Ако ги погледнеме развојот на човештвото и начинот на кој низ историјата се менувал идеалот за женската убавина, ќе забележиме нешто интересно: „убавата жена“ никогаш немала една форма. Она што една епоха го славела, друга го отфрлала. Телото што некогаш било симбол на убавина, во друго време станувало тело што треба да се промени. И тогаш се поставува едно едноставно прашање: Ако идеалот постојано се менува – колку тој навистина има врска со жената?
Почнав да размислувам за жената низ историјата. За нејзината улога. За нејзиното тело. И особено за моментот кога од битие, таа постепено почнува да станува имиџ. Во пештерите на Алтамира, меѓу најпознатите сведоштва на праисториската уметност, доминираат животните. Бизони, коњи, елени. Не можеме од тоа да заклучиме како тогашниот човек ја доживувал женската убавина. Но можеме да замислиме свет во кој немало фотографии, реклами, модни списанија, филтри и милиони слики што секојдневно му кажуваат на човекот како „треба“ да изгледа. И тогаш имало привлечност. Имало сексуалност. Имало љубов, раѓање и живот. Но немало Инстаграм и Фејсбук, огледало во кое жената илјада пати дневно се споредува со остатокот од светот.
Низ вековите женското тело добивало различни значења и различни форми во уметноста. Погледнете ја Гојината Гола Маја. Жената лежи природно. Има облини, има стомак, има тело што не изгледа како да бара дозвола да постои. Потоа доаѓаат други времиња и други идеали. Во дваесеттиот век ги имаме Мерилин Монро и нејзините облини. Потоа се појавува Твиги – сосема поинаква силуета – и светот повторно добива нова дефиниција за тоа што значи да се биде убава. Но нешто интересно почнува да се случува. Идеалот повеќе не е само слика што ја гледаме. Тој станува задача што треба да ја исполниме. Жената почнува да го споредува сопственото тело со телото што во моментот е прогласено за пожелно.
А кога телото не одговара? Тогаш телото треба да се поправи. Малку повеќе овде. Малку помалку таму. Поголеми усни. Поинакви гради. Поинаква половина. Поинаква форма на задникот. Поинакво лице. Филтер. Корекција. Уште една корекција. И полека се случува нешто парадоксално: во обидот да стане посебна, жената почнува да личи на сите други што го следат истиот идеал. Тука за мене започнува вистинското прашање. Не дали силиконот е добар или лош. Не дали жената треба или не треба да се шминка. Не дали треба да носи бикини, долга облека или ништо од тоа. Тоа повторно би било некој друг да ѝ кажува што треба да прави со своето тело.
Прашањето е: Од каде доаѓа изборот? Дали жената го менува своето тело затоа што тоа е нејзино автентично чувство? Или затоа што некаде длабоко научила дека нејзината природна форма не е доволна за да биде видена, посакувана, сакана или успешна? Тука идеалот на убавината престанува да биде естетика. Станува прашање на слободата.
„Плејбој“ создаде една епоха во која сексуализираната слика на жената стана огромен комерцијален производ. Денес веќе не ни е потребно списание. Жената може сама да стане и модел, и фотограф, и издавач, и производ. Телото собира внимание. Вниманието собира кликови. Кликовите создаваат вредност. И незабележливо се случува замената: Битието станува слика. Сликата станува производ. А производот мора постојано да се продава. Но што се случува со жената зад сликата? Тука не сакам да ја прогласам жената за жртва. Напротив. Токму тоа би ѝ ја одзело моќта уште еднаш.
Жената учествува во оваа култура. Понекогаш ја прифаќа. Понекогаш ја создава. Понекогаш заработува од неа. И токму затоа нејзината слобода започнува со можноста да праша: Дали ова навистина сум јас? И движењата за женска еманципација отворија огромни простори на права и можности што претходните генерации ги немаа. Но ниту една општествена победа сама по себе не може да одговори на најинтимното прашање: Која сум јас кога ќе престанам да се споредувам?
Можеби идната слобода на жената нема да биде во тоа да стане како мажот. Ниту да стане спротивност на мажот. Ниту да стане идеалната жена од екранот. Можеби следниот чекор е многу порадикален: да стане себеси. Да го погледне телото не како реклама, туку како жив храм во кој во овој момент се одвива нејзиниот живот. Да може да го менува ако сака – но да знае кој избира. Да биде сензуална без да мора да се продава. Да биде убава без да мора да биде иста. Да биде силна без да имитира туѓ модел на сила. Да биде жена без некој однапред да ѝ ја напише дефиницијата за тоа што треба да значи „жена“. Затоа прашањето за иднината можеби не е: Како ќе изгледа жената? Туку: Ќе избере ли жената сопствено постоење – или сопствено исчезнување зад совршениот имиџ? И можеби токму таму започнува новата убавина. Не во совршенството на сликата, туку во слободата на битието.































