Македонија, земја што си стои на зборот!

Нашата најнова иницијатива, патот за Брисел повторно да го трасираме преку Софија, ама со учество на Унијата, е непотребна грешка. Нема што да разговараме со Бугарија, а тие, со право, постојано ни го повторуваат тоа. Сега, сите нашите блокади, ултиматуми, уцени, маки, голготи… се во Брисел, во преговарачката рамка! А Софија нема да ги промени своите 200-годишни агресивни политики кон Македонија уште 50 години, та целата наша Влада, заедно со сите пратеници, да оди во Софија за да моли милост. Единствен начин да се постигне тоа е да ги – присилиме. Така е во светската дипломатија. Затоа, ние сме на потег, кој мора да биде радикален. Иницијативата на Фон дер Лајен, пак, нашиот МНР Муцунски, додека е во Софија следната недела, по друга работа, да бара и политичка средба – е целосно бесмислена, не води никаде и е само наше ново понижување. Впрочем, до кога странците ќе ни кажуваат што да правиме? Што ќе бара Муцунски од Софија? Да ја променат рамката или гаранции дека ќе ни „дозволат“ членство? И едното и другото немаат никаква смисла и не водат никаде.
Впрочем, Бугарија веќе одговори на иницијативата дека „преземените обврски и преговарачката рамка“ остануваат и не можат да бидат тема. И, сосема се во право. Потпишаните документи и дадената согласност за рамката обврзуваат. Тие нема да одбијат средба и со Муцунски, ама тоа ќе биде само непотребно изгубено време.
Еве, утре да седнеме на маса со Бугарија, и од третата страна нека биде Фон дер Лајен или Антонио Кошта или…, и кои ќе бидат нашите аргументи и поенти? Дека сакаме добри односи со Софија? Дека треба да соработуваме? Дека… Што, дека? Тоа не се аргументи туку општи фрази, и ништо повеќе! Може да ги ставиме на маса и пресудите на ЕСЧП од Стразбур ама, деновиве, и тоа во Советот на Европа, претседателката Јотова тврдеше дека тие ги спроведуваат! Македонија не реагираше на таа нејзина ординарна лага!? Не видовме такво нешто. Дали тоа значи дека се согласуваме?!
Воопшто не е спорно дека, од цивилизациска гледна точка, ние сме апсолутно во право во однос на Бугарија и сите аргументи се на наша страна. Тие игнорираат дека ние постоиме, што личи на XIX век, и не може да им служи на чест. Меѓутоа, сите актуелни аргументи од меѓусебните односи се – во нивни раце, а вината за тоа е – наша. Софија бара само извршување на обврските коишто веќе сме ги прифатиле! Тоа е аргумент што не може да се оспорува! И, место нашите бла, бла, бла, тие ќе презентираат документи, коишто сме ги потпишале и – не ги исполнуваме. Поконкретни аргументи, здравје. Објаснување за тоа, немаме! Тоа ќе биде само наш нов тежок пораз и ништо друго. Забележа ли некој дека Урсула фон дер Лајен, меѓу другото, ни прати јавна опомена: „Ова е Македонија што ние ја знаеме, земја што си стои на зборот“! На кој збор – на своите капитулации? Тоа е нашиот клучен проблем, којшто мораме радикално да го решаваме.

Крајно време е да се соочиме со клучниот факт дека наша главна пречка на патот кон Брисел веќе не се бугарските политики туку преговарачката рамка, којашто е во надлежност на Унијата! Бугарија нема директно влијание врз неа, ниту има можност да ја менува, иако е таа полна со нивни фантазмагории. Значи, нашите проблеми се во Брисел, а не во Софија, со таа разлика што мораме да ги решаваме – преку Софија!? Арно ама, не со молење, туку со откажување на погрешно прифатени обврски! Урсула ќе се разочара, ама…
Затоа, којзнае по кој пат ќе повториме дека апсолутно единствен излез од невозможната ситуација во која е доведена Македонија, и тоа само како прв чекор, мора да биде откажување на вториот протокол со Бугарија, којшто е целосно нелегален. Потоа, сите аргументи ќе бидат на наша страна! Тогаш, сите други, вклучувајќи ги и Бугарите, ќе мораат да бараат средби со нас, бидејќи и тие ќе бидат во ќор-сокакот.
Веднаш по откажување на протоколот, заради зајакнување на нашата позиција, би можело да се отвори и прашањето за исплата на воените репарации од Втората светска војна. Со Бледскиот договор, ние доброволно ги отпишавме, бидејќи беше признаено македонското малцинство. Софија, меѓутоа, еднострано го откажа тој договор и целосно ја промени политиката кон Македонците. Воените репарации не застаруваат. Тоа може да биде наш силен аргумент. Досега бевме под бугарска агресија и војната мора ние да ја продолжиме, ако сакаме да стигнеме до праведен мир!
Проблемот со бугарското негирање на нашето постоење треба да го отвориме и во рамките на НАТО. Прво, и двете држави таму имаат ист статус. Второ, случајот недвосмислено има безбедносна димензија, која Алијансата ниту може ниту смее да ја игнорира. Тоа нема ништо суштинско да реши, ама Македонија неоспорно ќе добие поени!
Со една добро конципирана офанзива, базирана на неоспорни факти и аргументи, и секако со помош на врвни меѓународни експерти, Македонија може и мора сегашните бугарски политики да ги направи надживеани, дури и смешни. Нема случај во светот на некој народ да му се оспоруваат постоење, јазик, минато…, како на Македонците. Многу народи немаат свои држави, ама никој не ги оспорува. Случаите со Курдите, Палестинците, та и Украинците, се сосема различни.

Со право власта оценува дека на високо ниво одржаните средби со Бугарија – не донеле резултати! Тоа е точно, ама покажува ново непознавање на дипломатијата. Досега немало претходно договорена, наменски организирана средба на високо ниво, со јасна платформа – да се разговара за постојните политички проблеми. Пред таков настан се одржуваат и повеќе подготвителни состаноци на пониско ниво. Тоа важи и за сега најавеното барање на средба за Муцунски.
Се чини дека досегашните средби беа наметнати од наша страна, како (непотребни!) лични иницијативи. За повеќето од нив, слободно може да се каже дека и не смееле да се случат и биле дури и – штетни! Сме инсистирале на средби со бугарски политичари, коишто ем јавно ни порачуваа дека немаат со нас што да разговараат, ем претходниот ден нѐ – плукаа. Постојано и без никаков срам тие нѐ негираат како народ, јазик, историја… Нормална држава бега од такви креатури. Држи до своето достоинство и не им прави чест на тие што секојдневно јавно ја навредуваат. Особено кога на масата нема никакви разработени теми и проблеми што треба да се решаваат. А такви биле сите наши досегашни средби на високо ниво. Истото тоа целосно (ќе) важи и за најавената средба на Муцунски во Софија.
Очигледно, Македонија ќе мора да менува некои свои суштински политики. Сосема погрешно, на пример, нашите власти тврдеа дека историските прашања не биле дел од преговарачката рамка, ама бугарската страна сметала дека – се! Софија е апсолутно во право! Ако лица што се разбираат во дипломатијата детално ја анализираат преговарачката рамка, веднаш ќе им биде кристално јасно дека сите бугарски политички и историски синдроми се клучен дел од неа, вклучувајќи ги и протоколите. Затоа, нема теорија Софија сама да се откаже од своите придобивки. Во МНР секако има професионални дипломати, кои ги разбираат работите. Зошто никој не ги слуша? Или, никој не ги прашува?
Винстон Черчил, познат британски политичар, рекол: „Успехот не е конечен, неуспехот не е фатален, важна е храброста да се продолжи“! Не му го знаеме поводот, ама тоа целосно се однесува на нашите односи и со Бугарија и со ЕУ! Триумфот што го постигнаа Софија и Брисел, со фрлање на Македонија на маргините, во никој случај не е и не смее да биде – конечен. Тоа мораме ние да го спречиме. Истовремено, нашиот неуспех не смее да биде – фатален.

За нас важи и третиот дел – мораме да бидеме храбри за да продолжиме и, се разбира, да успееме. Сите политики против нас се нелегални, ама ние си молчиме, и затоа сите други фактори се прават отсутни. Повторно ќе го цитираме Черчил – ако се најдете во пеколот, најважно е да продолжите да одите! Ние сме во неговиот центар, ама новата власт ја прекина инфериорноста во нашето однесување и започна да бара решенија. Проблемот е што тргнаа во погрешна насока и не покажаа спремност за соодветна акција!
Власта не е спремна на радикални мерки, веројатно за да не се замери со меѓународниот фактор, ама без нив – нема излез. Место тоа, се прават обиди коишто не водат никаде. Ако потезите не се соодветни, а преземените не се, успех не е можен. Бараните разговори со Бугарија нема никаде да нѐ однесат! Пресвртот мораме сами да го направиме!
За крај, уште една за нас клучна порака. Во 35 години на независност, во директна колизија со универзалните права, спротивно на сите меѓународни принципи, правила, постапки и узанси, на крајно нелегален начин, Македонија беше изложена на безброј порази, предизвикани од странскиот фактор. Без исклучок, сите беа со користење на силата како главен аргумент. Истата политика продолжува и предизвикот е огромен – од пораз, во пораз, мораме што поскоро да стигнеме до конечна победа! Време за одлагање – нема.
Во својата „Песна за животот“ Блаже Конески вели: „Задишени, напред вјасаме. Не се даваме! Настрвени, ќе касаме“! Крајно време е да се покажеме во такво светло. Во спротивно, Македонците ќе бидат наскоро – побугарени, а „македонското прашање“ – дефинитивно затворено. По никоја цена во Уставот не смееме да внесеме „тројански коњ“!

Октомври 2026