Фото: Игор Бансколиев

Тензиите што го обележија целиот процес од постигнувањето на спогодбата со Грција до предлагањето и носењето на уставните амандмани продолжија и вчера, на последниот ден пред финалната фаза. Притоа, впечатокот во јавноста за (не)извесноста околу двотретинското мнозинство се создава со контрадикторни информации. Имено, на сметка на најновите уцени и условувања од Беса и Алијансата на Албанците и неизвесноста од нивните четири гласа, се пласираат информации дека во пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ имало уште пратеници (покрај веќе исклучените седуммина што направија независна пратеничка група) што се уверени дека уставните измени треба да добијат поддршка

Денеска напладне во Собранието треба да започне 73-та седница, на која се очекува и конечното изјаснување на пратениците за уставните измени, во согласност со Преспанскиот договор, односно дали ќе се обезбеди потребното двотретинско мнозинство за преименување на државата во Република Северна Македонија.
Шест месеци по потпишувањето на спогодбата со Грција за надминување на разликите околу името Македонија, токму денеска, 9 јануари, е денот Д, односно преку двотретинско мнозинство во парламентот, спогодбата да биде имплементирана во македонскиот устав. По бурните политички и правни акробации во текот на имплементацијата на спогодбата, пред јавноста се креира впечаток дека и натаму е неизвесно двотретинското мнозинство за усвојување на амандманите на Уставот и Уставниот закон за нивно спроведување, но новите амандмани на албанските партии Беса и Алијанса за Албанците се чини дека се наменети повеќе за создавање драмска тензија пред очекуваниот исход и билдање на нивниот партиски рејтинг. Имено, од Беса бараат да се прецизира дека државата не е моноетничка, а од Алијанса за Албанците – албанскиот јазик и неговото писмо да се употребуваат на целата територија на државата, од државјанството да се избрише зборот „македонско“, а за државата, освен самостојна и суверена, да стои и дека е мултиетничка. Со ваквите барања, за кои вчера до последен момент овие партии преговараа со премиерот Зоран Заев (но и со амбасадорот на НАТО во Македонија, Зоран Јанковиќ), Беса и Алијанса за Албанците ги условуваат гласовите на нивните четворица пратеници, кои се, наводно, неизвесни до двотретинското мнозинство.

Сепак, аналитичарите, а и од албанскиот коалициски партнер во Владата, ДУИ, ваквите условувања на помалите албански партии ги оценуваат како несреќен обид „да ја изгубат и онака слабата позиција што ја имаат овие партии и пред гласачите и пред меѓународната заедница“.

Вицепремиерот задолжен за европски прашања Бујар Османи од ДУИ изјави дека има чувство оти во процесот за уставните измени постои скриена рака што сака да го уништи, но напомена дека не би сакал албанските политички партии поради наивност, или поради неснаоѓање во ваквите тешки политички процеси да бидат перципирани како делови на тие скриени намери. И покрај условувањата на Беса и на Алијансата на Албанците во врска со уставните измени, Османи истакна дека тој не смета оти албанските политички партии се дел од тие фактори што сакаат да го уништат процесот. Но исто така напомена дека најлошата услуга што во моментов би им се направила на Албанците е да се даде порака дека тие го кочат членството на Република Македонија во НАТО.

– Нема поважен етнички интерес за Албанците од членството на Македонија во НАТО. Тоа е поголем и поесенцијален интерес на Албанците над секој друг етнички интерес во моментов, бидејќи тоа е гаранција дека Албанците ќе бидат дел од западноевропското семејство на вредности кон кое со генерации тежнеат да бидат – рече Османи.

Во меѓувреме, впечатокот во јавноста за (не)извесноста околу двотретинското мнозинство се создава со контрадикторни информации. Имено, на сметка на неизвесноста на четирите гласа од албанските партии, се пласираат шпекулации дека во пратеничка група на ВМРО-ДПМНЕ имало уште пратеници (покрај веќе исклучените седуммина што направија независна пратеничка група) што се уверени дека уставните измени треба да добијат поддршка. Но со најавата на раководството дека партијата нема да учествува и присуствува на тој процес во парламентот, лидерот Мицкоски наводно овој пат обезбедил начин да ги држи пратениците подалеку од пленарната сала, за да не се случи некои да останат и да гласаат, како што се случи на 19 октомври минатата година. Дополнително, според извори од ВМРО-ДПМНЕ, сите пратеници што ќе се спротивстават на партиската позиција за неменување на уставното име Република Македонија ќе бидат исклучени од партијата, како и оние што гласаа на 19 октомври.

Додека во Собранието се спроведуваат преговори, калкулации и шпекулации за стабилизирање мнозинство од барем 80 пратеници, противниците на спогодбата од Мала Преспа ги повикуваат пратениците да не гласаат за уставните измени, а охрабрување за тоа ќе им дадат пред зградата на Собранието. Движењето „Македонија блокира“ најави сенароден митинг, кој ќе се одржи денеска пред парламентот.
Сепак, премиерот Заев смета дека и покрај разните амандмански барања и неизвесности, процесот ќе заврши со успех. Тој очекува дебатата во Собранието да трае два-три дена, со оглед на најавеното неучество во дискусијата на пратениците од ВМРО- ДПМНЕ.

– Чинот на гласање ќе биде резултат на самата дебата, резултат на задоволството на оние пратеници што доставија амандмани и резултат на севкупната верба дека овој процес треба да го обезбедиме. Јас само ќе кажам дека до последен момент ќе сториме сѐ за да обезбедиме двотретинско мнозинство. Тоа ќе ѝ го соопштиме на јавноста по моментот на гласањето. Или ќе споделиме задоволство од тоа што е постигнато, или ќе ја преземеме одговорноста. Но уште еднаш напоменувам дека јас сум оптимист, пред сè поради одговорноста што ја чувствуваат пратениците, но и извршната власт на Република Македонија, дека имаме шанси успешно да го завршиме овој процес – вели премиерот Заев.


Апасиев и Грчева: Секоја наредна влада може да ја поништи спогодбата

Противниците на спогодбата од Мала Преспа, професорот Димитар Апасиев и лидерката на партијата Глас за Македонија, Солза Грчева, пред последното гласање во Собранието за уставните измени, порачуваат дека секоја наредна влада ќе може да ја поништи спогодбата.
– Договор што се заснова на кршење на волјата на мнозинскиот народ, прекршување на постојниот устав, на уценети пратеници, на селективна и наменска противуставна амнестија, на ослободени криминалци, на насилство без преседан на правната држава, секоја наредна влада ќе има не само право, туку и должност да го поништи – се вели во соопштението на Глас за Македонија, чија претседателка е Солза Грчева.
Слична позиција за правото на поништување на спогодбата од Мала Преспа има и Димитар Апасиев, професор на Правниот факултет при УГД – Штип, која ја поткрепува со правни примери.
– Доколку противправно се смени уставното име на Републиката, ќе следуваат денови на национална потиштеност и апатија кај народот, кој ќе биде фрустриран од тоа што не успеал да спречи една марионетска и вазалска власт, која е слуга на империјалните интереси на Западот, да му направи ненадоместлива штета. Но, сепак, и во такви неповолни историски услови – ситуацијата не е безизлезна, затоа што во правото, уште од времето на римското право до денес, постои општоважечката максима дека „ниедно неправо не може да роди право“, односно дека „од сопственото недело не може да се влече никаква корист“ (Iniuria propria non cadet in beneficium facientis)! Оттука, секоја наредна влада на РМ, во согласност со Виенската конвенција за договорно право (1960), ќе има правна можност да го раскине, односно еднострано да го поништи овој екстремно штетен и квислиншки т.н. Преспански договор меѓу Коѕијас и Димитров – и тоа по повеќе правни основи, за кои подетално би говореле во некоја следна пригода. Тука само би спомнал дека според чл. 50 од оваа конвенција, корупцијата т.е. „подмитувањето претставник или претставници на која било договорна страна“ претставува правовалидна основа за поништување на еден веќе склучен меѓународен договор – пишува Апасиев на својот профил на социјалните мрежи.