Новинарска опсервација за „бунтот на учениците во Франција“
- Француските ученици повторно излегоа на улиците. Зад протестите, блокадите и судирите со полицијата стои нешто многу посериозно од незадоволството од училиштата. На улиците е генерација што сè помалку верува дека францускиот систем во кој живеат има што да им понуди на младите…
Во Франција повторно протестираат учениците. Некои училишта се блокирани, некои од демонстрациите се претворија во судири, имаше палење и интервенции на полицијата.
– Властите зборуваат за радикали, политички агитатори и нарушување на јавниот ред. Но ако приказната заврши тука, ќе ја промашиме нејзината суштина. Бидејќи вистинското прашање не е кој ги пали контејнерите, туку вистинското прашање е зошто толку млади луѓе дошле до точка во која сметаат дека улицата е единствениот начин некој да ги слушне. Насилството не треба да се оправдува. Училиште во пламен не е симбол на подобро образование, ниту напад врз наставник е политички аргумент. Но осудата на насилството не е одговор на причините за протестот. А тие причини се одамна видливи. Разликата меѓу училиштата во богатите и сиромашните средини станува сè повидлива. И зад сето тоа стои едно многу поголемо прашање: Какво образование им нуди општеството на младите ако самото општество не знае каква иднина им подготвува – вели на почетокот на разговорот нашиот соговорник, Македонец, бизнисмен, кој повеќе од три децении живее во Париз.
Француските училишта немаат време за учениците
Според нашиот соговорник, добар познавач на општествените состојби во Франција, француските ученици бараат нешта што во суштина и не звучат револуционерно.
– Да не ги разбереме младите бунтовни ученици погрешно, низ призмата на политиката или на претстојните избори. Нивните испорачани барања се тотално аполитични. Имено, тие бараат наставник кога наставникот ќе се разболи, тие бараат помали паралелки, бараат училишните згради да бидат функционални, бараат подобри услови за учење и работа, бараат помалку бирократија и повеќе време за она за што училиштето всушност постои – за образование. Тоа го гледам, слушам и перципирам. Во дел од барањата се појавува и критика на системот Паркурсуп (Parcoursup), преку кој матурантите конкурираат за високото образование и кој за многу млади претставува уште една точка на неизвесност. Се разбира дека некој сето ова може да се прогласи за „политичка пропаганда“. Но политичката пропаганда не создава преполна училница, не создава дотраена зграда, не го измислува наставникот што не дошол на час затоа што нема кој да го замени. А најмалку од сè не го измислува чувството кај ученикот дека системот бара од него да се подготви за иднината, додека самиот систем не знае да му каже како таа иднина ќе изгледа – вели нашиот соговорник, со горчина констатирајќи ги лошите услови на јавното образование во Франција.
Надоаѓачка генерација што ја антиципира катастрофата што доаѓа
Соговорникот во својата експликација за проблемот на младите нагласува дека „денешните млади растат со нешто што претходните генерации го немале во оваа мера, а тоа се постојана свесност и сведоштво за заканите на кои се очевидци“.
– Младите гледаат војни во живо на нивниот паметен телефон. Гледаат раст на трошоците за живот и несигурни работни места. Ги гледаат последиците од сушите, поплавите и топлотните бранови. Знаат дека вештачката интелигенција веќе почнува да менува цели професии. А сепак од нив бараме да се однесуваат како светот да е стабилен и предвидлив. „Учете, па ќе имате добра работа.“ Но што значи „добра работа“ кога машините сè побрзо преземаат дел од задачите што денес ги извршуваат луѓето? „Стекнете диплома, па ќе имате сигурна иднина.“ Но што значи сигурност кога дури и високообразованите млади луѓе влегуваат во свет на привремени договори, високи трошоци за домување и постојано преквалификување? Од младите бараме да планираат живот за следните 30 или 40 години, а истовремено им покажуваме свет во кој не можеме со сигурност да кажеме како ќе изгледа следната деценија. Тука се раѓа една опасна противречност. Франција бара од младите да веруваат во иднината, а ние самите како држава им покажуваме сè помалку причини за таа вера – вели нашиот соговорник.
Училиштето е образование, но и воспитување
Современото масовно образование не настанало случајно. Со развојот на модерната држава, индустријализацијата и масовното општество, државите имале потреба од писмени, дисциплинирани и функционални граѓани.
– Ајде малку да се вратиме назад, во историјата. И не многу далеку, само неколку децении наназад. Имено, училиштето било место каде што се учеле читање и пишување, но и место каде што се учеле правила на општествено прифатливо однесување. Се учело да се доаѓа навреме. Да се седи мирно. Да се следат инструкции. Да се извршува задача. Да се почитува авторитет. Тоа било неопходно за општеството. Тоа е прво и основно за мене. А за образованието денес, ајде и за тоа неколку збора… Кога ученикот е незаинтересиран, најлесно е да се каже дека е мрзлив. Кога не чита, виновен е телефонот. Кога не пишува, виновна е технологијата. Кога користи вештачка интелигенција, виновен е ученикот. Можеби понекогаш навистина е така. Но што ако проблемот е и во задачата? Ако ученикот може да ѝ каже на ВИ да напише есеј и за неколку секунди да добие текст што изгледа пристојно, тогаш можеби прашањето не треба да биде само „како да го спречиме мамењето“. Треба да прашаме: Зошто му задаваме задача што може да се реши без вистинско размислување? Истото тоа важи и за читањето. Ученикот може да знае кој е главниот лик, што се случило во петтото поглавје и како завршува романот. Но дали книгата го натерала да размислува? Дали му го променила погледот кон светот? Дали го натерала да почувствува нешто? Тоа се прашањата што машината потешко ги заменува. И токму тие прашања треба повторно да станат центар на образованието – смета нашиот соговорник од Франција.
Реформа во образованието по која наставникот ќе
најде време да разговара со ученикот
– Јас сметам дека е проблем што секоја образовна криза речиси автоматски се решава со нова реформа, со нова програма, со нов систем на оценување. Нова дигитална платформа. Нов сет правила. Нови обуки. Уште администрација. А сè поретко се поставува едноставното прашање: Има ли наставникот време да разговара со ученикот? Затоа вистинската реформа можеби не е најтехнолошката. Можеби е најчовечката. Помали паралелки. Подобро платени наставници. Помалку административен товар. Повеќе простор за разговор. Повеќе практична работа. Повеќе уметност, историја и филозофија. Повеќе можности ученикот нешто да создаде, а не само да репродуцира. И, пред сè, образование што нема да му каже на млад човек само како да најде работа, туку и како да живее во свет што постојано се менува. Ова не е лошо да се разгледа и во Македонија, затоа што ми е познато дека и тука се во тек реформи во образованието, а примерот со Франција и каде таа како толку поразвиена потфрлила може да е значаен патоказ за Македонија – вели нашиот соговорник.
Најголемата опасност за Франција не е бунтот на учениците
Друг наш соговорник, интелектуалец, Французин што повремено ја посетува Македонија заради одредени научноистражувачки проекти, прашан за истата тема, многу сериозно одговори дека постои нешто што е многу посериозно од бунтот на учениците, што го смета како обична феноменологија и пројава на вистинската, драматична причина.
– Постои нешто што треба многу повеќе да нè загрижи од блокираните училишта. Тоа е моментот кога учениците ќе престанат да протестираат. Кога ќе заклучат дека ништо не може да се промени. Кога ќе престанат да веруваат дека нивниот глас има значење. Кога ќе ја прифатат идејата дека иднината едноставно ќе им се случи, без оглед на тоа што прават. Тоа би било вистинската капитулација. Бунтовниот ученик сè уште верува дека нешто може да биде поинаку. Апатијата значи дека повеќе не верува. Затоа не треба да го романтизираме насилството. Но не треба ниту да го користиме насилството како изговор да не го слушнеме незадоволството. Пожарот може да се изгасне. Училиштето може да се поправи. Наставникот може да се вработи. Наставната програма може да се промени. Но многу потешко се поправа општество во кое младите веќе престанале да веруваат дека иднината може да биде подобра. Француските ученици денес ни поставуваат непријатно прашање. Не само за француското образование туку за целото наше општество: Што им оставаме на младите освен диплома, долгови, несигурна работа и совет дека треба да се приспособат? Ако училиштето треба да биде место каде што младите се подготвуваат за иднината, тогаш прво мора да им покажеме дека иднината е нешто што може да се создава. И можеби најголемата опасност не е денот кога младите ќе го блокираат училиштето. Најголемата опасност е денот кога ќе престанат да веруваат дека вреди да го направат тоа. Затоа треба да се плашиме од денот кога младите повеќе нема да веруваат дека вреди да се бунтуваат – изнесува многу интересно становиште нашиот соговорник од Франција.
Училиштето како „политичка школа“
Француските ученици имаат долга традиција на политичко организирање. Од крајот на 1960-тите, средношколците се организираат во ученички комитети, учествуваат во антивоени протести, штрајкови и демонстрации. Во 1968 година тие беа дел од поширокото движење што го потресе француското општество. Во 1986 година масовно протестираа против универзитетската реформа. Во 1990 година бараа поголеми инвестиции во училиштата. Во 2005 година се спротивставија на образовната реформа. А во 2006 година беа меѓу клучните учесници во протестите против договорот CPE, кој предвидуваше полесно отпуштање на младите работници во првите две години од вработувањето. Владите отстапуваа. Закони беа повлекувани. Политиките беа менувани. Тоа е важен дел од француската демократска историја. И затоа денешните протести не треба да се третираат како необјаснива експлозија на младешки бес. Оваа генерација има пример пред себе. Знае дека организираниот притисок може да ја промени актуелната политиката. Д.Ст.
Потсетување на системот на образование и воспитување на Селестен Френе, француски педагог
Пред еден век францускиот педагог Селестен Френе веќе го поставувал токму тоа прашање. Френе не сакал ученикот да биде пасивен примач на знаење. Ги носел децата надвор од училницата. Ги терал да набљудуваат, да пишуваат, да разговараат и да создаваат. Набрзо вовел и училишна печатница. Децата пишувале текстови, ги печателе и ги разменувале со други училишта. Одеднаш пишувањето имало вистинска публика. Не било само домашна задача за оценка. Текстот требало да биде добар затоа што некој навистина ќе го прочита. Во тоа има важна лекција и за денешното образование. Децата не сакаат само да решаваат задачи. Сакаат да создаваат нешто што има значење. Сакаат да бидат слушнати. Сакаат нивниот глас да има последица. Можеби токму тоа е една од причините поради кои учениците денес излегуваат на улица. Не само затоа што сакаат подобри училишта туку затоа што сакаат да почувствуваат дека имаат право да кажат како треба да изгледа светот во кој ќе живеат. Д.Ст.































