„Градот во мене“ е насловена изложбата на м-р Александар Џинго, која синоќа беше отворена во Ликовната галерија при Центарот за култура „Марко Цепенков“ во Прилеп, во присуство на бројни љубители на неговото творештво.
Отворањето започна со настап на хорот „Св. Петка“, кој изведе македонска песна, по што актерката Марија Спиркоска Илиеска се осврна на творештвото на Џинго, истакнувајќи ја неговата слобода во духот, мислата и уметничкото изразување.
– Секое дело, секој лик има приказна – од каде доаѓа, што чувствува и каде заминува. Важно е што ние користиме од градот, од позитивните работи, за да оставиме позитивни дела – рече Спиркоска Илиеска, посакувајќи му на уметникот и понатаму да сонува и да создава.

За најновиот циклус „Градот во мене“ говореше Бранче Трајкоски, кој посочи дека делата на Џинго воспоставуваат дијалог меѓу историското во уметноста, изразено преку академскиот реализам, и современото, претставено преку апстракцијата.
Според Трајкоски, ова создава специфична фузија меѓу класичната уметност и современиот експресионизам.
– Делата се одликуваат со совршена рамнотежа меѓу цртачката техника со јаглен и контролираната линија, од една страна, и сликарскиот колорит, реализиран со маслени бои, мрсен пастел и акрил, од друга страна. Колоритот варира од монохроматски до полихроматски, изразен преку слободен, речиси неконтролиран потег – рече Трајкоски.
Тој додава дека комбинирањето на различните техники го дефинира трансформативниот стил на композициите, кој го опишува како елегантен, динамичен и просторен, со препознатлив авторски печат.
– Гледачот се наоѓа пред интроспективни уметнички остварувања во голем формат, мошне погодни за уметнички простори, дела со моќна визуелна појавност која овозможува естетско и енергетско препознавање на сопствените емоции и импликации од надворешната средина – истакна Трајкоски.


М-р Александар Џинго е академски уметник и професор по ликовно образование во Прилеп. Зад себе има повеќе самостојни и групни изложби, учествувал на ликовни колонии, а работи и театарска сценографија и костимографија.
Изложбата „Градот во мене“ е поддржана од Министерството за култура и туризам.
Ка.М.


































