ВАТЕРПОЛО – НАСКОРО МЕЃУНАРОДЕН ТУРНИР ЗА ВЕТЕРАНИ ВО КУМАНОВО
- Под мотото „Страст, почит, пријателство“, турнирот ќе понуди натпревари во формат од 2х8 минути, а завршницата ќе донесе и дополнителна неизвесност со стопирање на времето во последната минута, вели тренерот и капитен на клубот МКД Мастерс, Андреј Ѓорѓиевски
Ветеранскиот ватерполо-клуб МКД Мастерс не мирува. По мошне активното лето кога настапи на неколку турнири, клубот продолжува да работи под полна пареа и сега е во подготовка на меѓународен спортски спектакл, кој на 13 и на 14 ноември ќе се одржи во базенот „Моша Пијаде“ во Куманово.
Станува збор за меѓународниот ватерполо-турнир за ветерани „Мастерс куп 2026“, на кој засега е најавено учество на екипи од 11 држави (Македонија, Србија, Словенија, Хрватска, Словачка, Англија, Црна Гора, Турција, Азербејџан, Грција и Бугарија), што само му дава посебна привлечност на ова ватерполо-натпреварување и е вистинско уживање за љубителите на овој спорт.
– Под мотото „Страст, почит, пријателство“, турнирот ќе понуди натпревари во формат од 2х8 минути, а завршницата ќе донесе и дополнителна неизвесност со стопирање на времето во последната минута. Покрај натпреварувачкиот дел, турнирот ќе биде крунисан со традиционална гала-вечера за сите учесници на турнирот – вели меѓународниот судија, претседател, капитен и тренер на клубот МКД Мастерс, Андреј Ѓорѓиевски.
Уште не избледнеа сеќавањата кога скопскиот ветерански клуб МКД Мастерс го освои извонредното петто место на втoриот меѓународен ватерполо-турнир за ветерани „Шалата мастерс 2026“, во Загреб (Хрватска). Второто издание на овој турнир понуди два дена врвно ветеранско ватерполо-надигрување, одлични натпревари, другарство и вистинска натпреварувачка енергија, а македонскиот клуб се претстави во светло издание меѓу традиционално искусните хрватски клубови.
Претходно, пак, под мотото „Страст, пријателство, почит и мастерс-дух“, во Дубровник (Хрватска), скопскиот клуб настапи на првото официјално Светско првенство (СП) во ватерполо 4х4 „Дубровник 2026“. Се работеше за нов и иновативен формат на ватерполо-играта, кој ја доживеа својата светска премиера во Дубровник, под капата на Меѓународната организација за водни спортови.
– Со вакви натпревари, како и поширока медиумска афирмација, овој вид ватерполо станува сѐ попопуларен, со можност уште повеќе да се развие и затоа би било добро во иднина да му се посвети што повеќе внимание – изјави тогаш по настапот на турнирот во Загреб, Ѓорѓиевски.
А сега гледаме дека таа идеја за што поголема афирмација на ватерполото, очигледно продолжува и со силниот турнир што ќе се одржи во Куманово. Г.И.
































