
ФУДБАЛ – ЛИГА НА НАЦИИТЕ
- Вечерашната средба во Љубљана е во 2. коло на лигата Б
Фудбалските репрезентации на Македонија и на Словенија вечерва (20.45 часот) ќе се сретнат осми пат меѓу себе, во Љубљана, овој пат во второто коло на новата сезона на Лигата на нациите, во лигата Б. Тоа ќе биде трет официјален меч помеѓу двете селекции во квалификации за големите натпреварувања или во Лигата на нациите.
Во досегашните меѓусебни средби Македонија е поуспешна од Словенија, вклучувајќи ја и победата на првиот натпревар во својата историја, одигран пред речиси 33 години, со 4-1, во пријателскиот дуел во Крањ, на 13 октомври 1993 година.
Во првото коло на групата 1 во Лигата на нациите, Македонија во саботата дома загуби од Швајцарија со 0-3, а Словенија, исто така на свој терен, одигра реми, без голови, со Шкотска.
Македонија во лигата Б се пласира како победник на групата 1 во лигата Ц, во минатото издание на Лигата на нациите, а Словенија и во претходната сезона играше во лигата Б, кога го освои трето место во групата, во која беа и Норвешка, Австрија и Казахстан, а потоа преку плејофот со Словачка обезбеди опстанок во овој ранг. Македонија е дебитант во лигата Б, а Словенија трета сезона по ред е членка на лигата Б во Лигата на нациите.
Од следната сезона Лигата на нациите ќе се игра со изменет формат, па наместо четири, ќе има три лиги, А, Б и Ц, секоја со по 18 репрезентации. Победниците на четирите групи во лигата Б ќе обезбедат пласман за идната сезона во лигата А, второпласираните ќе играат во плејофот за пласман во лигата А, третопласираните ќе опстанат во лигата Б, а четвртопласираните ќе играат во плејофот за опстанок во лигата Б. Н.М.































