Аплаузи и златен медал од Њујорк за народниот оркестар на СУГС Гимназија „Орце Николов“ од Скопје
- Првпат млади македонски средношколци успеаја да засвират во Њујорк, со народна музика, и да се вратат дома со многу почести, широко срце
и отворени патишта, со гордост раскажува Марко Балоски
Во септември годинава во Музичкиот центар „Димена“ во Њујорк членовите на училишниот народен оркестар од скопската гимназија „Орце Николов“ ги воодушевија македонската дијаспора и американската публика изведувајќи ги познатите македонски композиции „Се посврши Сербез Донка“, „Налеј, налеј“, „Бисер балкански“, „Послушајте, патриоти“, „Распукала Шар Планина“, како и сплетот „Македонско трио“, во аранжман на Марко Балоски. Нивните изведби останаа забележани не само кај многубројната публика туку и пред жирито.
Со шеф-диригентот на оркестарот, вредниот и талентиран матурант Марко Балоски, разговаравме непосредно по нивното враќање од САД.
– Нашиот оркестар имаше учество на Меѓународниот музички натпревар (International Youth Music Challenge – IYMC) во категоријата младински оркестри. Достоинствената изведба на најубавите македонски народни песни во Њујорк, на нашиот оркестар и на нашата држава им донесе златен медал и свечен пехар директно од Менхетн. Упорноста и еланот што ги носевме со себе од самиот почеток се доказ дека секој сон треба да се негува. За првпат досега млади македонски средношколци успеаја да засвират во Њујорк, со народна музика, и да се вратат дома со многу почести, широко срце и отворени патишта – со гордост раскажува Балоски.
Иако оркестарот постои само две години, еланот и заедничката дисциплинирана и посветена работа даваат плод.
– Оркестарот за кус временски период успеа да го освои вниманието на светската сцена, пренесувајќи го културното наследство на македонскиот народ и македонскиот мелос на секој чекор и во секоја со срце отсвирена нота. Во февруари освоивме прво место на реномиран меѓународен натпревар, претставувајќи се со „Ој, ти момче, охриѓанче“. Патем, аранжманите на сите песни се оригинални, односно јас ги приредувам за оркестрантите, адаптирајќи го милозвучниот македонски звук и за помладата публика, со цел да докажам дека и младите умеат да ја чувствуваат и пренесуваат народната музика -посочува Марко.
Тој ја искажа својата возбуда од мигот кога 25 средношколци на големата сцена успеале да ја пренесат магијата на македонскиот мелос далеку од Македонија и да ги стоплат срцата на публиката, но и да наидат на воодушевување од неа.
– Испраќаме огромна благодарност до сите спонзори, општествено одговорни компани и физички лица што одлучија да донираат финансиски средства за нашиот сон да се претвори во јаве. Нека нашиот светски успех биде пример за пожртвуваноста што ја носиме како младина и моќта што народната музика и љубовта кон татковината ја содржат во себе! Во зборовите на нашиот народ, кои ги искажав во воведниот говор во Њујорк: „Каменот тежи најмногу на своето место“. И навистина, враќајќи се дома со светски успех и желба да продолжиме понатаму, сфативме дека татковината е нашето вистинско место – изворот на музиката во нас – прецизен е младиот Марко Балоски.
Народниот оркестар при СУГС Гимназија „Орце Николов“ работи под менторство на професорите Сузана Тнокова Кузмановска и Миле Наумовски, а го сочинуваат Марко Балоски – диригент, Нина Димитровска – виолини, Мила Булатовиќ, Ана Мишевска, Матијас Момчиловиќ – мандолина, Сергеј Настески – кавал, Јана Неданоска – хармоника, Иво Тојтов – саксофон, Олег Стојковиќ – гитари, Јана Андреевска, Софија Нинеска, Ева Серафимовска, Ивана Ристеска, Горјан Николовски, Борјан Спироски, Виктор Грезу – бас-гитара, Бојан Јованов – тарабука, Ведран Алексовски – клавири, Теодор Прошев, Оливера Џамбазова, Александра Делева, Теодора Стојановска – тапани, и Марија Стојчевска.































