Европската Унија останува стратешка цел на Македонија, а Владата е посветена на започнување и успешно завршување на пристапните преговори, порача премиерот Христијан Мицкоски, одговарајќи на пратеничко прашање од Арбана Пашоли од Европскиот фронт за стратегијата за деблокирање на евроинтегративниот процес.
Мицкоски нагласи дека ставот на Владата за членството во ЕУ останува непроменет, посочувајќи дека целта не е само отворање на преговорите, туку и нивно успешно завршување.
– Европската Унија останува наша стратешка цел и тука нема поместување ниту милиметар. Ние сакаме тој процес, како што сме кажале многупати во минатото, да го почнеме и да го завршиме, не само да го почнеме – истакна премиерот.
Тој оцени дека постепено се менува реториката во Собранието во однос на европската интеграција, посочувајќи дека претходно се говорело за решение за членство, додека сега станува збор за решение што би овозможило почеток на преговорите.
Мицкоски истакна дека Владата води дијалог со Бугарија и упати покана до опозицијата да предложи свои претставници кои би биле дел од тимот за разговори со источниот сосед.
– Предложете претставници да бидат дел од тимот којшто ќе го води тој дијалог со нашиот источен сосед. Ние апсолутно тоа ќе го почитуваме – порача Мицкоски.
Осврнувајќи се на актуелниот застој во евроинтегративниот процес, премиерот одговорноста ја лоцираше во политиките на претходната влада предводена од СДСМ и ДУИ. Тој додаде дека актуелната Влада работи на подобрување на перцепцијата кај европските партнери и создавање услови за деблокирање на преговорите.
Според Мицкоски, процесот се одвива бавно, но има придвижување, за што, како што посочи, сведочат контактите меѓу министрите за надворешни работи на Македонија и Бугарија, како и средбите со еврокомесарката Марта Кос.
Премиерот најави дека следниот чекор ќе биде усогласување на Акцискиот план за малцинства, документ што, како што посочи, е прифатен од 26 земји членки на Европската Унија, но не и од Бугарија.
– Зашто е важен овој Акциски план за малцинства. Дури и утре да одлучите еве да го промените Уставот на начин на којшто сте одлучиле, повторно тоа нема да биде доволно за да ги продолжиме преговорите бидејќи треба да имаме усогласен Акциски план за малцинства. Така што, ние најпрво ќе го усогласиме Акцискиот план за малцинства – рече премиерот, повторувајќи дека и опозицијата е поканета да учествува во дијалогот.































