Фото: Пиксабеј

Руската агенција за јавно здравје „Роспотребнадзор“ денеска соопшти дека нема епидемиолошки ризик за населението во Иркутск и Иркутската област по смртта на лаборантка во Институтот за чума.

Од агенцијата наведуваат дека за случајот е известена и Светската здравствена организација, додека лицата кои биле во контакт со починатата биле тестирани на заразни болести. Резултатите, според „Роспотребнадзор“, не покажале знаци на инфекција, ниту присуство на опасни патогени.

 – Целосно се спроведени превентивни и противепидемиски мерки и не постои епидемиолошки ризик за населението во Иркутск или во регионот на Иркутск – се наведува во соопштението.

По смртта на Дарја Шипилова се појавија шпекулации дека лаборантката можеби се заразила со белодробна чума откако наводно скршила епрувета со бактеријата „Јерсиниа пестис“. Руските власти, сепак, ги отфрлаат овие наводи и тврдат дека во Институтот не се случил лабораториски инцидент.

Според „Роспотребнадзор“, Шипилова починала од пневмонија со непознато потекло. Во примероците земени од неа, како што наведува агенцијата, не биле пронајдени микроорганизми поврзани со нејзината работа во Институтот.

Белодробната чума е сериозна заразна болест која може да се пренесува преку респираторни капки. Навремениот третман со антибиотици може да биде ефикасен доколку се започне во рана фаза на инфекцијата.

Руските здравствени власти нагласуваат дека преземените превентивни и противепидемиски мерки се целосни и дека нема опасност за населението во регионот.