Во Домот на културата во Струга, неодамна се одржа уметничката манифестација „Браќа Миладиновци – миладиновско слово“ во чест на македонските преродбеници Димитар и Константин Миладинови.
Во рамките на истата таа се одржа промоција на новиот „Зборник“, издание посветено на јубилејот – 165 години од објавувањето на „Зборникот“ на браќата Миладиновци. Зборникот го уредија Марија и Биљана Мартиноски, а произлезе од литературен конкурс на кој авторите твореа инспирирани од животот и делото на преродбениците.
Средношколката Ана Ашталкоска, ученичка во ОУЦ Гимназија „Ибраим Темо“ во Струга, е добитничка на признанието „Миладиновско слово“ за најдобра млада поетеса во рамките на манифестацијата.
Наградата претставува значајно признание за нејзиниот творечки потенцијал и потврда дека книжевниот збор и поетското творештво продолжуваат да живеат и меѓу младите генерации.
На свеченоста се обрати Ристо Миладин, основач и претседател на фондацијата „Браќа Миладиновци – миладиновско слово“ и директен потомок на Миладиновци, кој говореше за значењето на нивното дело и потребата од негово континуирано негување, промовирање и пренесување на идните генерации.
– Признанието на Ана Ашталкоска е уште еден показател дека Струга и нејзините млади продолжуваат да го негуваат книжевниот и културниот дух на градот, но и дека наследството на Миладиновци добива нов живот преку творештвото на младите автори – рече тој.
Свечената програма ги обедини книжевноста, музиката и народното творештво, поврзувајќи го богатото наследство со современиот авторски израз. Пред присутните беа претставени и избрани народни песни од оригиналниот „Зборник“ на Миладиновци, како и поетски и есеистички творби на современите автори застапени во новото издание.

Стојан Кукунешоски


Гласот ја учи тишината да зборува

Минатото ми шепоти…
Тече тивок звук низ жилите на времето.
градината бујна од песни и спомени
сѐ уште ги храни светлите корени.

Не, во градината не цутат цветови,
ама векови што одбиле да овенат.
Нејзините гранки не допираат до небото,
ами подлабоко – до помнењето.

Кога заборавот ја спушта студената наметка
врз лицето на историјата,
од мракот извираат два пламена,
два пламена со јазик од зборови и тишина…

Вие не ги собиравте песните,
вие ја спасувавте душата на оние што ги пееја!
Вие не ги броевте стиховите,
вие го зачувувавте пулсот на мојот народ!

И денес, таму каде што езерото
ја пушта реката од својата прегратка,
водата не тече – таа раскажува,
ветрот не мирува – тој одекнувал.

Денес над бреговите на таа река,
уште стојат двете сенки од светлината,
чијшто глас стана вечност,
сѐ уште ја учи тишината како да зборува!

Авторка: Ана Ашталкоска ОУЦ Гимназија „Ибраим Темо“ – Струга Првонаградена песна на манифестацијата „Браќа Миладиновци – миладиновско слово“, 2026