Пренос на човечката свест во неограничен број пати е формула за човечката бесконечност. Ова е тезата што најчесто се разгледува во научната фантастика, особено на темата трансхуманизам. Желбата човекот да ја победи смртта, не само во религиска смисла, како есхатологија, спасение или вечна благодат, туку и во материјална смисла, како продолжување на човечкиот живот во неговиот константен облик.
Во сценаријата на НФ-филмовите човечката свест најчесто се пренесува на некој софтвер, целосно задржувајќи ги сеќавањата, или во поморбидна смисла тоа е некое друго тело, со кое во класна смисла се тргува, за бесконечното постоење да се прикаже како привилегија, дури и доколку стане возможно. Клучното прашање што се поставува тука е дали доколку човекот целосно се „пренесе“ во софтвер, во тело или во хуманоид, ќе остане истиот или ќе се добие само една копија на оригиналот.
Второто клучно прашање е колку таа копија е верна на оригиналот и до кој степен копирањето на копијата значи учество на оригиналот и во кој момент копијата веќе целосно ќе стане неверодостојна на самиот оригинал? На пример ако еден човек, односно неговата свест, сеќавања и искуства се пренесат во еден хуманоид, тој се расипе, повторно неговата свест се пренесе во друг хуманоид, па во трет и така до одреден број, прашањето е кој е точниот број на хуманоиди во редоследот кога копијата ќе престане да личи на оригиналот, туку на копијата, од копијата на нејзината претходна копија.
Покрај овие две прашања за веродостојноста на оригиналот, клучно е и прашањето дали е доволно човекот само да се сеќава на својот живот што го живеел пред да биде пренесен во хуманоид или потребно е да гради нови искуства. Доколку, пак, тој и гради нови искуства, дали новите искуства ги гради со истиот обем и квалитет како претходните што ги градел врз база на телесно искуство, болка и сензација? Овие прашања во научната фантастика најчесто се темелат на две теории, и тоа теоријата на Платон, за потеклото на битието и за анамнезисот како форма на спознание. Платон смета дека сетилно достапниот свет е копија на светот на математичките принципи и форми, додека пак тој свет на вечните принципи и форми е копија на оригиналното битие, односно „светот на идеите“. Религиозните мислители оваа теза може да ја поврзат со реченицата „на почетокот беше зборот“ (грч. логос, освен што значи збор, значи и мисла). Потоа во онтогенезата, од зборот божји или божјата промисла се создава сѐ постојно.
Во однос на спознанието, Платон смета дека човекот во текот на својот живот не учи, туку се „сеќава“ на она што го осознал во светот на идеите. Сите нешта со кои има допир во сетилно достапниот свет го потсетуваат на нивниот оригинал од светот на идеите, но сепак во овој свет, кој е сетилно достапен, човекот може да ги гледа само сенките, односно не може целосно да го спознае оригиналното битие што ги емитува сенките.
Овие две теории кај Платон се појдовна точка за прашањата што се разгледуваат во научната фантастика по прашањето на трансхуманизмот и продолжување на човечкиот живот во некоја друга форма. Впрочем, вистинското прашање е дали ако некој некогаш може да ги презема нашите спомени, автоматски станува ние. До која мера „јас“ е оригиналот, а кога почнува да станува копија? Ако копијата му каже на твоето дете „јас сум твојата мајка“, дали детето добило назад личност или се сретнало со нова личност што ја носи нејзината историја? Најтешката задача не е да се создаде реплика на еден човек што ќе ја носи неговата историја. Најтешката задача е да дефинираме дали човекот пред нас го препознаваме како единствен личносен идентитет само поради неговите спомени, по неговото тело и изглед или по можноста да има свои неповторливи и интимни искуства. Можеби човековата бесконечност не се состои во бескрајното повторување на истото „јас“, туку во неповторливоста на животот што го живееме.
Магдалена Стојмановиќ-Константинов
































