
Повод: Владата на канцеларот Фридрих Мерц предлага значително проширување на овластувањата на безбедносните служби
- Новите овластувања предвидени за германските разузнавачки служби се мошне проширени. Имено, Сојузната разузнавачка служба (БНД) би добила можност да презема активни мерки против странски субјекти што би биле проценети како закана за Германија. Меѓу предвидените можности се наведуваат саботирање странски компании, пробивање во информатички системи, како и онеспособување оружје што би се проценило како опасност за германската безбедност. Второ, Сојузната служба за заштита на уставниот поредок (БфВ), која како контраразузнавачка служба е задолжена за внатрешната безбедност, според предложената реформа би можела тајно да влегува во домови, како и да пристапува до компјутери и мобилни телефони…
Германија отвора нова и чувствителна политичка битка околу границите на моќта на своите разузнавачки служби. Владата на канцеларот Фридрих Мерц предлага значително проширување на овластувањата на службите, образложувајќи го потегот со потребата земјата поефикасно да им се спротивставува на современите безбедносни закани.
Но уште на првата парламентарна расправа, предлогот предизвика жестоки реакции. Пратеници од Алтернатива за Германија (АфД), Левицата и зелените предупредија дека реформата може сериозно да навлезе во основните права и слободи на граѓаните.
Во центарот на спорот е прашањето каде завршуваат овластувањата на разузнавањето, а каде почнуваат оние на полицијата.
Од собирање информации до активно дејствување
Најголем дел од контроверзиите произлегуваат од новите овластувања предвидени за германските разузнавачки служби. Според предлогот, Сојузната разузнавачка служба (БНД) би добила можност да презема активни мерки против странски субјекти што би биле проценети како закана за Германија. Меѓу предвидените можности се наведуваат саботирање странски компании, пробивање во информатички системи, како и онеспособување оружје што би се проценило како опасност за германската безбедност. Со тоа би се направил значаен чекор подалеку од традиционалната улога на разузнавачките служби, чија основна задача е прибирање и анализа на информации. Токму оваа промена е една од клучните точки на спорот: службите не би биле ограничени само на откривање и следење на заканите туку би можеле и директно да дејствуваат против нив.
БфВ со можност за тајно влегување во домови
Уште почувствителен е предлогот што се однесува на Сојузната служба за заштита на уставниот поредок (БфВ), која како контраразузнавачката служба е задолжена за внатрешни безбедносни задачи.
Според предложената реформа, под одредени услови службата би можела тајно да влегува во домови, како и да пристапува до компјутери и мобилни телефони.
Таквите мерки отвораат сериозни прашања за заштитата на приватноста, неповредливоста на домот и безбедноста на личните податоци.
Критичарите стравуваат дека со ваквите овластувања разузнавачките структури би добиле инструменти што досега се поврзуваа првенствено со работата на полициските и истражните органи.
„Нова ера“ за германското разузнавање
Министерот за внатрешни работи Александер Добрингт ја брани реформата како неопходен одговор на променетата безбедносна средина.
Според него, Германија влегува во „нова ера“ во која разузнавачките служби повеќе нема да бидат ограничени само на собирање информации туку ќе можат активно да придонесуваат кон отстранување на заканите.
Владата, според тоа гледиште, се обидува да ја приспособи безбедносната архитектура на земјата кон закани што се менуваат побрзо од традиционалните процедури на државните институции. Но токму активното дејствување на службите е она што предизвикува најголема загриженост кај дел од опозицијата.
Од предупредувања до споредби со Штази
Во парламентарната дебата, критичарите користеа исклучително остар речник. Дел од нив ја споредуваат реформата со создавање „Штази 2.0“, алудирајќи на поранешната тајна полиција на Источна Германија. Таквите споредби покажуваат колку е чувствително прашањето во германското општество. Историското искуство со политичкиот надзор и злоупотребата на безбедносниот апарат и денес има силно влијание врз дебатата за овластувањата на државата. Критичарите не тврдат само дека службите добиваат повеќе моќ. Тие предупредуваат дека со реформата се менува и самата природа на нивната работа – од набљудување и собирање информации кон директно преземање дејствија.
Безбедноста против приватноста
Суштината на спорот, затоа, не е само во техничките детали на законските измени. Во прашање е рамнотежата меѓу две основни државни обврски. Прво, заштитата на граѓаните од сериозни закани и второ, заштитата на нивните основни права. Обете се еднакво важни. Владата смета дека современите закани бараат современи инструменти. Опозицијата, пак, предупредува дека токму во име на безбедноста државата може да добие прекумерни овластувања.
Особено чувствително е прашањето за тајното влегување во домови и пристапот до електронски уреди. Компјутерите и мобилните телефони денес содржат огромен дел од приватниот живот на граѓаните – од комуникации и фотографии до финансиски и лични податоци.
Последниот збор ќе го има Бундестагот
Реформата сè уште не е завршена. Предлогот треба да помине низ парламентарната процедура и да добие поддршка од Бундестагот. Планирано е новиот закон да стапи во сила на почетокот на 2027 година, што остава простор за дополнителни политички пресметки, измени и парламентарна дебата. Во наредниот период клучното прашање ќе биде како ќе се дефинираат условите под кои службите ќе смеат да ги користат новите овластувања и какви механизми на контрола ќе бидат поставени над нивната работа.
Колку моќ може да има државата кога се повикува на националната безбедност?
Германската дебата повторно го отвора старото, но секогаш актуелно прашање. Имено, колку моќ може да има државата кога се повикува на националната безбедност?
Владата на Мерц ја гледа реформата како одговор на новата безбедносна реалност. Нејзините критичари ја гледаат како потенцијално опасно поместување на границите на државниот надзор.
Одговорот на оваа дилема нема да го даде само парламентот со гласањето за законот. Ќе го дадат и механизмите за контрола, судскиот надзор и начинот на кој новите овластувања ќе се применуваат во пракса.
Токму затоа, германската расправа за разузнавачките служби може да стане една од најзначајните дебати за односот меѓу безбедноста и граѓанските слободи во земјата во пресрет на 2027 година.
Доне Прентоски, постојан соработник на „Нова Македонија“ од Германија
































