На ред е титулата ВМ: Антон Златков / Фото: ШФМ

ШАХ

  • Златков се издвојува по својата психолошка стабилност. И повеќе од сигурен сум дека ќе стане велемајстор, а овој период ќе биде клучен и за негов повисок дострел, вели шаховскиот тренер ИМ Орце Данчевски

Талентираниот шахист од Скопје, член на ШК Гамбит Асеко СЕЕ и репрезентативец на Македонија, Антон Златков (19) е најновиот македонски интернационален шаховски мајстор (ИМ). Неофицијално, според податоците на Светската шаховска федерација (ФИДЕ), тој е 15. по ред во Македонија. Тој го оствари тоа во 10-то, претпоследно коло на 46. Шаховска олимпијада (ШО), која вчера заврши во узбекистанскиот град Самарканд, каде што ги бранеше боите на Македонија на втората табла.
Првата норма за ИМ ја освои годинава на Европското првенство (ЕП) за сениори во Катовице (Полска), каде што ја освои и првата норма за велемајстор (ако се освои велемајсторска норма, таа важи и за ИМ), а втората норма за ИМ на Екипното првенство на Македонија исто така годинава. Претходно титулата ФИДЕ-мајстор (ФМ) ја освои во 2024 година. Со актуелен рејтинг од 2.422, пред Златков остануваат уште две норми за титулата велемајстор (ВМ) и достигнување рејтинг од 2.500 поени.
Ова е само уште еден пример дека македонскиот шах има огромен потенцијал и млади луѓе што можат да стигнат многу далеку на шаховското поле. Пред него претходен што стана ИМ беше Емил Ристески (роден во 2004 година, ИМ стана во 2023 година), кој сега на ШО 2026 ги бранеше боите на Македонија на првата табла. И двајцата ги освоија титулите ИМ на 19 години. Најмлад македонски ИМ е Дејан Стојановски (роден во 1984 година, ИМ стана во 2002-та), односно титулата ја освои на 18 години.

– Златков се издвојува по својата психолошка стабилност. И повеќе од сигурен сум дека ќе стане велемајстор, а овој период ќе биде клучен и за негов повисок дострел. Се надевам дека ќе успее да дојде и до границата од 2.600 рејтинг-поени. Со големо внимание ќе ги следам неговите следни турнири. Златков веќе успеавме да го регистрираме за шведскиот прволигаш Ексјо од овој септември, во кој и јас настапував три сезони. Шанса ќе има, како ќе ја искористи, ќе видиме. Ексјо е елитна екипа, која игра во најсилната шведска лига – ни изјави шаховскиот тренер ИМ Орце Данчевски, кој многу години го тренираше Златков.
На ШО 2026, Златков (2.422 рејтинг-поени) титулата ИМ ја освои по 10. коло со освоени 6,5 поени (пет победи, три ремија и два пораза), со играчки перформанс од 2.445 р.п., а освои и нови 6,5 рејтинг-поени. Вчера настапи и во 11. коло, односно не одмори ниту еднаш, што е напорно за една ваква долга Шаховска олимпијада. Златков, кој е повеќекратен младински првак на Македонија во повеќе возрасни категории и победник на повеќе младински турнири во неколку држави, а беше и сениорски вицепрвак на Македонија, на ЕП 2022 за младинци до 16 години во Анталија беше на 18-то место. Негова желба е да стане ВМ. Во интервју дадено во 2024 година за „Нова Македонија“ рече дека ИМ ќе стане за две години. Ветувањето го исполни. Г.И.