Собранието денеска ја констатираше оставката на заменик-министерот за здравство, Јовица Андовски. Пратениците го усвоија дневниот ред на 126. седница, на која пред расправата и гласањето за предложените точки се одржуваат опозициските пратенички прашања, пренесе МИА.
На дневниот ред се предлог-законот за ратификација на Третиот протокол кон Општиот договор за привилегии и имунитети на Советот на Европа, како и предлогот за избор на надворешен член на Комисијата за хартии од вредност.
Пратениците треба да расправаат и за предлог-одлуката за испраќање припадници на Армијата за учество во меѓународната операција на Европската Унија – АЛТЕА, во Босна и Херцеговина, како и за именување претседател и членови на одборот за доделување на државната награда „Гоце Делчев“.
На дневниот ред се наоѓа и дополнетиот предлог-закон за државната ревизија, во трето читање, како и предлог-одлуката за изменување на одлуката со која е одобрено продолжување на рокот за постоење кризна состојба поради можноста од нарушување на снабдувањето со нафта и нафтени деривати во државата.
Пред пратениците е и барањето за давање автентично толкување на член 141, став 4 од Законот за работните односи, поднесено од пратеничката Даниела Николова.
Собранието не го усвои предлогот на дневниот ред да биде дополнет со Законот за финансиска поддршка за намалување на последиците од економската криза врз земјоделското и сточарското производство и откупот на земјоделските производи во 2026 година, кој требаше да се разгледува по скратена постапка.

































