Фото: ЕПА

АТЛЕТИКА

  • Кенискиот великан, кој двапати го собори светскиот рекорд, зборува за ИОК за тоа што го прави Берлинскиот маратон посебен и како го инспирирал да го следи невозможното

Берлин е градот на Елиуд Кипчоге. Тој му е омилен поради две причини: убавината на градот и фактот дека некои од неговите најдобри спомени од атлетските маратони се создадени во германската престолнина, пишува Интернационалниот олимписки комитет (ИОК), во пресрет на новото издание на Берлинскиот маратон, в недела.
– Берлинскиот маратон е посебна трка. Победив пет пати, двапати го соборив светскиот рекорд во Берлин. Тоа е рамна патека, добро организирана, добри температури, добра средина – изјави Кипчоге за ИОК.
Кениската легенда е најуспешниот елитен тркач во историјата на Берлинскиот маратон, откако го освоил пет пати. На четири берлински изданија, Кипчоге го подобри своето време. Тоа беше извонредно маратонско патување.
– Моите најдобри спомени од Берлинскиот маратон се од 2018 и од 2022 година, кога ги соборив двата рекорда – рече тој.
На своето деби на Берлинскиот маратон во 2015 година тој победи со време од 2:04,00 часа, а се врати две години подоцна за да ја оствари својата втора победа, со време од 2:03,32 часа. Во 2018 година Кипчоге изведе уште еден историски настап, постигнувајќи време од 2:01,39 часа за да го собори светскиот рекорд на неговиот сонародник Денис Кимето од 2:02,57 часа. Кипчоге се врати во Берлин во 2022 година и дополнително го подобри својот светски рекорд на 2:01,09 часа. Во 2023 година тој ја додаде својата петта титула во Берлин, со време 2:02,42 часа. За Кипчоге, Берлин е повеќе од само град на победи и брзи времиња. Тој го обликува и неговиот поглед кон маратонското трчање и верувањето во можностите. Поточно, извонредниот светски рекорд од 2018 година ја поттикна неговата желба да ги надмине човечките граници.
– Соборувањето на светскиот рекорд во 2018 година беше многу посебно. Навистина ми покажа дека сум способен да направам повеќе од само прв да ја поминам линијата. Тогаш поверував. Достигнувањето ме инспирираше повеќе да ги поместам моите граници и да видам што е можно кога ќе се посветам на тоа – рече тој, пренесе ИОК.

Во 2019 година тој се вклучи во експерименталниот предизвик „INEOS 1:59“ во Виена. Таму тој изведе еден од најзначајните спортски моменти станувајќи првиот човек во историјата што истрчал маратон за помалку од два часа. Иако неговото време од 1:59,40 час не беше подобно за ратификација, неговото достигнување го надмина времето. Во разговор за ИОК, тој рече дека неговото експериментално трчање ги инспирирало и ги потсетило спортистите дека ниту еден човек не е ограничен.
– Го отстранив размислувањето од човечките умови за границите. И засега, мислам дека целото население сега не верува во граници. И затоа навистина сум благодарен и горд на предизвикот од 1,59 – рече Кипчоге.
Седум години достигнувањето на Кипчоге од 1:59:40 остана предмет на анализа сѐ додека двајца атлетичари не го повторија подвигот, овој пат на признаен маратон. На Лондонскиот маратон годинава во април, трка за помалку од два часа конечно беше потврдена кога Кениецот Сабастијан Саве и Етиопјанецот Јомиф Кејелча го прифатија верувањето, со време од 1:59,30, односно 1:59:40 час, при што победи Саве.
– Седум години подоцна имаме двајца луѓе што всушност трчаат побрзо од два часа – рече Кипчоге.
Темпото беше толку брзо што дури и третиот тркач, Јакоб Киплимо од Уганда, со време 2:00,28 часа беше под претходниот светски рекорд од 2:00,35 часа, поставен од Келвин Киптум во октомври 2023 година. Кипчоге верува дека уште не е завршено поставувањето рекорди. Всушност, двократниот олимписки шампион е уверен дека светскиот рекорд во маратон ќе продолжи да паѓа затоа што новата генерација тркачи е неуморна во поместувањето на границите на човековата издржливост, пишува ИОК.
– Следната генерација ќе трча повеќе, затоа што следната генерација сега не знае каде се границите. А спортот ќе биде интересен во иднина. Мислам дека може да оди уште пониско. Ако кажете нешто преку вашето срце и преку вашиот ум, тогаш можете да го направите тоа. Секогаш сум им бил пример – рече Кипчоге, пренесе ИОК. Н.М.