Кошаркарките на Крива Паланка првпат триумфираа во Суперкупот „Драган Василов-Цевка“, прекинувајќи ја доминацијата на Баскет Кам во ова натпреварување, пишува Кошаркарската федерација на Македонија. Крива Паланка победи со 63-51. По освоената шампионска титула минатата сезона, Крива Паланка стигна и до трофејот за победникот на Суперкупот. Во редовите на Крива Паланка се истакна новата американска двојка, Тања Гордон (23 поени, осум скока и четири асистенции) и Мариса Ли (17 поени и 10 скока), како и Глорија Груевска (14 коша), кои беа меѓу главните носители на играта на шампионот. Кај Баскет Кам во нападот доминираа Сања Адамовска (21 поен и девет скока) и Марија Митева (14 коша). За Крива Паланка ова е продолжение на успешната приказна од минатата сезона, во која тимот стигна до шампионската титула, а сега ја отвори новата сезона со уште еден голем трофеј, со што испиша нова страница во историјата на клубот.
Неодамна во машка конкуренција Суперкупот го освои MЗТ Скопје, откако во неизвесен финиш го совлада МКК Куманово 70-68 и шести пат во низа, а вкупно деветти пат, го освои трофејот. Г.И.