Ikigai
Кога во текот на истрагата ѝ стана јасно дека тука нема никакво злосторство, туку дека човекот си решил да исчезне, се прашуваше – зошто? Која е причината што го натера да го направи тоа? Сега, кога случајот беше решен, ѝ се чинеше дека го разбира, можеше да го замисли како секое утро оди од станот до работа и потоа попладне, од работа до станот, повторливо, исто, не гледајќи околу себе, будејќи се и во сабота и во недела во исто време, и дека еднаш, додека се качувал по скалите на зградата, помислил дека така ќе му помине целиот живот. А сега таму, во куќарката на питомите беровски планини, спие колку телото му сака, некогаш подолго, некогаш пократко, а кога ќе се пробуди, во пижами излегува надвор, во природа полеана со сончева светлина, потоа талка по некоја тревна патека подзастанувајќи да набере позрела малина. „Стани со радост“, како што вели терминот (не може да се сети како е точно, но е под буквата I) во книгата за Јапонија што ѝ ја даде Ленче. Така и за нашиот човек. Таму за него почнува оној друг, различен свет, си вели инспекторката Весела, свет без правила, свет без страв да не се задоцни, или намерно да се задоцни од немоќ. На твоја страна сум, го храбри инспекторката исчезнатиот додека ја отвора фиоката и зема коцкичка темно чоколадо.
Таман да ја загризе, кога во канцеларијата без најава упаѓа, кој друг, ако не шефот: – Добро утро, драга колешке. Чиста сметка, мирна вода! – пак ја погреши поговорката, помисли таа, додека шефот продолжуваше со својата гласна тирада: – Значи, мислите дека нема место за обвинение. Инаку, јас да сум главниот, односно раководител на таа негова установа, веднаш би добил отказ!
– А јас, спротивно, би предложила да му се додели заслужено боледување.
– Ах, вие со вашиот хуманизам, драга колешке. Прави добро и во река фрли го. Но, во ред. Задоволен сум што имам толку вредна соработничка. – ѝ се приближи, потпирајќи се со дланката на нејзината работна маса: – Имаме нов случај. Ми јавија од градско зеленило дека е украдена уште една биста. Од споменикот на херојот Вапцаров.
– Поетот – додаде таа.
– Добро де, поетот… Но ова со спомениците мора да престане! – конечно се сети да ја одлепи дланката од масата и малку да се оддалечи – Знам дека вие сте како погодена да ги решите кражбите.
Пред да излезе од канцеларијата, се заврте, дофрлувајќи ѝ соучеснички низ полуотворената врата: – Очите напред, а не назад!
Johatsu
Ноќта кога децата најпосле заспаа (откако мажот ѝ почна да ’рчи, сѐ уште го наслушнуваше нивниот возбуден шепот), инспекторката Весела продолжи да го чита туристичкиот водич за Јапонија на англиски што го доби од Ленче. Првиот, поголемиот дел беше богато илустриран со успешни фотографии, но неа повеќе ја заинтересира она што следуваше – алфабетниот речник со објаснувања на типичните термини од јапонскиот живот и култура. Секоја вечер, под бледникавата светлина на ноќната ламба, засенчена со хартија да не му го попречува сонот на маж ѝ, разгледуваше по три-четири термини, по секој од нив замислувајќи се за неговото значење. Стигна до буквата „J“ и поимот „johatsu“:
Johatsu
Refers to the people in Japan who purposly vanish from their established lives without a trace…
Тука мораше да запре чувствувајќи како жежок бран ѝ се качува накај градите, што понекогаш ѝ се случуваше во канцеларијата во полициската станица кога ќе дојдеше до конечно решение на некој заплеткана истрага. Со подигната возбуда го дочита oбјаснувањето на „johatsu“, претпазливо да не го прекине длабокиот сон на мажот ѝ: „…. ги напуштаат својата работа и дом, се повлекуваат во комплетна анонимност, одбираат тајни релокации на живеење, најчесто во помалку населени, рурални области. Полицијата не интервенира ако нема евиденција на криминално дело“.
На мобилниот го побара и го најде поимот на Википедија, имаше и поскромна македонска верзија, со буквален превод на поимот – џохацу = испарување!
Мојот џохацу господин, помисли инспекторката, испари од неподносливиот живот.
Го затвори мобилниот, го остави со книгата на ноќната масичка, ја исклучи ламбата, му заврте грб на ’рчечкиот маж и лесно, со полунасмевка, заспа и таа.
(продолжува)
































