Наместо солзи – лакримариум

Лакримариум… Тоа е мало стаклено шишенце што го користеле римските грации, а подоцна и современичките на Дулчинеја. Во него ги собирале солзите исплакани за своите љубени мажи. Или љубовници. Додека тие биле отсутни. Најчесто, во војни, победи, порази, отсуства, погибии, умирања… Количеството на солзите во лакримариумот и наталожените кристали сол сведочеле за големината, силата, вистинитоста, љубовта и тагата. Но тагата не е само емоција — таа е расплетување, празнина во која некогаш нешто постоело, а сега го нема. Таа те сече од внатре, оставајќи празна болка таму каде што некогаш живееле блискоста, другарувањето, љубовта. Тагата е несреќа на чувствителниот свет, ќе подвлече М.Ј. Лермонтов.
Неколку реда наместо солзи. Умираат ѕверовите што немаат лице. Умираат оние што убиваат, а за оние што се запалени, убиени, измачени – нема смрт, тие живеат вечно. Од многуте трагедии што ја снајдоа Македонија, она што се случи во Кочани е една што долго, никогаш и нема да можеме, не смееме да ја заборавиме. Трагедијата во Кочани се однесува на катастрофалниот пожар во дискотеката „Пулс“, кој избувна на 16 март 2025 година. Оваа несреќа се смета за најсмртоносниот пожар во историјата на Македонија, во кој животот го загубија 63 лица, главно млади луѓе на возраст од 16 до 24 години, а над 190 беа повредени. Пожарот избувнал за време на концерт, кога искри од внатрешен огномет го запалиле таванот на објектот
И додека шокот и болката бледнеат, а во умот и телото се враќа способноста за мисла и акција, мораме да се запрашаме како да продолжиме и кон каде да се придвижиме. Со што, со какви постапки, би можеле најдобро да им оддадеме почит на насилно прекинати млади животи?
Токму во библиска Македонија спроти најголемиот христијански празник се разлеаја диви крици, восклици на човечки накази што се обидоа да ги сотрат хуманизмот и човечката невиност и да ги распнат на крстот на чистата совест, проектирајќи го својот внатрешен хаос, истакнувајќи ги своите мрачни симболи, врз невини безживотни тела.
На крвавиот Велигден во Македонија, на 13 април 2012 година, свирепо, грозоморно беа убиени, егзекутирани петмина млади луѓе, без никаков повод, причина. Филип Славковски (20), Цветанчо Ацевски (19), Александар Наќовски (18) и Кире Тричковски (21) од Радишани.
„Мамо јас не сакам да умрам, тато јас вечно ќе живеам овде!“ Оваа трогателна порака е испишана на споменикот поставен покрај Смилковско Езеро, точно на местото каде што четворицата другари беа убиени.
Ги паметиме ли настаните во Владикавказ и трагедијата „Беслан“, кога во овој град во Северна Осетија во 2004 година е нападното училиштето број 1 и каде што животите ги загубија 316 луѓе, од кои 186 деца. Тие се погребани во меморијалниот центар „Градот на ангелите“. Во ваквите трагедии, најстрашен од сѐ е молкот.
Колку денес се сеќаваме на очајот во лицата што ги видовме на фреквенцијата на Ал џезира пред да бидат обезглавени….
Во Газа за шест месеци се убиени повеќе деца отколку во последните четири години вкупно во светот. Одново се разлеваат диви крици, восклици на човечки накази што се обидуваат да ги сотрат хуманизмот и детската невиност и да ги распнат на крстот на чистата совест, проектирајќи го својот внатрешен хаос, истакнувајќи ги своите мрачни симболи, врз невините детски безживотни тела.
Мрачната утроба на хомо сапиенсот многупати се манифестираше во својата изворна нецивилизирана крвава варијанта… сочувства до семејствата, изрази на најостра осуда за многубројните грозоморни злосторнички чинови, злодела. Нема правда што ќе ја омекне болката на семејствата, нема правда што ќе ги врати згазената гордост и достоинство. Трагедијата во Кочани се однесува на катастрофалниот пожар во дискотеката „Пулс“, кој избувна на 16 март 2025 година. Оваа несреќа се смета за најсмртоносниот пожар во историјата на Македонија, во кој животот го загубија 63 лица, главно млади луѓе на возраст од 16 до 24 години, а над 190 беа повредени. Пожарот избувнал за време на концерт, кога искри од внатрешен огномет го запалиле таванот на објектот.
Светот на силните продолжува низ глобалните медиуми да протежира лицемерен етички баланс и да опстојува без оглед на солзите, кои сѐ повеќе се доживуваат како застарена метафора на тагата и опстојувањето.

Аљоша Симјановски