Од втора награда во Македонија до меѓународно признание во Бари
Песната „Бршлен“ на македонската поетеса Гордана Каракашевска е наградена со почесно признание на годинешното издание на „Премио академико интернационале ди литература контемплоранеа“ што ја доделува наградата „Сенека“ во Бари, Италија. Наградата ја доделува Академијата за филозофски уметности и науки од Бари и претставува академско меѓународно признание за современа литература. Во рамките на наградата се организира меѓународен книжевен конкурс со повеќе категории, а „Бршлен“ е награден во категорија наменета за автори од странство. Според официјалните резултати, песната е меѓу добитниците на почесното признание во оваа категорија.
Конкурсот е отворен за автори од различни националности, а во категоријата за странски автори делата се доставуваат анонимно, без податоци што го откриваат идентитетот на авторот. Текстовите се оценуваат според нивниот јазик, литературен стил и содржина, независно од името на авторот.
Стручната комисија е составена од интелектуалци, универзитетски професори и академици, писатели, поети, литературни критичари и други личности од културниот и академскиот свет. Во комисијата за 2026 година се, меѓу другите, Џузепе Бонифачино, професор по модерна и современа италијанска литература на Универзитетот „Алдо Моро“ во Бари, и Пиетро Тотаро, редовен професор по грчки јазик и литература и историја на Античкиот театар на истиот универзитет. Претседател на комисијата е Паскале Панела. Наградата се доделува по десетти пат, во повеќе национални и меѓународни категории, меѓу кои поединечна песна, поетска збирка напишана или преведена на италијански јазик, краток расказ и новинарски напис. Во нејзината организација и селекцијата учествуваат членови на Академијата – интелектуалци, професори од повеќе универзитети и научници од различни области, поврзани со современата уметност и книжевност. Наградата е основана во чест на познатиот римски филозоф, драматург и политичар Сенека. Според концепцијата на наградата, неговото име е поврзано со поттикнувањето на поетите да размислуваат за фундаменталните теми на животот и за етичките прашања што го определуваат човековиот животен пат – за правдата и неправдата, правилното и погрешното и за вредностите врз кои се темели човечкото постоење.
За Гордана Каракашевска ова признание има особено значење и затоа што „Бршлен“ веќе беше награден во Македонија во 2024 година. Тогаш поетскиот избор „Бршлен“ ја освои втората награда на првиот конкурс за необјавено литературно дело на Катедрата за креативно пишување при Универзитетот „Американ колеџ“ во Скопје, организиран во соработка со издавачката куќа „Арс Ламина“.
Признанието во Италија е ново меѓународно признание за дело создадено на македонски јазик, а за Каракашевска претставува уште еден чекор во нејзиното меѓународно книжевно афирмирање и во претставувањето на македонската поезија надвор од границите на Македонија.
Свеченото доделување на наградите ќе се одржи на 24 октомври во Бари, Италија.































