треба да каже на исповед, како да се подготви, колку често да доаѓа и слично. И човекот почнува да се исповеда.
Но што всушност се случува? Можно е тој да не знае ни кому му се обраќа во верата. Да не знае што е црквата. Да не знае што значи Христовото воскресение. Да не знае што е благодат. Да не разбира што е покајание. Но знае дека „треба да се исповеда“.
Така една прекрасна и длабока христијанска практика може да стане првиот чекор во една сосема поинаква динамика.
Особено ако човекот почне да го доживува духовникот не како оној што му помага да расте во Христос, туку како неопходен посредник за секоја негова одлука. Што да направам? Што да јадам? Каде да одам? Со кого да се дружам? Дали да ја прифатам оваа работа? Дали да се оженам? Дали да патувам? Дали да ја прочитам оваа книга? Дали ова е грев? Прашањата стануваат сè повеќе, а личната одговорност сè помала. Тука веќе не зборуваме за духовно растење, туку за можност за духовна зависност. И ова е многу важна граница.
Православното духовништво не е создадено за да произведува луѓе што не умеат да мислат без својот духовник. Духовниот отец не треба да биде замена за Христос. Тој не треба да биде човекот околу кого се гради целиот духовен свет на верникот. Неговата задача е, напротив, да му помогне на човекот постепено да стане слободна и одговорна личност пред Бога.
Здравото духовно раководство не создава зависност, туку зрелост. Не создава страв од духовникот, туку слобода во Христос. Не создава луѓе што постојано прашуваат „што ми дозволува духовникот“, туку луѓе што постепено учат да разликуваат добро од зло, да се молат, да го познаваат Евангелието и одговорно да ги носат своите одлуки.
Ова не значи дека духовниот отец е непотребен. Напротив. Токму затоа што е потребен, важно е да не му се припишува улога што не му припаѓа.
Во нездрави средини, пак, зависноста може да биде и функционална. Колку повеќе човекот се врзува за одредена личност или круг толку полесно станува дел од групата. Во социологијата и психологијата одамна е познато дека припадноста кон група може да создаде силно чувство на идентитет и сигурност. Тоа само по себе не е лошо. Проблемот настанува кога групниот идентитет ќе го замени личниот духовен пат. Тогаш човекот повеќе не верува – тој припаѓа.
Ова може да се забележи и во поширокиот црковен живот. Човекот почнува да зборува за „нашите“ и „нивните“. Наш манастир. Наш духовник. Наши отци. Наши книги. Наши празници. Наш начин. Наши луѓе. Постепено, дури и православието може да биде доживеано како племенски идентитет. Тогаш прашањето веќе не е „што значи да го следам Христос“, туку „кој е на наша страна“. А тука веќе постои огромна разлика.
Христијанството не започнува со припадност кон одредена група. Започнува со средба – со Христос и со Неговото Евангелие. Апостолите не тргнале по светот за да создаваат навивачки клубови на своите личности. Тие Го проповедале Христос распнатиот и воскреснатиот. Затоа и првото нешто што на човекот што доаѓа во црквата треба да му се даде не е стравот дека нешто погрешно прави, туку веста дека Бог го бара човекот и дека во Христа човекот може да стане нов човек.
Евангелизацијата не е убедување на човекот да стане „црковен“. Не е ниту негово претворање во послушен извршител на религиозни правила. Евангелизацијата е објавување на Евангелието. На човекот треба да му биде овозможено да разбере што црквата навистина му соопштува: дека Бог не е апстрактна идеја; дека Христос не е само морален учител; дека човекот не е создаден само за биолошко постоење; дека гревот не е само список на прекршоци; дека покајанието не е само чувство на вина; дека спасението не е само „да не одиш во пеколот“.
Христијанството е повик кон преобразување. А преобразувањето не се случува со акумулирање правила. Може да знаеш кога се пости, како се пали свеќа, кога се прави поклон и колку често се оди на исповед – а сепак да бидеш исто толку суетен, одмаздољубив, себичен и неспособен да љубиш како и порано. Може да го знаеш целиот црковен „кодекс“, а да не го познаваш духот на Евангелието. И обратно: човекот што вистински почнува да го разбира Евангелието постепено ќе сака да се моли, да пости, да се исповеда, да учествува во Евхаристијата и да го устројува својот живот христијански. Но тогаш формата извира од верата, а неверата се сведува на форма.
Ова можеби е една од најважните работи што треба да си ги кажеме денес. На црквата не ѝ требаат повеќе луѓе што ќе се фотографираат пред храмови. Не ѝ требаат повеќе луѓе што ќе знаат кој манастир е „најдуховен“. Не ѝ требаат луѓе што ќе можат да ги набројат сите правила, но нема да знаат да му простат на ближниот. Не ѝ требаат ни луѓе што ќе бидат фанатично приврзани кон одреден духовник, старец или црковен круг.
Црквата има потреба од христијани. Од луѓе што ќе го познаваат Евангелието и ќе се обидуваат да го живеат. Од луѓе што ќе можат да кажат „не знам“ и да продолжат да бараат. Од луѓе што ќе умеат да постават прашање без да се плашат дека со самото прашање станале „лоши верници“. Од луѓе што нема слепо да следат човек, туку ќе растат во слободата на Христос. И тука се наоѓа можеби најголемиот предизвик за пастирската работа на црквата.
Лесно е да создадеме припадност. Многу потешко е да создадеме зрелост. Лесно е да му кажеме на човекот што треба да прави. Многу потешко е да му помогнеме да разбере зошто го прави тоа. Лесно е да создадеме послушни луѓе. Многу потешко е да создадеме слободни личности. А Христос не дојде да создаде религиозни автомати. Тој дојде да го повика човекот. Да го ослободи. Да го преобрази.
И затоа, кога некој денес ќе влезе во нашиот храм, можеби првото нешто што треба да му го дадеме не е списокот со правила, туку Евангелието. Не затоа што правилата се неважни. Туку затоа што без Евангелието, и најдоброто правило лесно може да стане само уште еден камен во ѕидот зад кој човекот ќе се скрие од Бога.
Авторот е продекан на Православниот богословски факултет „Свети Климент Охридски“ при УКИМ во Скопје
Проф. д-р Виктор Недески
































