Брисел во континуитет со наративите за „претстојна воена инвазија, безбедносна закана…“ и создавање предвоена психоза
- Безбедносната реалност на Европската Унија веќе силно го плаши Брисел. Станува сѐ поочигледно дека таа реалност ќе биде – „минус САД“, и тоа во голем дел од бриселските безбедносни планови и операции. Индикатори за проширување на војната во Европа нема, а од седиштето на ЕУ во Брисел перманентно се лиферуваат наративи во јавноста за „претстојна воена инвазија, безбедносна закана…“, при што кај европските граѓани се создава предвоена психоза. Во меѓувреме Вашингтон полека но сигурно го префрла интересот од Европа кон Пацификот…
Европа влегува во нова безбедносна епоха. По децении во кои САД беа главниот воен и стратешки столб на европската безбедност, НАТО започнува процес на прераспределба на товарот, одговорностите и ресурсите. Во центарот на новата архитектура се издвојува концептот „НАТО 3.0“, термин што во американската администрација го користи Елбриџ Колби, американскиот потсекретар за одбрана за политика. Суштината на таа идеја е релативно едноставна, но нејзините последици можат да бидат огромни. Имено, европските членки на НАТО треба да преземат значително поголем дел од конвенционалната одбрана на Стариот Континент, додека Вашингтон сака поголемо внимание да насочи кон стратешкото натпреварување со Кина во Индопацификот. Тоа, сепак, не значи апсолутно американско напуштање на НАТО. Напротив. Официјалната политика на Алијансата и натаму ја потврдува американската посветеност кон колективната одбрана и членот 5. Но односот меѓу Вашингтон и европските сојузници очигледно се менува. И токму во таа промена лежи суштината на таканаречената „нова европска геополитичка равенка“…
Фаталните пет проценти
На самитот на НАТО во Хаг во јуни 2025 година сојузниците се согласија постепено да ги зголемат издвојувањата за одбрана и безбедност на вкупно пет отсто од БДП до 2035 година. Од нив, најмалку 3,5 отсто се наменети за „основни одбранбени потреби“. Дополнителните до 1,5 отсто треба да се насочат кон инфраструктурата, цивилната подготвеност, отпорноста, сајбер-безбедноста и развојот на одбранбената индустрија. Тоа е голема промена во однос на досегашниот репер од два отсто. НАТО ова го објаснува со „потребата од поголема одбранбена способност“ и „одвраќање во услови на влошена европска безбедносна средина“.
Но бројката од пет отсто е и економска, социјална и политичка одлука. Прашањето што неизбежно се поставува кај европските граѓани е кој ќе го плати новиот безбедносен поредок. Дали средствата ќе дојдат од поголеми даноци? Од задолжување? Од намалување на други јавни расходи? Или од побрз економски раст? Одговорите нема да бидат исти во сите европски држави, а сепак граѓанската дилема на Европејците е заедничка.
Од „држави на благосостојба“ кон „милитаризирани држави“
Зголемените воени буџети веќе ја отвораат дебатата за иднината на европскиот социјален модел. Во некои од европските држави политичките лидери предупредуваат дека поголемите издвојувања за одбраната ќе бараат поинакви буџетски приоритети. Тоа е една од најчувствителните последици на новата стратегија. Европа со години градеше модел во кој здравството, образованието, пензискиот систем и социјалната заштита имаа централно место во јавната потрошувачка.
Сега на листата на приоритети се враќаат аспектите на воените политики на државата (производство на муниција, беспилотни летала, воена логистика и индустриски наменски капацитети). НАТО отворено зборува за потребата од зголемување на производството на оружје и за создавање сојузничка индустриска база способна да одговори на т.н. „долгорочни безбедносни барања“. На министерскиот состанок во јуни 2025 година Алијансата усвои и нови цели за воените способности, вклучувајќи ги и воздушната одбрана, авијацијата, оклопните сили, муницијата и персоналот. Тоа покажува дека промената не е само политичка декларација туку и подолгорочен индустриски проект.

Европа сака автономија, но сѐ уште е силно зависна од Америка
За издвојување е дека постојат реални противречности на европската безбедносна политика. Брисел сака ЕУ да биде посамостојна во своите безбедносни политики, но европската воена моќ сè уште е длабоко поврзана со американската технологија, разузнавачките капацитети, логистиката, командните системи и нуклеарното одвраќање. Затоа „европското преземање одговорност“ не значи автоматски и „целосна европска стратешка автономија“. Далеку од тоа. Брисел може да се создаде нов модел во кој Европа плаќа повеќе, произведува повеќе и презема поголем дел од конвенционалниот товар, но и натаму останува зависна од САД во клучни сегменти. Тоа е можеби најважниот парадокс на концептот „НАТО 3.0“. Европа треба да стане посилна. Но таа сила треба да биде изградена во рамките на систем што и натаму е трансатлантски.
Русија како централна точка на милитантната стратегија на бриселските либерални елити
Во официјалните документи на НАТО, Русија е идентификувана како долгорочна закана за евроатлантската безбедност. На самитот во Хаг сојузниците го образложија зголемувањето на воените инвестиции токму со потребата од зајакнување на одвраќањето и одбраната. Истовремено за војната во Украина, Брисел продолжува да наметнува дека е главна европска безбедносна закана. Но тука се отвора и најопасното прашање. Либералните бриселски елити ги вклучија сите можни методи и инструментариум да ѝ докажуваат на европската јавност дека „украинскиот конфликт ќе се рашири низ Европа“ и дека „од индиректна конфронтација меѓу Русија и Западот, конфликтот ќе премине во директна воена конфронтација меѓу Русија и НАТО“ (!?). И ширењето на таквата воена психоза засега има континуитет, при што и во Брисел и во други земји членки на ЕУ (за што повеќепати известувавме од нашите соработници во Европа) се разгледуваат сценарија за воени состојби и процедури како европските граѓани да се обезбедат од можна претстојна „инвазија од исток“ (!?).
За потсетување, наративот на многу новински статии во изминатиов тригодишен период содржи анализи за тоа при воениот судир колку болнички кревети би биле потребни. Колку хирурзи? Колку резерви крв? Колку амбулантни возила? Колку лекови? Колку железнички и патни коридори за транспорт на ранети? Токму ваквите активности стануваат дел од подготовките во неколку европски земји. Франција работи на модел во кој цивилните болници би можеле да примаат повредени во војна. Шведска и Литванија се фокусираат и на резервите на крв. Германија разгледува како цивилниот здравствен систем би можел да одговори на голем број ранети во војна. Норвешка ги подготвува своите медицински капацитети за сценарија со големи борбени повреди. Се делат и летоци и т.н. водичи за постапки на граѓаните при војна…
Ова можеби е најспектакуларниот показател на сериозното воено „забраздување“ на новата европска безбедносна политика. Сето тоа покажува дека европските влади сериозно го разгледуваат и сценариото на голем оружен конфликт. Европските производители на оружје добиваат долгорочен сигнал дека побарувачката ќе расте. Нови фабрики. Нови договори. Нова технологија. Нови работни места. Но и нова зависност од државните нарачки. НАТО веќе нагласува дека зголеменото трошење мора да биде придружено со зголемено производство. Токму затоа новата стратегија може да се покаже како еден од најголемите индустриски проекти во Европа во следната деценија. Прашањето е дали Европа ќе изгради сопствена воено-наменска индустриска база или ќе се претвори во огромен пазар за американските и другите глобални производители.
Америка не заминува прекуноќ, но бара што побрзо Европа да плати повеќе
Една од најважните заблуди во јавната дебата би била тезата дека Вашингтон едноставно се повлекува од Европа. Официјалните изјави на НАТО не го потврдуваат тоа. Напротив, американската посветеност кон Алијансата и кон членот 5 повторно беше потврдена на самитот во Хаг. Она што се менува е распределбата на товарот. Вашингтон бара европските сојузници да преземат поголема одговорност за сопствената конвенционална одбрана. Тоа е и суштината на новиот финансиски договор во НАТО. Марк Руте по самитот нагласи дека Европа и Канада ќе преземат поголем дел од товарот, додека САД остануваат клучен дел од Алијансата. Затоа „НАТО 3.0“ не треба да се гледа како крај на НАТО. Попрецизно би било да се гледа како обид за негово преструктурирање.
Каква Европа ќе произведе новата безбедносна политика?
Европа сега се наоѓа пред стратешки избор, но не и пред едноставен избор. Поголема воена моќ може да значи поголема способност за војување. Но поголемите воени расходи значат и помал фискален простор за други јавни политики, доколку економскиот раст не го надомести зголеменото трошење. Посилна европска наменска индустрија може да создаде нови технологии и работни места, но може и да ја продлабочи зависноста на економијата од долгорочни воени нарачки. Поголемата европска одговорност во НАТО може да значи и поголема политичка тежина на Европа во Алијансата. Но истовремено може да значи и поголема изложеност на последиците од стратегиските конфликти. Токму затоа дебатата за „НАТО 3.0“ не е само дебата за НАТО. Таа е дебата за идниот европски модел. За тоа колку пари ќе троши Европа. За тоа каква индустрија ќе гради. За тоа каква армија ќе создава. За тоа каков однос ќе има со Вашингтон. И, пред сè, за тоа како ќе ја дефинира сопствената безбедност.
Доне Прентоски, постојан соработник на „Нова Македонија“ од Германија
Европа е во длабока сенка на геополитичките збиднувања
Копенхаген и тестот на реалноста
Во заднината на целата приказна постои уште еден фактор. Америка гледа кон Кина. Европа живее непосредно до Русија. Тоа се две различни географски реалности и две различни стратешки задачи. Вашингтон сака поголем простор за дејствување во Индопацификот. Брисел, пак, мора да се соочи со последиците од војната на европскиот континент, која во најголем дел самиот тој ја генерираше, со своите неолиберални идеолошки позиции. Оттука произлегува новата поделба на трудот во Алијансата. Америка останува глобална воена сила. Сега Брисел сака Европа треба да стане многу посериозна воена сила во сопствениот географски простор. Прашањето е дали овие две цели ќе останат комплементарни или постепено ќе почнат да создаваат политички тензии. Економски притисок што води кон депресија, Брисел веќе успеа да создаде. Но на праг е да создаде и повеќеслојна криза.
Во таа смисла, секој состанок на воените структури на НАТО добива поголемо значење. Не затоа што автоматски значи дека Алијансата се подготвува за војна. Туку затоа што Брисел има тенденција да го измени начинот на кој европските држави ја планираат можноста за голем конфликт, со зголемување на веројатноста од тоа. Тоа е новата бриселска либерално-милитантна безбедносна матрица. И таа матрица ќе има последици што ќе се чувствуваат далеку надвор од европските кругови. И цената ќе биде значителна. Р.С.
Брисел меѓу реториката, воената моќ и недостигот од стратегија
Во отсуство на геополитичка тежина, Европа повторно ја бара својата сила во оружјето
- Континентот што по Втората светска војна ја изгради својата моќ врз економијата, дипломатијата и идејата дека меѓузависноста е најдобрата гаранција за мир, денес сè повеќе ја мери сопствената безбедност преку капацитетот на оружјата, воените буџети и способноста за одвраќање. Но дали Европа навистина станува посилна или само се обидува да ја надомести сопствената стратешка несигурност?
Европа повеќе не е во можност своите закани кон Русија да ги поткрепи со конкретни капацитети и акции, оцени поранешниот аналитичар на ЦИА Лари Џонсон, споредувајќи ги европските држави со „мало старо куче на кое едвај му останале заби“. Во интервју за ТАСС, Џонсон оцени дека јазот меѓу острата реторика на европските претставници кон Москва и реалните можности на европските држави станува сè поизразен, при што како причини ги наведе слабеењето на европската економија, социјалните и културните промени и, како што тврди, губењето на националниот идентитет во одредени европски земји.
Неговата оцена, секако, може да биде оспорувана и да се гледа како дел од пошироката политичка дебата околу Русија и Западот, но суштинското прашање што се наметнува е како Европа, по децении градење политички проект што требаше да ја надмине логиката на воените конфликти, повторно дојде до ситуација во која воената моќ се враќа во центарот на нејзината безбедносна политика.
Кога економската сила повеќе не е доволна
Европскиот проект требаше да биде историски пресврт, наместо конкуренцијата меѓу државите да се решава со сила, таа да се префрли во економијата, трговијата и институциите. Денес, меѓутоа, Европа сè повеќе зборува за одбранбени капацитети, воени буџети и подготвеност за можни конфликти.
Никој не го оспорува правото на Европа да ја зајакнува својата одбрана, но дилемата е дали со тоа истовремено ја гради и својата геополитичка моќ или само се приспособува кон свет во кој воената сила повторно станува главно средство за наметнување интереси. Она што секому му е јасно, тоа е дека Европа има огромен пазар, развиена индустрија, финансиска моќ и високо образование, но сè уште тешко создава единствен одговор на прашањата поврзани со светските сили Русија, САД и Кина, како и за идниот безбедносен поредок.
Гледано од актуелната перспектива, прашањето е дали оваа Европа има сопствена геостратешка политика или главно реагира на потезите на другите големи сили.
Европа и изгубената мировна улога
Европските граѓани се директно заинтересирани за мирот на нивниот континент. Токму тие најмногу ги чувствуваат економските последици од војната, безбедносните ризици и политичките потреси што ги создава новото геополитичко раздвојување. Затоа се поставува прашањето зошто Европа не се обидува посилно да се профилира како центар на мировната дипломатија меѓу Русија и Украина, туку сè повеќе се позиционира како дел од поширокиот безбедносен фронт спроти Москва.
Ако европската економска и политичка тежина се претвори само во поголеми воени буџети, тогаш се поставува прашањето дали континентот реагира на вистинскиот начин.
Кој ја слабее европската архитектура?
Можеби најнепријатното прашање е дали сите европски проблеми навистина доаѓаат однадвор или, пак, во самата Европа постојат политики и интереси што, иако немаат цел да ја „уништуваат“ Унијата, со своите последици придонесуваат за слабеење на нејзината кохезија, конкурентност и стратешка автономија.
Европа може да стане подобро вооружена, а сепак да не стане геополитички посилна. Може да троши повеќе за одбрана, а и натаму да нема јасен одговор на прашањето каква Европа сака да биде во светот што се менува.
Ако Европа сака да има битна позиција во новиот светски поредок, нејзината сила нема да се мери само според бројот на тенкови, ракети и авиони туку и според способноста да има сопствена геостратешка визија, сопствена дипломатска политика и политичка самодоверба да ја спроведе. С.Т.
































