Изложбата „Скопски стрипосестри“, отворена во галеријата „КО-РА“ во Скопје, e проект организиран од домот на културата „Кочо Рацин“ и здружението „Стрип-центар – стрипот може“ од Велес. На настанот, свои дела претставија визуелните и мултидисциплинарните авторки Дона да Видра, Евгенија Трајковска и Ангела Петрушевска. Тим-лидер е Томе Трајков, а куратор Иван Станчевски. Како што истакнува Томе Трајков, кој е и претседател на здружението „Стрипот може“, поставката понуди увид во визуелното раскажување и развојот на стрип-културата кај нас.
– Ако пред околу три децении се зборуваше дека во списанието „Лифт“ имало објавено кратки стрипови од две стрип-авторки, кои се појавуваа под псевдонимите (!?) Псило и Вентолина, едната цртачка, а другата сценаристка…, тогаш веќе во 2010 година се јавува ликовната уметница Иванка Апостолова, единствената авторка од Македонија вклучена во регионалниот проект „Антологија на женскиот стрип“ на уредничката и авторка Ирена Јукиќ Прањиќ. А сега секој што ги следи балканската стрип-сцена и стрип-фестивали лесно ќе забележи дека панел-дискусиите на темата „Женскиот стрип“ прераснаа во ситуација на тренд, престиж и контрапрестиж, се чувствува и натпревар помеѓу самите фестивали. Се формираат посебни здруженија и мрежи на женски стрип, како на пример „Стрипотетки“ и др. – вели Трајков.
Според него, како и да е, дали темата женски стрип е оправдана или не, таа може да се перципира исклучиво во состав на развојот и афирмацијата на сеопштиот македонски стрип, во Македонија и надвор од неа. Дури постои мислење дека кај жените автори е понагласена трпеливоста во самиот процес на подготвување на едно стрип-дело.































