Американскиот претседател Доналд Трамп ги пофали односите меѓу САД и Кина на државничката вечера во Белата куќа, со која заврши вториот ден од посетата на кинескиот претседател Си Џинпинг, пренесе „Би-би-си“.
Трамп рече дека и покрај различните политички системи, односите меѓу двата народа се силни.
– Претседателот Си и јас разбираме дека претставуваме различни системи, но врските меѓу нашите народи траат и никогаш не сме се сложувале подобро – рече Трамп.
Тој ги пофали Си и неговата сопруга Пенг Лијуан како „навистина извонредни“ и им подари статуа на белоглав орел, национален симбол на САД.
Си му се заблагодари на Трамп и неговата сопруга Меланија за гостопримството, оценувајќи дека разговорите меѓу двете земји довеле до „заедничко разбирање“ за низа прашања и до „нова стратешка насока“ во односите.
– Кина и САД мора да дејствуваат како одговорни големи земји, да ги исполнат очекувањата на нашите народи и да истражат нов пристап за големите земји да се сложуваат една со друга – рече Си.
Кинескиот претседател порача и дека САД и Кина треба да бидат партнери, а не ривали, и дека односите треба да се темелат на соработка, умерена конкуренција и надминување на разликите.
Претходно Трамп и Си ја нагласија потребата од поголема комуникација и соработка меѓу двете најголеми економии во светот. Си покани 100.000 американски државјани да студираат во Кина, додека Пекинг најави испраќање две панди во американска зоолошка градина како знак на пријателство.
Трамп најави дека двете страни ќе донесат „одлуки“ за прашања поврзани со безбедноста, технологијата и „суперинтелигенцијата“, термин со кој тој се осврнува на напредната вештачка интелигенција.
На почетокот на посетата американскиот министер за финансии Бесент најави и двомесечно продолжување на трговското примирје меѓу САД и Кина. Тој изјави дека договорот следел по ненајавена средба со кинескиот вицепремиер Хе Лифенг во Вашингтон.
Посетата на Си е негово прво патување во Белата куќа од 2015 година, кога претседател беше Барак Обама. Последен пат кинескиот претседател ги посети САД во 2023 година, кога во Калифорнија се сретна со тогашниот американски претседател Џо Бајден.
































