ЏУДО
- Двата освоени медала се добар резултат и, секако, поттик за понатамошни успеси, вели македонскиот селектор Горан Мицкоски
Македонската џудо-репрезентација во возрасната категорија до 23 години (млади сениори), предводена од селекторот Горан Мицкоски, изминатиот викенд освои два бронзени медала на Балканското првенство во Пеќ.
Со бронзи се закитија Сергеј Димитриоски, во тежинската категорија до 60 килограми, и Ива Богдановска, во тежинската категорија до 63 килограми, која, патем, е и актуелна балканска шампионка за сениорки, титула што ја освои годинава во Тирана, што е голем успех ако се има имаат предвид нејзините 18 години. Третиот натпреварувач, Никола Петров (категорија до 90 кг) го освои 5. место.
– Нашите натпреварувачи на ова Балканско првенство покажаа борбеност и достојно ги презентираа репрезентативните бои. Двата освоени медала се добар резултат и, секако, поттик за понатамошни успеси. Со македонската делегација во Пеќ беше и претседателот на Џудо-федерацијата на Македонија, Владимир Трпановски, кој им даде поддршка на нашите натпреварувачи – ни изјави македонскиот селектор Горан Мицкоски. Г.И.
































