По иницијатива на Раде Силјан, поезијата на грчкиот поет Сотирис Минас доби двојазично издание во Македонија. Збирката „Раскинување на договорот“ денеска беше промовирана во книжарницата на „Матица македонска“ во Скопје, пред бројна публика која го исполни просторот и дел од просторот пред книжарницата.
Изданието ги содржи песните на Минас на грчки јазик и нивните македонски препеви, кои ги направил самиот автор. Силјан, основач и главен уредник на „Матица македонска“, е иницијатор и главен двигател на проектот.
Значењето што Минас му го придава на двојазичното издание го објаснува во авторската белешка.
– Мојата одлука да ја објавам оваа збирка во Македонија, преку издавачката куќа „Матица македонска“, е свесен чин на правда – наведува поетот.

Минас присуството на двата јазика во книгата го определува како практично признавање на македонскиот идентитет и како порака за заемно почитување.
– Тоа е чин на солидарност што ги урива границите и бара заемна почит – пишува тој.
„Раскинување на договорот“ ги поврзува темите на јазикот и личниот идентитет со борбата против стравот и замолчувањето. Во песните Минас пишува за љубовта, ранливоста и потребата човек да се ослободи од наметнатите ограничувања и забрани.
За книгата на промоцијата говореше Иван Антоновски, по што пред публиката се обрати и самиот автор.
Промоцијата собра писатели, професори, уметници, студенти и читатели од различни генерации, кои ја исполнија книжарницата на „Матица македонска“ во Скопје.

































