- Многу фестивали во светот не го препознаваат квалитетот на фотографијата во филмовите што ги наградуваат, особено тоа важи за најпрестижната награда „Оскар“, која им била доделувана на филмови што се комплетно дигитално создадени, речиси без авторски придонес во кинематограферскиот сегмент. Оттука, Битола (единствена посветена на директорите на фотографија) треба да остане наша ретка фестивалска гордост што знае да ги негува своите кинематограферски ѕвезди, но и да го вреднува сјајот на рефлекторите на црвениот килим, чија функција е зголемување на публицитетот, и можеби да се врати на концептот што го негуваше Лабина Митевска со години, кога во Битола дојдоа и големи актерски ѕвезди како Катрин Денев, Изабел Ипер, Виторија Абрил, Дарил Хана, Жулиет Бинош…
„Браќа Манаки“ е еден од двата фестивала во светот посветени на кинематограферската работа во филмот, покрај оној во Полска, каде што главно се презентираат високобуџетни филмови, така што со право можеме да кажеме дека Битола го има приматот кога станува збор за фестивали што го наградуваат снимателскиот придонес. Интересно е што критериумот по кој се одлучува е што наградите се доделуваат за фотографијата во филмот, а не за филмот во целина и токму тоа е неговата специфика. Всушност, треба да се одвојат приказната, актерството, режијата, музиката, сѐ друго, од сликите, а тоа не е едноставно. Многу фестивали во светот не го препознаваат квалитетот на фотографијата во филмовите што ги наградуваат, особено тоа важи за најпрестижната награда „Оскар“, која им била доделувана на филмови што се комплетно дигитално создадени, речиси без авторски придонес во кинематограферскиот сегмент. Оттука, битолскиот фестивал е единствен по својот концепт од другите во филмската индустрија и таквиот дух треба да се негува.
На отворањето на годинашново 47. издание, наградата „Златна камера 300“ за животно дело му е доделена на данскиот кинематограф Дан Лаустсен, а посебна верзија на истата награда му припадна на американскиот кинематограф Џеф Кроненвет, долгогодишен соработник на режисерот Дејвид Финчер („Боречки клуб“, „Друштвена мрежа“, „Исчезната“, „Девојката со тетоважа на змеј“). Меѓу гостите се најдоа и турскиот режисер Семих Капланоглу, како и кинематографите Воли Фистер и Тимо Салминен. Сите, без исклучок, се големи имиња во светот на филмот. Сепак, не пречи ако и понекоја голема ѕвезда (актерска) се појави на фестивалот, и покрај тоа што, сите ќе се согласиме, на „Манаки“ вистински ѕвезди се оние зад камерата, чии ликови често и не ги препознаваме, но оставиле траен печат во филмот.
Годинава во Битола, по 47-ти пат, публиката има можност да го помириса магичниот фестивалски дух на филмската смотра „Браќа Манаки“, која е во тек, а за тоа не е доволно само да се постели црвениот тепих туку и понекоја ѕвезда да прошета по него. Последните изданија поминаа без голема ѕвезда (актерска) на отворањето на фестивалот (последна беше дивата Клаудија Кардинале во 2018 година), отстапувајќи од концептот што го негуваше Лабина Митевска како прв човек на „Браќа Манаки“ со години, период во кој покрај големите директори на фотографија, во Битола дојдоа и Катрин Денев, Изабел Ипер, Виторија Абрил, Дарил Хана, Жулиет Бинош…
Големите и славни имиња, покрај исклучителната програма, се она што го прави секој фестивал возбудлива точка за публиката, можеби повеќе за поклониците на паради отколку за вистинските филмофили, но, како и да е, тие му даваат на еден фестивал реноме и потврда дека тој е дораснат на задачата да биде повеќе од филмска смотра. Организаторите на големите филмски фестивали знаат како да го негуваат црвениот тепих, затоа што знаат дека меѓу другото тоа е повеќе од добар потег за привлекување публика без која ниедна манифестација не може да опстои.
Оттука, Битола (единствена посветена на директорите на фотографија) треба да остане наша ретка фестивалска гордост што знае да ги негува своите кинематограферски ѕвезди, но и да го вреднува сјајот на рефлекторите на црвениот килим, чија функција е зголемување на публицитетот, кој многу му е потребен на секој фестивал. Секако, не заборавајќи притоа дека критериумот за успешноста на еден фестивал е да донесе барем четвртина од пресекот на она најдоброто од светската продукција во моментот, затоа што е неопходен многу поголем ангажман од само блескави кулиси.
Битола можеби треба да го следи концептот на европските мали гратчиња што дишат со топлина, шарм и мир, но не ве оставаат рамнодушни. Како на пример Карлови Вари во Чешка, градот на „кралските бањи“, во кој се одржува еден од најстарите, а наедно и најреномирани филмски фестивали во Европа. Годинава гости беа Дастин Хофман, Кевин Бејкон, Харви Кајтел, Жилиет Бинош…, а низ својата долга историја на црвениот тепих во овој познат чешки бањски град продефилирале многубројни легендарни глумци како Роберт де Ниро, Роберт Редфорд, Грегори Пек, Ал Пачино, Шерон Стоун, Мајкл Даглас, Дени Девито, Џон Траволта, Мел Гибсон, Ричард Гир, Хелен Мирен, Сузан Сарандон, Џуди Денч, Џон Малкович, Вилем Дафо… Во последните години, фестивалот забележа огромна посетеност од актуелни ѕвезди, меѓу кои: Расел Кроу, Џони Деп, Итан Хок, Мајкл Кејн, Џулијан Мур, Виго Мортенсен, Ума Турман, Роберт Патинсон, Дакота Џонсон, Алисија Викандер, Мајкл Фасбендер…
И во Битола изминативе денови се чувствува фестивалска атмосфера, градот е полн со кинематографери, актери, филмски работници, филмофили, гости и новинари, но недостига барем едно звучно име, затоа што одржувањето на таквиот концепт во континуитет ќе му донесе поголема популарност и препознатливост на битолскиот фестивал на светската филмска мапа.































