Деновиве се изнаслушав приказни за тоа колку ни биле неписмени децата, како биле на дното во Европа, како не чинеле професорите, како било уништено образованието, како училиштата не си ја вршеле работата… А јас би го поставил прашањето малку поинаку: Кога последен пат ние, возрасните, сме се запрашале каков живот им направивме на тие деца?
Прифативме сè што дојде од светот. И тоа што требаше и тоа што не требаше. Менувавме системи, навики, работно време и начин на живот, убедени дека така стануваме „модерни“ и дека се приближуваме кон Европа.
Порано се знаеше. Лете се одеше на работа од 6 до 14 часот, зиме од 7 до 15. Ќе завршиш работа, ќе си дојдеш дома и пред тебе има уште половина ден. Имаш време да ручаш со семејството, да разговараш со детето, да го прашаш што правело на училиште, да му помогнеш, да го искараш кога треба, да го пофалиш кога заслужува. Имаш време и за него и за себе. Денес многу млади родители почнуваат со работа во 9, завршуваат во 17, па додека стигнат дома, особено зиме – веќе е темница. Уморни, нервозни, со уште сто обврски што ги чекаат. Кои деца? Кое воспитување? Кој семеен ручек? Кој разговор?
А потоа се чудиме што децата ни се вакви или онакви. Јас отсекогаш сум верувал дека домашното воспитување е првото и најважното училиште. Училиштето може да го научи детето математика, јазик, историја и физика, но наставникот не може да ја замени мајката или таткото. Учителите и професорите не се суперлуѓе. Не можеме ним да им оставиме по триесет деца во училница и да очекуваме, покрај знаење, да им ги дадат и целата љубов, внимание, дисциплина и воспитување што треба да ги добијат дома.
А родителите? И тие можеби сакаат. Но кога? Полека го претворивме животот во работа, патување до работа, враќање од работа и спиење за утре повторно да одиме на работа.
И последиците не ги гледаме само кај децата. Погледнете околу себе колку продавници и места за готова храна никнаа. Не затоа што луѓето одеднаш заборавиле да готват, туку затоа што сè почесто немаат време ни ручек да си направат дома. Се изгуби семејниот ручек. Се изгуби попладнето со децата. Се изгуби разговорот. Се изгуби времето за себе. А со тоа полека почнаа да исчезнуваат и семејните вредности.
И по сето тоа ќе извадиме некаква статистика и ќе кажеме: „Децата ни се неписмени“.
Не велам дека училиштата немаат вина. Не велам дека образовниот систем е добар. Сигурно има многу работи што мора да се менуваат. Но пред целата вина да ја истуриме врз наставниците и децата, можеби треба да погледнеме малку пошироко. Какво општество создадовме за тие деца? Можеби проблемот не започнува во училишната клупа. Можеби започнува многу порано – во домот во кој сите се сакаат, ама никој веќе нема време за никого.
И ако навистина сакаме пописмени, повоспитани и посреќни деца, можеби покрај реформите во образованието, конечно треба да направиме и една многу поважна реформа: да им го вратиме времето на семејствата.
































