Фото: Пиксабеј

Моделот на вештачка интелигенција „Џемини“ на компанијата Гугл пристапил до интернет и хакирал три компании за време на тестирање на неговите способности во областа на сајбер-безбедноста, што е прв познат случај во кој систем на компанијата самостојно извршил таква акција, објавија утрово британските медиуми.

Хакирањето се случило во мај, за време на тестирање на сајбер-безбедноста спроведено од „Ирегулар“, независна фирма за проценка на сајбер-безбедноста.

За време на стандардната процедура на тестирање, „Џемини“ пронашол јавно достапни информации на интернет и ги погодил податоците за пристап до три веб-страници за кои сметал дека се опфатени со тестот, изјави потпретседателката за безбедносно инженерство на Гугл, Хедер Аткинс.

 – Се уверивме дека трите организации се известени и работевме со нашиот партнер на обуката за промените што тие сега ги направија во своите процеси на тестирање – рече Аткинс.

Портпаролот на „Ирегулар“ рече дека инцидентот го вклучувал истиот проблем што ги погодил и другите лаборатории за вештачка интелигенција и дека сите релевантни лаборатории биле известени кон крајот на јули.

Слични инциденти поврзани со „Ирегулар“ биле пријавени и од Мета, Антропик и ОпенАИ.

Инцидентите ги покренаа прашањата за потребните заштитни мерки, бидејќи агентите на вештачката интелигенција добиваат поголема автономија и пристап до интернет и компјутерски системи.

Во еден од случаите, „Џемини“ погодувал лозинки сè додека не добил пристап до заштитен систем. Во другите два случаи, моделот пронашол податоци за пристап во јавно складиште, што му овозможило пристап до заштитени системи, наведе „Волстрит журнал“, медиумот кој во петокот прв ја објави веста.