КОШАРКА
- Во најсилното континентално клупско кошаркарско натпреварување, порано со име Куп на шампионите, почнува 69. сезона, а 26. во ерата на Евролигата
Неделава почнува новата сезона во кошаркарската Евролига, која објави и серија измени и појаснувања на правилата што важеа за првиот Суперкуп на Евролигата викендов (победи Реал Мадрид), како и за претстојните сезони во Евролигата и во Еврокупот. Во најсилното континентално клупско кошаркарско натпреварување, порано со име Куп на шампионите, тоа ќе биде 69. сезона, а 26. во ерата на Евролигата. Минатата сезона Олимпијакос ја освои титулата.
Промените и појаснувањата се однесуваат на, на пример, чинот на шутирање, контактите, техничките грешки, неспортскиот прекршок, дефанзивниот полукруг, можностите за тренерите да оспорат судиска одлука… Од нив, техничките грешки, на пример, се поделени на две категории, од кои едната се смета и за евентуалното исфрлање од игра. И досегашните неспортски прекршоци се поделени на два дела, од кои едниот, исто така, се смета и за евентуалното исфрлање од игра.
Тренерите и понатаму ќе имаат две можности за оспорување судиска одлука, но ќе загубат една ако не употребат ниту една до 38. минута од мечот, пишува Евролигата. Преглед на ситуација може да се побара во кој било момент од натпреварот за сѐ што е на листата на ситуации што може да се прегледаат, со еден исклучок, а тоа е дека тренерите не можат да оспорат што играч направил прекршок, пишува Евролигата. Судиите можат сами да го прегледаат идентитетот за да исправат можна грешка. Од другите измени, судиите повеќе нема да даваат опомена пред да досудат техничка грешка за однесување или за симулирање прекршок. Опомените остануваат за други ситуации, на пример, за одложување на играта. Ако се случи тепачка, на резервните играчи и на другиот персонал од клупата им е забрането да стапнат на теренот. Тие нема да бидат автоматски дисквалификувани за интервенција за враќање на редот, сѐ додека репродукција на видеоснимка може да потврди дека тие не биле вклучени…, пишува Евролигата.
Во првото коло в четврток ќе играат Дубаи – Реал Мадрид, Хапоел Тел Авив – Баерн, Црвена звезда – Жалгирис, Панатинаикос – Париз, Барселона – Анадолу Ефес, Басконија – Олимпијакос и АСВЕЛ – Макаби Тел Авив, а в петок се дуелите Бешикташ – Валенсија, Фенербахче – Виртус и Партизан – Олимпија Милано. Н.М.
Евролига, 1. коло
Дубаи – Реал Мадрид четврток, 18 ч.
Хапоел Тел Авив – Баерн четврток, 18 ч.
Црвена звезда – Жалгирис четврток, 20 ч.
Панатинаикос – Париз четврток, 20.15 ч.
Барселона – Анадолу Ефес четврток, 20.30 ч.
Басконија – Олимпијакос четврток, 20.30 ч.
АСВЕЛ – Макаби Тел Авив четврток, 20.45 ч.
Бешикташ – Валенсија петок, 19 ч.
Фенербахче – Виртус петок, 19.45 ч.
Партизан – Олимпија Милано петок, 20.45 ч.

































