Младински филмски фестивал „Џифони Македонија“
Богат викенд со работилници, разговори и филмови имаа учесниците на 14. младински филмски фестивал „Џифони Македонија“ на две локации – во киното „Фросина“, каде што работат сениорите и кадетите, и во Кинотеката – местото каде што се „главни“ јуниорите. Неделава тие ги привршија своите идеи, последни подготовки на сите работилници што се организираа во рамките на фестивалот, а на свеченото затворање на фестивалот покажаа и што сработиле.
Младите имаа можност да се запознаат со Ирис Харма, авторка на филмот „Кој те создаде“, документарен филм што ѝ пристапува од хуманистичка перспектива на една од најактуелните теми на нашето време, брзиот развој на технологијата и трансформацијата што следува со него. Филмот им пристапува на вештачката интелигенција и технологијата со искрена љубопитност и восхит, давајќи им глас на истражувачите што работат во оваа област. Преку прикажување на визиите на експертите и средбите меѓу луѓето и роботите, филмот ни овозможува да ѕирнеме во нашата блиска иднина.
Трифун Ситниковски го промовираше неговиот филм „Шега“, кој е базиран на кратка приказна на Чехов.
– Приказната е сместена во 19 век. На санка по ридот, момчето ѝ кажува на девојката дека ја сака. Уште од средно школо сум ја мислел оваа приказна и си велев дека мора да има некој начин да ја адаптирам и се поврзав со мое искуство и искуство на моите пријатели и ја сместив приказната во денешно време, на железничка станица – рече Ситниковски.
Тој им објаснуваше на кој начин го снимал филмот, затоа што е специфичен и вклучува воз, кој им поминува над главите на актерите во филмот. Еден од најважните совети што им ги даде на младите џифонци беше дека доколку сакаат да се занимаваат со филм, треба да се грижат нивната филмска екипа секогаш да биде исклучително безбедна.
Аниматорот Гоце Господиновски им раскажуваше за снимањето на анимираниот филм „Неми филмови“, кој беше прикажан на програмата на фестивалот. Тоа е проект со мал буџет на кој работеа пријатели и претставници на фамилијата, рече тој. Овој филм веќе има освоено многу награди на светски фестивали наменети за анимација.
Филмот на Ханис Багашов, „Кучињата немаат соништа“, предизвика големо внимание кај средношколците во киното „Фросина“, кои поставуваа прашања. Заедно со Ханис, гостин беше и Дениз Рустеми, актерот што ја толкува главната улога во филмот, заедно со актерката Ера Балај. Ова е еден од најдобрите филмови на младиот Багашов, кој полека но сигурно ја гради својата кариера како режисер и раскажувач на важни приказни. Филмот го сними заедно со кинематограферот Фејми Даути.
































