Фото: МИА

Министерството за здравство презема активности за што поскоро обезбедување на вакцините против сезонски грип, со цел вакцинацијата на ранливите категории граѓани да започне според планираното.

Од Министерството информираат дека проблемот е глобален и е поврзан со производството на вакцините, откако годинава биле променети сите три вирусни соеви што се содржат во вакцината – два соја на грип А и еден на грип Б.

Поради промените во составот, Светската здравствена организација и американската Агенција за храна и лекови (ФДА) ги ажурирале сите три соеви, што довело до одложување на почетокот на производството кај производителите ширум светот.

 – На објавениот тендер за набавка не пристигна ниту една понуда. Причината е проблем во производството на глобално ниво, а не во нашата постапка – велат од Министерството за здравство.

Оттаму посочуваат дека се во постојана комуникација со земјите од регионот и пошироко и очекуваат во текот на овој месец да бидат обезбедени вакцините преку меѓународни канали.

Од Министерството потсетуваат дека вакцинацијата останува една од најефикасните мерки за заштита од тешки форми на грип и компликации, особено кај хронично болните, повозрасните лица и бремените жени.

 – За секој напредок граѓаните ќе бидат навремено информирани – соопштуваат од Министерството за здравство.