Илустрација креирана со ВИ

Низ страниците на македонската литература за деца: „Приказна за две деца“ на Наташа Брезовска Богоевска

Приказната за Тино

Тино беше многу возбуден што ќе го види морето, ќе го вкуси соленилото на водата, ќе истражува под водата. Единствено го мачеше движењето по жешкиот песок, од лежалката до брегот. Секогаш се обидуваше да го помине патот како да лебди и за волја на вистината, изгледаше смешно. Иако тоа го знаеше, не сакаше кога некој му се смее. Се чувствуваше навредено. Само што пристигнаа на плажа и го остави ранецот на лежалката, се упати кон водата. Не ја ни слушна мајка му како му довикува да не влегува веднаш во вода, бидејќи е загреан. Одејќи на прсти, со раширени нозе, се нишаше лево-десно. Кога ќе го прижежеше, потскокнуваше. Знаеше дека изгледа смешно, бидејќи кога би гледал некој друг како би го правел тоа, би паднал од смеење. Па така, само што влезе во водата, почна да разгледува дали некој го гледа или му се смее. Го фати погледот на едно дете, кое имаше насмевка на лицето. Не само што го гледаше туку не го тргаше погледот од него. „Ама е дрзок, кај ми се смее, па и не го трга погледот од мене. Буквално зјапа, како да не видел дете“. – си помисли.
Реши да го игнорира и да ужива во водата. Пливаше, скокаше, нуркаше, ама одвреме-навреме, ќе погледнеше кон брегот и ќе го видеше детето како повторно гледа кон него. Се изнервира и реши да се справи со дрското дете. Заборави на жешкиот песок и решително тргна кон детето, гледајќи го право в очи. Но детето не го тргаше погледот. Тино одеше право кон него. И токму кога сакаше да му се развика, до детето седна еден човек, најверојатно татко му. Решителноста го напушти Тино, па тој продолжи да оди кон својата лежалка. Го забележа детето како нешто му шепоти на татка си и како двајцата се смееја на глас. Тино си помисли дека му се смеат нему, па се сврте и решително му се обрати на детето. Здраво, јас сум Тино. Само да знаеш како се викам кога ќе правиш шеги на моја сметка. За да знаеш зошто одам така пробај да одиш бос по врелиот песок.
И токму кога сакаше да се сврти и да замине, го слушна детето како му се обраќа на татко му.
– Кој е тато? Како изгледа?
Не знам, Бени, некое дете. Со црна коса и црни очи,
колку тебе висок, веројатно твој врсник.
– Зошто вели дека се шегувам на негова сметка и како оди тоа? Јас ниту сум го видел, ниту сум му се смеел – збунето рече Бени.
– Сине, некое недоразбирање – рече татко му.
– Недоразбирање!? – изнервирано рече Тино – па цело време зјапа во мене, а потоа заедно си шепотите и се смеете.
Зјапам? – прашално рече Бени.
– Да, зјапаш, те гледав цело време.
– Си ме гледал? Убаво, тогаш можеш да ми кажеш како изгледам, бидејќи јас не гледам. Ниту себеси сум се видел ниту пак тебе – се насмевна Бени.
– Не гледаш?! – изненадено рече Тино. Збунето стоеше, а лицето почна да му се вцрвува, сфаќајќи што направи. Почна да пелтечи:
– Јас, се… јас, навистина не знаев. Се извинувам… навистина.
– Слушај синко – се вмеша татко му – Бени е роден слеп, не би можел да те гледа, иако тоа од срце го посакувам. Но и да гледа, тој не би те исмејувал, бидејќи знае дека тоа не е убаво.
– Да, јас не би се смеел. Нели сите сме различни и нашите доживувања се различни. А и како да ти се смеам, јас кога пливам плескам со рацете, па се вртам на сите страни сакајќи да го погодам вистинскиот правец, за да не се удрам во некого. Нели тато, кажи му колку јас сум смешен.
– Се извинувам, многу се извинувам, јас не знаев. Мислев ме гледаш, гледаше право.
– Да, свртен сум кон водата, бидејќи слушам џагор, плискање на водата, како бранови и оној звук што го правите вие, пливачите, додека ја плескате водата со рацете. Ги раздвојувам звуците и си правам слика како изгледа на плажа.
– Леле, многу ти се извинувам, непромислено од моја страна.
– Како би знаел? И доста ми се извинуваш. Ако сакаш да ми се извиниш, седни до мене и објасни ми ја сликата што ја гледаш околу нас. Тино збунето го погледна, но го послушна и седна до него.
– Ајде Тино! Кажи ми го твојот поглед на плажата, можеби се разликува од оној на тато. Така Тино почна да објаснува сѐ што гледа околу него, иако на некои работи тој воопшто не обрнал внимание.

Приказната за Бени

Конечно пристигнавме на море. Со нетрпение го очекував денот кога тато соопшти дека тргнуваме. Просто го обожувам оној допир на водата по целото тело, дури не ми пречи и кога ми прскаат в лице. Да бидам искрен, не ми пречи ниту кога голтам вода, иако малку е непријатно чувството. Толку се радувам на оној звук што го прави водата кога се движи, бидејќи е различен од сите звуци што ги слушам во текот на годината. Има некое дејство што ме смирува. Првата година кога дојдовме, џагорот што ме опкружуваше ме правеше збунет, нервозен. Потоа тато ми рече да се концентрирам на звукот на водата и да ја држам главата во нејзин правец. Ми рече дека многу смешно изгледам кога се вртам час лево, час десно или напред-назад.
– Личиш на вентилатор – ми рече и се изнасмеа.
Јас приближно знаев како го прави тоа вентилаторот, бидејќи имавме дома и јас еднаш го бркав ладниот воздух што ми бегаше. Па така, секогаш кога доаѓаме, јас го следам звукот на водата. Сепак, во последно време не ми пречи ни џагорот околу мене. Понекогаш си замислувам колку луѓе има на плажата. Замислувам и деца што трчаат, се сончаат, пливаат, уживаат… Секој на свој начин..
Денес имаше малку посетители, или беа тивки, бидејќи слушав помалку гласови. Си легнав на лежалката и се сконцентрирав на звукот на водата. За момент покрај мене слушнав нешто како потскокнување, што ме намами да ја свртам главата. Си помислив, ако е куче ќе дојде до мене, ако е пак дете ќе ме одмине.
Ме одмина, значи било дете.
– Повторно ја свртев главата кон водата и ја слушав… Така стоев подолго време, уживајќи.
Се прашувам, дали баш така изгледа како што јас си го замислувам. Од сонувањето со отворени очи ме разбуди допирот на татко ми, кој седна до мене. Ми шепна за смешната случка што ја доживеал поради тоа што тргнал по ладни пијалаци, бос. Кога стасал до фрижидерот, табаните му биле толку вжештени, што веднаш го отворил шишето со сок и го истурил врз нив. Продавачот го погледнал чудно и му рекол дека прв пат гледа некој да пие сок со нозе, обично го прават тоа со уста.
Не знам на што повеќе се смеевме на тоа што го направил тато или на коментарот на продавачот.
Смеата ја прекина детски глас што се претстави дека е Тино и ме обвини дека му се смеам на тоа како оди.
Камо да можев да видам како оди! А многу би сакал да видам и како изгледа. Обично одморите ги минувам сам, само со мама и тато. Не дека не го сакам нивното друштво, но сакам друштво на деца.
Детето звучеше изнервирано. Ми рече дека сум зјапал. Јас не знам ни како изгледа да зјапаш. Но кога тато и јас му објаснивме дека сум слеп од раѓање и не гледам, тонот на гласот се смени. Почна да се извинува, а јас тогаш собрав храброст и му реков
– Како би знаел? И доста ми се извинуваш. Ако сакаш да ми се извиниш, седни до мене и објасни ми ја сликата што ја гледаш околу нас.
Тино почна да објаснува:
– Е па, вака, од твојата лева страна има лежалка на која лежи еден човек што нема коса и ја покрил со крпа зa да не поцрвени. До него, на другата лежалка, има една повозрасна жена со сламена шапка. Знаеш што е сламена?
Сламена? Не баш – одмавнав со главата.
Како да ти објаснам… почекај – почувствував како стана, но за момент се врати и повторно седна – еве, почувствувај ја. Мислам дека вака подобро ќе знаеш што е тоа сламена шапка.
Ја зедов в раце и ја почувствував рапавоста на материјалот, формата… Додека го правев сето тоа, тој замолче. Кога му ја вратив, продолжи задоволно да објаснува со полн елан, како да ја добил најважната задача.
Пред нозете на човекот има две мали деца, не знам колку се високи оти клечат, ама ми се чини околу три години имаат. Играат со песокот со лопатчиња во сина боја. Знаеш, боја како водата и небото, боја како, хм, сега да размислам како да ти објаснам…
Тино зборуваше, објаснуваше кажувајќи ми работи сосем различни од тато. Навистина имаше поинаков поглед од татo.