Околу 30.000 стерилни машки азиски тигрести комарци се ослободени во лисабонската населба Алваладе, во експеримент да се покаже дали може да се намали популацијата на видот што ги пренесува денга-треската, вирусот зика и жолтата треска. Ослободените мажјаци не ги гризат луѓето, бидејќи само женките се хранат со крв. Ова е последното ослободување во оваа фаза од проектот, при што во Португалија беа ослободени вкупно околу 90.000 комарци, пренесува португалската агенција „Луса“.
Стерилните мажјаци треба да се парат со диви женки, но овие парови не даваат потомство. Истражувачите тестираат дали ова ќе го намали бројот на комарци способни да се размножуваат.
Менаџерот на проектот, Афонсо Мореира, доктор од единицата за јавно здравје, рече дека комарците биле стерилизирани со докажана и безбедна техника.
– Кога ќе ги пуштиме во области каде што има популација на овој комарец, тие во суштина ќе се натпреваруваат со машките комарци што веќе се таму, дивите комарци – рече Мореира.
Во почетната фаза, истражувачите следат како се однесуваат ослободените комарци, колку далеку патуваат од местото на ослободување и колку долго можат да преживеат во таа средина. Доколку резултатите се позитивни, во мај планираат компаративна студија на подрачјата каде што се испуштале комарците и оние каде што популацијата се контролира со други методи. Експертите предупредуваат дека ослободувањето стерилни мажјаци не е единствената мерка: сепак е неопходно да се отстранат местата каде што се размножува азискиот тигрест комарец. Овој вид може да пренесе неколку заразни болести, но само ако женката прво касне заразено лице, а потоа друго лице.

































