Жила

  • Сите конфликти се поради ресурси. Не е само нафтата, денес сè повеќе се војува за таканаречените критични минерали. Без нив нема модерни батерии, нема чиста енергија, нема електронски чипови, а богами нема ни современа одбранбена индустрија. Како инаку ќе се поставува оружје во
    вселената? Светот наеднаш сфати дека иднината му зависи од неколку суровини, а нив ги нема насекаде. Македонија нема некоја моќна жила со ретки минерали, уште помалку резерви какви што имаат една Кина или
    Русија, но тоа што го има, колку и да го има, секако не е за потценување

Паметам едни времиња, кога уште бев дете, кога постарите ни раскажуваа приказни за тоа како под Македонија течела некоја клучна нафтена жила и дека ако еден ден успееме да ја откриеме, сите ќе живееме како блискоисточните шеици.
За волја на вистината, овие приказни често беа поткрепувани и со некои информации во весниците од тоа време, дека разни геолошки екипи вршеле испитувања де во Овче Поле де во Тиквешијата, па во Пелагонија, во потрага по нафта, поткрепувајќи го сето тоа со фактот дека тука некогаш било едно огромно море и не е исклучено да има нафта. Дел од приказната беше и дека таа нафта оди кон Јадранот, кон Албанија и Црна Гора. А тие испитувања во Јадранско Море траат и ден-денес, што значи дека некој уште верува дека на овие простори има некоја нафтената жила.
Како и да е, ние нафта не најдовме, а како старееме сè помалку „пиеме нафта“, така што добро е што по многу години почнавме да размислуваме за искористување на она што знаеме дека реално го имаме, не од „ти реков-ми рече“, туку потврдено со истражувањата.
Не е никаква тајна дека војните што секогаш се воделе во светот биле за ресурси, добро понекогаш и за територии, но во најголем дел целта била со воена сила да се обезбеди она што ѝ е потребно на економијата. И врапчињата на гранка знаат зошто на пример денес плаќаме 100 денари за литар бензин. Откако Ормуз со децении беше слободен за пловидби и транспорт на нафта, некому му текна дека со ескалација на регионот може дополнително да се заработува така што ќе се наплаќа преминот низ теснецот. Кога на тоа ќе се придодадат постојаните напади врз енергетската инфраструктура, кренат во воздух некој нафтовод, некој гасовод, понекоја рафинерија, еве ја енергетска криза. Едноставно вештачки искреирана криза, а цената ја плаќаат обичните граѓани.

Муабетот ми е дека сите конфликти се поради ресурси. Не е само нафтата, денес сè повеќе се војува за таканаречените критични минерали. Без нив нема модерни батерии, нема чиста енергија, нема електронски чипови, а богами нема ни современа одбранбена индустрија. Како инаку ќе се поставува оружје во вселената? Светот наеднаш сфати дека иднината му зависи од неколку суровини, а нив ги нема насекаде.
И гледам деновиве во таа голема глобална шаховска игра проструи веста за македонскиот антимон. Од Крива Паланка и Крстов Дол, преку Лојане, па до Алшар, нашата мала и прекрасна земја повторно ја разбранува приказната дека има нешто вредно под нашите нозе.
Едно уште во старт да расчистиме. Немаме ние некоја моќна жила со ретки минерали, уште помалку резерви какви што имаат Кина или Русија, но тоа што го имаме, колку и да го имаме, секако не е за потценување. И тука доаѓаме до клучниот испит за нас како држава.
Прво и најважно, потребно е да се направат сериозни испитувања со најнови технологии за да видиме колкаво количество руда навистина има, со каков процент на метал и колку од тоа може современо и економски исплатливо да се ископа. Нам ни требаат чисти сметки и меѓународно признаени извештаи, а не приказни за нафтената жила под земјава.
Второ, и можеби најважно од сè, рудата е под земја, ама животот е над неа. Што значи тоа? Тоа значи дека ниту еден грам антимон, злато или бакар не е повреден од нашата пивка вода, нашата плодна почва и здравјето на луѓето. Не смееме да дозволиме нови еколошки рани какви што со децении го мачат Лојане. Секој ископувачки зафат мора да има строги еколошки гаранции и стандарди, строг мониторинг и затворен систем каде ништо не се истура во нашата природа.

И трето, ако веќе имаме доволно руда за нејзината експлоатација да биде економски исплатлива, тоа во никој случај не смее да значи претворање на земјава во „евтина колонија“. Најлесно е да го ископаме каменот, да го затвориме во вреќи и да го извеземе како суровина за друг да го прави богатиот профит, а нашите работници повторно да бидат слабо платени и незадоволни. Вистински државен суверенитет значи да ја задржиме контролата во свои раце! Државата мора да биде присутна во секој чекор од процесот. Мора да има збор, право да контролира, но и право веднаш да ја прекине работата ако приватниот инвеститор отстапи од договореното. Клучно е да се избориме за преработка кај нас, за наши инженери, за наши хемичари и за домашни компании што ќе живеат од тој синџир, односно што повеќе од процесот да задржиме тука.
Македонија можеби е мала, ама не смее да биде наивна. Богатството под нашата земја не е за брза распродажба на првиот што ќе тропне на портата. Тоа е адут за иднината на нашите деца, но само ако покажеме дека знаеме да бидеме вистински домаќини во сопствената куќа.