„Одисеја“ стана културен феномен

„Одисеја“ на Кристофер Нолан продолжува да поставува рекорди на светските киноблагајни. Само во првите две недели од прикажувањето филмот заработи повеќе од 650 милиони долари и веќе стана најуспешното долгометражно остварување за оваа година. Ако продолжи со тоа темпо, би можел да ја надмине границата од една милијарда долари приход. Но спектаклот на Нолан не ја поттикна само публиката да оди во кино. По премиерата се зголеми интересот за античкиот еп на Хомер, но и за изучување на грчкиот јазик. Продажбата на делото во Обединетото Кралство оваа година наводно пораснала за 70 отсто во однос на 2025 година, а во Франција во средината на јули бројот на часови на слушање на „Одисеја“ на Спотифај се зголемил за повеќе од 752 отсто во однос на претходниот месец.
Продажбата на книги во САД е зголемена за 76 отсто од почетокот на годината. Филмот поттикна интерес и за грчкиот јазик. Според податоците на Гугл трендс, кои ги анализираа едукативната платформа Приплеј и британскиот „Тајмс“, бројот на пребарувања за поимот „учење грчки јазик“ во последните две недели е зголемен за дури 5.000 отсто. Експертот за јазични трендови, Медлин Енос потсети дека Хомеровата „Одисеја“ е напишана на старогрчки, што значително се разликува од јазикот што се зборува во Грција денес.
– Старогрчкиот им овозможува на читателите да се доближат до оригиналниот текст на Хомер и до светот на класичната антика, а современиот грчки може да им помогне на луѓето да се поврзат со денешната грчка култура и да комуницираат со нејзините говорници – вели Енос.
Таа додаде дека првичниот интерес, без разлика дали некој го привлекува хомеровскиот јазик или современиот грчки, може да доведе до подлабоко разбирање на грчкото јазично и културно наследство.