Кој го „разбира“ светот, тој веднаш е упатен во содржините на репертоарот што го нуди светската политичка сцена. Иако се чини дека истиот тој е подложен на промени како и сѐ во животот, сепак си останува верен на сопственото клише. Козметиката или шминката се совршено налегнати врз него и тие прават сѐ да го претстават во различна, но всушност иста лика и содржина.
Господинот претседател Трамп веќе договорил нешто што беше познато и порано. Да, Монровата доктрина веќе имаше кажано сѐ ама и преку тоа. Да не сте се обиделе да стапнете на тлото на моето дворно место, но ако јас веќе ја имам таа можност, а вие потреба да бидам на вашето, тогаш еве ме таму! И… се случи Гренланд. Заемен договор со Данска за нејзината одамна колонизирана територија во Атлантикот и грижата на САД за безбедноста на островот. За желбата на Инуитите, никој не прашува. Не знам колку фаќа место ако се каже дека Канада и Мексико природно се во синџирот на Џејмс Монро? Сепак, демократски е да се покаже независна гордост во светот на тотална зависност. На истокот, класична рововска битка помеѓу словенски народи што се мразат веројатно поради долгогодишното ропство под крилата на системот на Советскиот Сојуз. Замислете си грамаден споменик со двајца силни багадири – титани, кои како два јарци на греда рескираат да се струполат во надојдената река на пазарниот свет. Кутрата Европа со сета нејзина култура, историја и доблесна заднина во која патем се всадени и двете големи војни со милиони жртви, сигурно ќе има третман на колонизиран колонизатор што повторно ќе ја чека милоста на некој нов Маршалов план или којзнае каков финансиски допинг потребен за целосна ревитализација.
Ајде сега малку за светот на поединците, односно на простосмртните што заборавиле да чекорат со нозете наземи, но од кои потекнува сиот овој хаос. Кој ќе му го најде крајот? Ама на што крајот? Па на животот, секако. А тој сепак има свој крај, но за кого како. Се чини дека на некои од нашиот славен род, тоа воопшто не им е важно. Тие си мислат дека за нив нема крај, дека се вечни. Ајде, џанам! Зарем навистина го мислат тоа? Зарем навистина мислат дека смртта или крајот им се случува само на други. Во спротивно, како да се објасни нивната потреба за доминација до ирационалност преку стекнатите на ваков или онаков начин материјални вредности и предности? Повторно алчноста е еден од најистакнатите пороци од листата што ги менува судбините на луѓето или народите. Се чини дека легендата или митот за алчноста на кралот Мида се претвори во сурова вистина. Се прашувам до каде е лимитот на богатите и што е конечното што може да ги приземји и да ги врати во реалноста. Ама како да ги врати кога реалноста се претвори во наше виртуелно стампедо, во свет што живее во состојба на хаос? Не е можно огнените кочии на животот бесповратно да го уништуваат човечкото во човекот преку свои одамна забегани претставници. Еден „разумен“ или трезен песимист или ако сакате прагматичар, сигурно ќе ги крене небрежно рамениците небаре е надвор од сето тоа. Веројатно е со став дека залудно ќе се обиде да убеди и да извојува битка над глупоста на предводниците од родот. Тој рамнодушно би рекол дека „така требало да биде“. Рамнодушноста или лежерниот пристап отвораат простор за уште посилен пробив на глупоста или безумието, па така, перманентно ќе си живееме во хаотичен свет.
Веројатно за многумина е дегутантно и во најмала рака безумно да се истакнува дека светот ни е во целосен хаос. Секако дека тоа може да се претвори во револт и излив на гнев кон некој што наликува на докажан песимист. Но верно е дека имаме сѐ помалку отпор кон тој демонски процес што се заканува со уништување вредности со кои заслужено се гордееме како цивилизација. Зборуваме за вредности за кои пишувавме, кои ги испеавме и сликавме, ги градевме и изградивме и ги пренесуваме од генерација на генерација. Зарем човекот и цивилизацијата стигнаа до тоа дереџе та да си го ништат сопственото богато наследство, својата емпирија? Сензационализам, суровост, пцости, омраза, болест со сомнителна идиопатија, односно со непозната и нејасна етиологија. Со одамна изумрена почит и чесност заменета со бесчувствителна жед за триумф и пластење богатство по секоја цена.
Сведочиме за сѐ поголеми воени буџети иако двете најсилни нуклеарни сили веќе можат многукратно да го парчосаат планетарниот лик на земјата. Тажно ама вистинито. Тоа е одамна востановениот свет на световите на елитите во кој живееме. Секој нов изум, императивно се претвора во закана и опасност по човечкиот опстанок. Не е за чудење ако стравуваме од можната негативна реакција на вештачката интелигенција. Ова веројатно од искуството за препознатливост на сопствената природа. Всушност, човекот како да се плаши од изненадувања што може да ги допушти и злоупотреби неговата природна интелигенција. Колкава е визијата, односно замислата на славниот Виктор Иго, кој во некои мачни, далечни времиња на перманентен хаос со некои други карактеристики, смело напишал дека рајот на богатите е резултат на пеколот на сиромашните. Како и тоа дека се раѓаме со плачење, умираме со лелек и сѐ што ни останува е тоа дека животот треба да го живееме со смеа. Каде е смеата? Сѐ повеќе бледи лица на суштества што личат на зомби, на бесчувствителни суштества со празни души полни гајлиња на сметка на материјалното богатство со кое сме опкружени.
Бидејќи на некој начин го опишавме светот во кој се чини дека сѐ е испревртено, време е да удриме еден шлагфорт за смеата од кажаното на Виктор Иго. Реално или трезвено, гледајќи ги сите овие закани, кои се карактеристични за хаосот во кој живееме, на светот силно му недостигаат смеата и доброто расположение, убави животни содржини и палјачи посветени на исмејување на човечките мани. Чарли Чаплин беше маестрален филмски маг од времето на немиот филм, но и подоцна. Тој чудесно мамеше смеа на тажните лица зад кои се криеја мачните животни приказни на луѓето и беше силен патоказ кон појавата наречена животна надеж со која и за која вреди да се живее. Неговиот филм „Модерни времиња“, во кој еден мал обичен човек води тешка војна со светот на засилената индустријализација (сега читај како вештачка интелигенција) и трагична депресија во која не се знае како ќе се раздени и со какви животни последици. Смешно, но сериозно и тажно. Исто беше и со комедијата „Чорба од патка“ на браќата Маркс во која се зборува за банкротирана држава Фридонија. Во светот на политичките палјачи, се појавува спасителка во ликот на госпоѓата Тисдејл. Таа е богата вдовица што инсистира на тронот да биде устоличен недоветен политички лик во појавата на легендарниот Гручо Маркс. Неговиот политички профил претпоставува диктаторска власт.
Тогаш, во тоа време, асоцијацијата била младата комунистичка држава Советски Сојуз. За денес, не знам какви сѐ видови на диктатура смислуваат владејачките номенклатури по светот. Бидејќи понатаму сѐ е како во реалполитиката, односно по правилата на анархија без компромис, Фридонија започнува војна со соседна држава без никакви причини. Сепак, постои една, но мошне значајна. Поставувањето на политичкиот палјачо на власт мора да се глорифицира пред широките народни маси за кои сега со покажувањето на неговата смелост и енергичност, дилемата дали го заслужува нивниот респект, станува беспредметна.
Дали постои надеж за светот во кој живееме. Надежта секогаш постои. Со хаосот или без него, светот ќе си го живее својот калап. но сигурно би бил многу подобар доколку палјачите со своите пороци би останале само во либретото на маестро Руџеро Леонкавало. Доблестите, секако дека ни се како капка вода во пустина. Опасноста доаѓа кога тие се насадуваат на места за кои не се достојни.
Авторот е писател
Љубомир Јованоски
































