Денови на хрватскиот филм во Кинотеката на Македонија (22–27 септември)

Амбасадата на Република Хрватска од 22 до 27 септември во Кинотеката на Македонија организира Денови на хрватскиот филм, во чии рамки ќе прикажува селекција од современи и наградувани хрватски филмови. Сите проекции започнуваат во 20 часот. Влезот за сите проекции е целосно бесплатен.
Деновите на хрватскиот филм ќе започнат на 22 септември, во 20 часот, со изложба на филмски постери од филмовите што ќе бидат прикажани на програмата и проекција на краткиот игран филм „Човекот што не можеше да молчи“. Во 2025 година филмот беше номиниран за престижната награда „Оскар“ во категоријата најдобар краток игран филм, ја освои наградата „Златна палма“ за најдобар краток филм на фестивалот во Кан во 2024 година, добитник е на наградата на Европската филмска академија за најдобар краток филм и на француската награда „Цезар“ за најдобар краток филм.
На 23 септември ќе биде прикажан долгометражниот филм „Седмо небо“ во режија на Јасна Нанут, а наредниот ден – долгометражниот филм „Фрка“ во режија на Свебор Михаел Јелиќ, добитник на Специјална награда на Филмскиот фестивал во Пула во 2024 година..
На 25 септември на програмата е долгометражниот филм „Прослава“ во режија на Бруно Анковиќ, добитник на „Златна арена“ за најдобар филм, за најдобро сценарио (Јелена Паљан), за најдобра машка главна улога (Бернард Томиќ), за фотографија (Александар Павловиќ), како и на наградата „Синема нетворк“ на Филмскиот фестивал во Пула 2024, добитник на Филмскиот фестивал во Херцег Нови 2024 – „Златна мимоза“ за најдобро сценарио (Јелена Паљан), на Медитеранскиот филмски фестивал во Александрија во 2024 година – добитник на наградата за најдобар режисер (Бруно Анковиќ) и најдобро сценарио (Јелена Паљан). Хрватското друштво на филмски критичари во 2025 година му ја додели наградата „Октавијан“ за најдобар долгометражен филм.
На 26 септември ќе биде прикажан долгометражниот филм „Пејте нешто љубовно“ во режија на Горан Куленовиќ, кој на Филмскиот фестивал во Пула во 2007 година ја доби наградата на публиката „Златна порта“, како наградата за најдобар филм, добитник е на „Златна арена“ за сценографија и за костимографија.
На 27 септември на програмата е документарно-долгометражниот филм „Риека или смрт“ (Fiume o morte!) во режија на Игор Безиновиќ, добитник на „Златна арена“ за режија (Игор Безиновиќ), за шминка (Ивана Пралија), за костимографија (Тајчи Чекада; Мануела Паладин), за сценографија (Антон Спацапан), за кастинг (Сара Јакупец), за продукција (Вања Јамбровиќ; Тибор Кесер) На Меѓународниот филмски фестивал во Ротердам во 2025 година ја освои наградата за најдобар филм (натпреварувачка програма „Тигар“), како и наградата ФИПРЕСЦИ. На Вуковарскиот филмски фестивал во 2025 година ја освои наградата за најдобар документарен филм, на Словенечкиот филмски фестивал 2025 – наградата од публиката за најдобар филм, како и наградата „Весна“ за најдобра словенечка малцинска продукција, за најдобра кинематографија, како и Европската филмска награда за најдобар документарен филм. В.Д.