Меѓународната агенција за атомска енергија (МААЕ) ќе испрати свои мисии на 19 трафостаници од клучно значење за функционирањето на нуклеарните централи во Украина. Ова синоќа го соопшти украинскиот министер за надворешни работи Андриј Сибиха, наведувајќи дека одлуката била донесена во разговор со генералниот директор на агенцијата, Рафаел Гроси.
Во објава на социјалната мрежа „Икс“, Сибиха посочи дека станува збор за најголемо ангажирање од ваков вид во историјата на МААЕ. Според него, мисиите претставуваат навремен чекор за заштита на нуклеарната безбедност, во услови на континуирани руски напади врз украинскиот енергетски систем.
На средбата, Сибиха и Гроси разговарале и за состојбата во и околу нуклеарната централа Запорожје, безбедносните закани поврзани со руската милитаризација, како и за потребата од обезбедување нуклеарна безбедност и физичка заштита на украинските нуклеарни постројки.
































