Фото: Архива

Три театри од Хрватска гостуваат со свои претстави на Интернационалниот фестивал на детски театри „Игор Маџиров“ во Скопје. Претставите ќе бидат изведени на 14, 15 и 17 октомври во Театарот за деца и младинци.

Вечерва, на 14 октомври, во 19.30 часот, Детскиот театар „Бранко Михаљевиќ“ од Осиек ќе ја изведе претставата „Со балон над Кападокија“. Утре, на 15 октомври, во 11 часот, на програмата е „Слатки зборови“ на Градскиот куклен театар од Риека. Хрватските гостувања ќе бидат заокружени на 17 октомври, во 19.30 часот, со „Дрвјанковци“ на театарот „Пинклец“ од Чаковец.

По повод гостувањата, скопскиот огранок на Заедницата на Хрватите во Македонија ги повика своите членови да ги посетат претставите со децата и внуците. Претседателот на огранокот, Ненад Немет, во пораката до членовите истакнува дека ова е ретка можност најмладите да проследат театарски претстави на хрватски јазик, но и придонес кон зачувувањето на јазикот и културата кај младите генерации.

Петтото издание на фестивалот „Игор Маџиров“ се одржува од 13 до 17 октомври во Скопје, под слоганот „Сите сме исти. Јас и ти“. Билетите за претставите се достапни во билетарницата на Театарот за деца и младинци.