СВЕТСКО ПРВЕНСТВО ВО ДРУМСКИ ВЕЛОСИПЕДИЗАМ
- Деми Волеринг ја освои светската титула во женската друмска трка
Брендон Мекналти (28) стана првиот Американец што ја освои светската титула во машка друмска трка по 33 години, остварувајќи импресивна победа во Монтреал. Тој во неверување ја помина целта со предност од 13 секунди пред групата што беше зад него, завршувајќи ја напорната патека од 273,4 км за шест часа и 17 минути. Австралиецот Мајкл Метјус е втор, а поранешниот победник, Холанѓанецот Матје ван дер Пул, е трет. Претходен Американец што победил на оваа трка бил Ленс Армстронг во 1993 година, пишува „Би-би-си“.
– Сѐ до последните 800 метри не верував, бев премногу уморен. Немам зборови. Знаев дека може нешто да се случи, но беше потребно чудо, и претпоставувам дека денеска се случи чудо – изјави Мекналти, пренесе „Би-би-си“.
Во женска конкуренција Деми Волеринг (29) ја продолжи својата извонредна сезона со возбудлива победа, освојувајќи ја светската титула во женската друмска трка во Монтреал. Холанѓанката успеа да го одбие нападот во завршницата од Касја Ниевиадома-Фини и да додаде уште една титула во својата колекција, надоврзувајќи се на победите на Тур де Франс, Џиро д’Италија и на Светското првенство. Таа победи и на низа еднодневни класици во пролетниот дел од сезоната, вклучувајќи ги Тур на Фландрија и Лиеж-Бастоњ-Лиеж.
– Уште не можам да поверувам. Напорно работев за оваа цел, а потребна е храброст да веруваш во неа со целото срце. Имаше многу моменти кога мислев дека тргнав прерано. Не се осмелив да се свртам и да погледнам назад, бидејќи имав чувство дека веќе ми се речиси зад тркалото. Едноставно се осмелив, се обидов повторно и не се откажав до целта – рече Волеринг, пренесе „Би-би-си“. Г.И.
































