Славко Матовски, татко на ракометот во Македонија

Од ракометното минато (39)

  • По неколкуте блескави сезони и четирите освоени титули републички првак, битолска Пелагонија, по Работнички, Графичар и Борец, стана следниот наш клуб во елитната лига на поранешната држава

Ракометот, кој во неколку македонски града стана речиси еднакво интересен како фудбалот, по трите клуба-учесници во Првата југословенска ракометна лига, во името на Пелагонија го доби четвртиот прволигаш. Тоа се случи во 1971 година, откако „пелагонци“ триумфално ги завршија настапите во Македонската лига. Шампионската титула ги разгали битолчани и му покажаа на спортскиот свет оти градот под Тумбе Кафе, заедно со Скопје, всушност е центарот во кој првпат почна да се игра ракометот. Веќе пишував за тоа какви беа почетоците во спортот број еден во кој Македонија денес има значајно место и на светската ракометна сцена. Овој пат, за оние што можеби не ги прочитаа првите написи од овој ракометен серијал, ќе споменам само дека овој денешен ракомет е всушност еден вид трансформација од големиот ракомет.
Многумина ќе се запрашаат зошто. Одговорот е едноставен – затоа што во предвоените и првите повоени години по Втората светска војна, токму тој, големиот ракомет беше практикуван во повеќе европски земји, од кои најмногу отскокнуваше Германија. Всушност Германците се сметаат за зачетници на играта со топка со рака, но не на ракометен терен како денешниот, туку на фудбалско игралиште.
Токму затоа, тогаш и не знаејќи дека ќе дојде до негова трансформација, почна да се нарекува голем ракомет. Дури подоцна се појави оној тогаш, а и со години потоа (некаде дури и денес) се нарекува мал ракомет. Со појавата на малиот ракомет, со оглед на помалата инфраструктура за поставување ракометен терен, новиот спорт со голема брзина се ширеше насекаде. Училишните дворови беа најпогодни места за играње ракомет. Во нив многу лесно и без некои големи инвестиции можеа да се постават игралишта за мал ракомет, спорт што веднаш ги привлече учениците и со задоволство беше прифатен од младите. Така, ракометот почна да ја гради својата историја.

РК Пелагонија претходник на Пелистер

Интересен е податокот оти во Битола во почетокот биле формирани две женски екипи. Славко Матовски, како прв образован дифовец од ФИСОМ, бил испратен во Битола да отвори фискултурно училиште, во траење од шест месеци, колку учениците да се стекнат со основните знаења од фискултурата и од начинот на практикување особено на игрите со рака со топка. Среќна околност била што во исто време во градот престојувала и Нада Митрева, ученичка во Средното фискултурно училиште во Загреб, која заедно со Блага Митрева, ученичка во Економскиот техникум (подоцна станува сопруга на Славко), заедно, нормално со помош на Матовски, почнале да ги анимираат битолските девојки и да ги насочуваат кон ракометот. Оваа „тројка“ како добро упатена го промовира овој спорт и на 1 април 1950 година во Битола се одиграл првиот натпревар во голем ракомет помеѓу две женски екипи. Ова го пишувам за да се знае оти во градот под Тумбе Кафе уште во повоените години заживеал женскиот ракомет, речиси истовремено кога во Скопје почнал да се игра машкиот голем ракомет.
Токму поради овие факти, кои говорат за битолската ракометна традиција, не беше чудно што набрзо се појави еден силен машки клуб, Пелагонија. Мора да се спомене оти претходно во Македонската лига играа дури два клуба, Работник и Битола, што ја потврдува констатацијата дека Битола е ракометен град. Како и да е, по многу договарања во тоа време, Пелагонија станува водечка екипа. Таа всушност беше претходница на Пелистер, кој денес настапува под името Еурофарм Пелистер. Иако прволигашкиот почеток беше со Пелагонија, сепак, сите знаат оти токму таа беше претходница на сѐ што се случуваше во битолскиот ракомет, па би се рекло од неа се роди силниот Пелистер, кој стана фактор не само во македонскиот туку и пошироко, во ракометот на поранешната југословенска сцена, а сега дури и на европските простори.

Битолчани со четири републички титули

По пласманот на Борец во Првата ракометна лига, се отвори простор за другите екипи да се тркаат за титулата во Првата македонска лига. Веќе следната година (1968) на првото место се радуваа токму ракометарите на Пелагонија. Тие одиграа навистина една убава сезона, во која цело време се бркаа со кавадаречки Тиквеш, за на крајот, сепак, победничкиот пехар да оди во витрините на битолчаните. Тие првенството го завршија со 36 бода, два повеќе од Тиквеш. И оваа бодовна разлика најубаво говори колку била неизвесна трката за титулата. Мал кикс на битолчани дома или надвор можеше да ги чини титулата. Но до тоа не дојде и Пелагонија со освојувањето на титулата го отвори патот кон квалификациите за Првата југословенска лига. Меѓутоа, на квалификацискиот турнир во конкуренција со Рудар од Плевље, Бечеј од Војводина и Кварнер од Риека, битолчаните остварија само една победа и турнирот го завршија на третата позиција.
Во овој период, поточно во 1968 година, пак, првиот македонски ракометен клуб и прволигаш Работнички ја прославуваше својата 20-годишнина од формирањето. Се очекуваше прославата да биде спектакуларна, но поради испаѓањето од Првата југословенска и слабите резултати во Македонската лига, таа се одржа многу скромно и некако во сенка. Од сето она што се случуваше во рамките од прославата, највпечатлива беше пријателската средба во голем ракомет, одиграна со стариот познаник нишки Железничар. Ова беше потсетување на нивниот прв дуел одигран во септември 1948 година токму на Градскиот стадион во Скопје. Овој пат ветераните на нишкиот тим беа поуспешни и славеа со 12-5. Не знам дали во иднина некогаш ќе бидат споменати играчите што ги бранеа боите на Работнички, затоа овој пат јас ќе ги споменам за да останат во вечната македонска ракометна историја: Августовски, Калајџиев, С. Матовски, Тодоровски-Цефи, Богдановски, Цветковски, Б. Димитровски, Ивановски, Н. Куновски, Таневски-Јанда, Н. Матовски, Петровски-Роко, и Стојковски.
Овој настап во првите квалификации не ги разочара битолчаните, кои со ист интензитет ги продолжија своите активности. Тие сега се подготвуваа да ја одбранат републичката титула од претходната година. Во тоа успеаја и повторно станаа шампиони.
Триумфираа во сезоната 1968/1969 и за шест бода (37) му побегнаа на Работнички. Но повторно не успеаја во прволигашките квалификации. На турнирот одржан во Загреб, со по една победа, реми и пораз, од домашниот Металац, го освоија второто место и не станаа прволигаши.

Патот до Првата лига

Од она што се случуваше во претходните две сезони во Македонската лига, Пелагонија ги најавуваше своите сериозни амбиции за конечно влегување во елитната лига. Но, и покрај доминантната улога и освојувањето на третата титула едноподруго во натпреварувачката сезона 1969/1970, сепак, и во третиот настап во квалификациите битолчаните не успеаја.
Следната сезона, за која може да се каже оти беше една од најинтересните и најнеизвесни во Македонската лига, Пелагонија со крајни напори, со ист број бодови со Тиквеш, 33, четврти пат едноподруго ја освои републичката титула. Ова значеше четврти пат да игра во прволигашките квалификации, на кои домаќини беа токму битолчаните. Сите беа свесни дека по освоените четири првенства на Македонија, конечно дојде шанса успешно да се одигра и во квалификациите. Битолчани ја имаа судбината во свои раце и сѐ зависеше од нив, а и од поддршката од трибините. Мора веднаш да се каже оти навивачите на Пелагонија одиграа можеби и главна улога за освојување на првото место и пласманот во Првата сојузна ракометна лига. На трибините во трите натпреварувачки дена имаше по пет до шест илјади гледачи. Се создаде една пеколна атмосфера, која најмногу, што е нормално, им одговараше на домашните ракометари. Имаше моменти кога се чувствуваа и замор и психолошка оптовареност дека мора да се успее. Но, ракометарите не се предаваа, ги извлекуваа и последните атоми од силите само да дојдат до конечен успех. Во тоа на крајот успеаја и им донесоа голема радост не само на своите навивачи во Битола туку и на сите љубители на ракометот и спортот воопшто во Македонија.
На квалификацискиот турнир, минувајќи низ еден пекол, битолчаните први поминаа низ целта со две победи и едно реми, во конкуренција со екипите на Партизан (Белград), Ровињ и Рудар (Плевље). Од овие моменти, од овие квалификации почна брзиот од на битолчани кон ракометниот врв, не само во Македонија туку и во Југославија, а во 90-тите години од минатиот век и кон европскиот врв.
По квалификациските мечеви Битола славеше, а квалитетите на битолскиот тим можеше да ги види и големиот ТВ-аудиториум, бидејќи сите натпревари од турнирот директно беа пренесувани од Југословенската радио- телевизија (ЈРТ).
Нема сомнение, тоа беа моменти за голема радост, зашто преку овој успех Битола се етаблира како ракометен центар. Ова не беше далеку од вистината зашто и денес градот под Тумбе Кафе игра значајна улога во ракометниот спорт не само во Македонија туку и во Европа.